Актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски реагира откако синоќа беше соопштено дека не е повеќе член на СДСМ. Не е познато кој партиски орган ја донел одлуката за Димитриевски, но од СДСМ се повикаа на Статутот и забележаа дека кумановскиот градоначалник самиот се исклучил од партијата со одлуката да настапи на изборите како независен кандидат.

Димитриевски денеска, спротивно на раководството, наведува дека неговото ислучување не е легитимно бидејќи не е согласно статутот на СДСМ.

– Длабоко сум разочаран и искрено жалам за таквата, би рекол шверцерска, полноќна одлука на поединци на раководството на мое СДСМ. Дури ни таквата одлука не е легитимна, затоа што не е согласно статутот на СДСМ. Одлуката за исклучување се носи на седница на Извршниот одбор, па потоа на седница на Централниот одбор на партијата. Моите информации велат дека такви седници не се одржала. Правно формално јас сè уште сум член на СДСМ. Небулозата дека сам себе сум се исклучил не би ја коментирал. Но како и да е, тоа кажува за демократскиот капацитет во партијата и го потврдува мојот став искажан неодамна, дека СДСМ е узурпирана од неколкумина кои со своите интриги и манипулации предизвикуваат огромна разочараност и штета кај членството, симпатизерите и поддржувачите, и сакаат Куманово да го претворат во свој пашалак. Кумановци тоа нема да го дозволат – рече Димитриевски.

Тој нагласи дека по убедување е социјалдемократ, со јасна и прецизна социјалдемократска идеја. Во реакцијата наведе дека Куманово е револуционерен град и на 17 октомври кумановчани ќе го покажат својот непокор и пркос, упатувајќи силна порака кој на кого му свртел грб.

Претходно, Димитриевски соопшти дека ќе настапи на локалните избори како независен кандидат, по сознанија дека нема да ја добие поддршката од СДСМ. Владејачката партија потоа излезе во јавноста со изјава дека Димитриевски ѝ свртел грб на партијата. Вчера, СДСМ соопшти дека за градоначалник во Куманово го кандидира Оливер Илиевски.