Фото: Маја Јаневска-Илиева

Државната изборна комисија информира дека сè уште се врши прием на материјалот од општинските изборни комисии и при тоа рачно се проверуваат записниците за сумирање и утврдување на резултатите од избирачките места, како и записниците за сумирање и утврдување на резултатите од општините со цел точно да можат да се утврдат неофицијалните конечни резултати.

– Неофицијалните конечни резултати ќе бидат соопштени на попладневната седница на Државната изборна комисија, за која благовремено ќе известиме – соопшти ДИК.

Веб-страницата на ДИК и денеска не функционира.

Според последните неофицијални резултати на Државната изборна комисија, од преработени 3.421 од вкупно 3.480 избирачки места, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратенички места, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата 44.

ДУИ освои 15 пратенички места, а коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива – 12. Левица освои две пратенички места и ДПА едно место во Парламентот.

Според неофицијалните резултати, СДСМ и коалицијата освоиле 36,12 отсто гласови, а ВМРО-ДПМНЕ 34,85.