Досегашниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, е во убедливо водство за градоначалник на Куманово на локалните избори. Според податоците од Државната изборна комисија, Димитриевски засега има 47 отсто од гласовите.

Зад него е Оливер Илиевски од СДСМ со 31,6 отсто од гласовите, а кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Михајловски има 17 отсто од досега преброените гласови.

Кога беше избран за градоначалник, на 15 октомври 2017 година, Димитриевски ја напушти пратеничката функција. Но, во екот на пандемијата, минатата година, кога Куманово беше најголемо жариште на ковид-19, дојде до несогласувања на Димитриевски со раководството на СДСМ, како и со тогашната техничка влада, на чело со Оливер Спасовски. За недоразборања со Димитриевски се зборуваше и по конгресот на СДСМ, кога кумановскиот градоначалник не влезе во листата на кандидати што ја подготви Заев за членови на новиот Централен одбор на партијата.

Димитриевски на локалните избори реши да се кандидира за втор мандат, но овојпат како независен кандидат, по што беше исклучен од матичната партија.