Уверен сум дека Црна Гора ќе биде меѓу првите земји чие Собрание ќе го ратификува протоколот за пристапување на Република Македонија во НАТО, изјави претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

– Се радуваме што ќе ѝ се придружиме на Црна Гора во НАТО и во процесот на преговори за членство во ЕУ – истакнал шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на средбата со Брајовиќ и се заблагодарил на конзистентната поддршка што Македонија ја добива од Црна Гора на тој план.

Двајцата соговорници, како што соопшти МНР, размениле мислења за сèвкупните односи меѓу Црна Гора и Република Македонија и се сложиле за потребата одличните пријателски односи да добијат и интензивна економска димензија.