Не можам да му одземам нешто што не сум му дал, е одговорот на пратеникот Емил Димитриев на прашање како ќе гласа тој за предлогот за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски, пред седницата на комисијата за мандатни прашања на која единствена точка на дневен ред е предлогот за одземање на мандатот на Груевски поради шестмесечно неоправдано отсуство од Собранието.

Димитриев не сакаше да говори во име на целата пратеничка група, тој потенцира дека ова е негов личен став.

Ниту другите пратеници од ВМРО- ДПМНЕ не сакаат да кажат дали сметаат дека Груевски треба да остане пратеник, но го проблематизираат кредибилитетот на прстеникот Павле Богоевски кој ќе претседава со комисијата. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска, рече дека секој пратеник треба да сноси морална одговорност и самиот е одговорен за личниот кредибилитет. Таа не прецизира, но сè поизвесно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе бара изземање на Богоевски од комисијата.

За пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец, пак, секое дефокусирање и можно одбегнување на дебатата за мандатот на Груевски значи занимавање со ланскиот снег, наместо со конкретниот проблем.

Седницата за мандатот на Груевски е закажана за утре во 11 часот, а се очекува со неа да претседава Павле Богоевски, иако не се исклучува можноста на негово место да седне заменичката Снежана Калеска Ванчева.