На покана на алтернативниот министер во грчкото Министерство за надворешни работи, Милтиадис Варвициотис, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, утре ќе биде дел од специјалната дискусија „Западниот Балкан учествува во дијалогот за иднината на Европа“.

Преку учеството на вицепремиерот Димитров заедно со министрите за европски и надворешни работи од регионот, како и словенечкиот претставник на претседателство со Советот на ЕУ, ќе се дискутираат ставовите на земјите и граѓаните од Западен Балкан и ЕУ во однос на иднината на Европа.

Настанот се одржува на маргините на 85-тиот Меѓународен саем во Солун и е дел од грчкиот национален дијалог во рамки на Конференцијата за иднината на Европа, како делиберативен процес за одредување на идните насоки на европската интеграција.