Комисијата за надворешна политика, на која излагање за остварувањето на меѓународната политика требаше да има министерот за надворешни работи Никола Димитров, и денеска не почна со работа бидејќи претседателот на Комисијата Антонио Милошоски остана на ставот пратениците кои имаат безбедносни сертификати да ги добијат класифицираните материјали од две средби на државниот врв кај преседателот на РМ. Тие, како што рече, се многу битни и значајни за надворешната политика, што е поврзано со точката на дневниот ред и работата на министерот.

Тој потенцираше дека и покрај вчерашниот договор, материјалите иако уредно биле доставени до Собранието, се уште не се доставени до членовите на Комисијата и пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат и оти тоа говори дека власта и владејачкото мнозинство се обидуваат нешто да сокријат.

Милошоски повтори дека материјалите се однесуваат на две средби што се одржале кај претседателот на државата во врска со преговорите за името со Грција во јануари и мај, на кои како што рече, биле изнесени различни ставови.

– Нека се достават материјалите и да се види кој мислел и сметал дека менувањето на Уставот е добра, а кој дека е понижувачка работа, рече Милошоски.

Минитерот Димитров, побара збор и истакна дека е подготвен да разговара на која било тема во кое било време, но оти не е подготвен да биде соочесник или сведок на кривични дела.

– Немам ништо да кријам од целиот процес. Тоа што го кажувам пред вас, го кажувам пред граѓаните, тоа сум го разговарал и со Грција и со нивните претставници, со политичките лидери, со премиерот, претседателот… Објавување информации класификувани како државна тајна можат да направат трајни штетни последици врз државите интереси на РМ. Овој процес уште трае пред нас е референдум, а пред Грција ратификација. Објавување ставови и преговарачки позиции може да му наштети на овој процес, рече Димитров.

Тој кажа дека не знае за какви материјали станува збор бидејќи, како што посочи, на првата средба кај Иванов не било договорено да се водат белешки. Прашање е, потенцира Димитров, кој ги направил, како ги класификувал и како одлучил кому да ги достави. Истакна дека МНР нема материјал од лидерската средба од јануари 2018 година.

– Ова што се прави е упад и саботажа која ја доживувам како андтидржавен потег, рече Димитров.

Пратениците од владејачките партии го опоменаа Милошоски дека со изнесување на делови од такви материјали прави кривично дело, оти кривично дело било и доколку тој имал увид во нив, а нема безбедносен сертификат. Побараа да почне седницата со излагање на министерот Димитров, а потоа кога материјалите ќе бидат доставени да се расправа за нив на друга седница, што не беше прифатено од претседателот на комисијата Милошоски.

Координаторот на СДСМ Томислав Тунтев рече дека со ваквото однесување Милошоски го крши Деловникот.

– Имаме утврден дневен ред на седницата и по него треба да работиме, рече Тунтев. Тој додаде дека подоцна кога материјалите во законска процедура ќе бидат доставени до пратениците кои имаат безбедносни сертификати ќе може да се расправа за нив.

Од истите причини Комисијата и вчера не ја одржа седницата, по што беше договорено таа да продолжи денеска.

Комисијата во моментов е на пауза и неизвесно е дали и кога ќе продолжи.