Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес престојува во работна посета на Кралството Шпанија, на покана на Аранча Гонзалес Лаја, министерка за надворешни работи, ЕУ и за соработка.

На средбата со својот домаќин, Димитров бил информиран дека ратификацијата на Пристапниот протокол е веќе започната во шпанскиот Парламент, по скратена постапка и дека се очекува утре да биде усвоена од Комисијата за надворешни работи на Долниот дом, а веќе следената недела ќе биде ставена на гласање на пленарна сесија во Долниот дом по што постапката ќе продолжи во Сенатот. Очекувањата се дека целата постапка би требало да заврши до крајот на март.

Министрите Димитров и Гонзалес Лаја разговарале и за ЕУ перспективите на нашиот регион, во светло на новата методологија на ЕК за пристапни преговори.

– Беше изразено очекување дека во март ќе бидат валоризирани севкупните постигнувања и реформски активности на Северна Македонија со што конечно ќе биде донесена позитивна одлука за започнување на пристапните преговори со Европската Унија. Лаја ја реафирмираше шпанската поддршка за Северна Македонија – соопшти МНР.

– Посетата на Шпанија после подолго време на ниво на МНР се случува во вистинскиот момент, кога од обете страни се очекуваат добри вести. Водејќи се од мислата на Сервантес „Да се биде подготвен, значи половина победа”, убеден сум дека ние сме подготвени, а Шпанија ќе биде дел од заедничката победа и успешните вести од нашиот регион – рече Димитров.