Државната изборна комисија ја води кампањата „Ти си на ред“ за претстојните предвремени парламентарни избори 2020. Со герила-акција, за првпат досега, екипата на ДИК ги посети Охрид и Струга. На плоштадите од двата града беа поставени две големи поставки од големо стаклено ѕвоно и гел за дезинфекција со цел да им се приближат пораките за безбедно гласање до гласачите.
Со пораките „Заштити се себеси и другите“ и „Гласај безбедно“, Државната изборна комисија упати апел за сигурни и безбедни избори. На плоштадите од двата града на безбеден начин се поделија едукативни брошури и флаери на случајните минувачи за безбедно гласање и точно опишан начин како треба секој гласач да постапува на гласачкото место за да се заштити од коронавирусот.
Safety или безбедносната брошура што од ДИК ја подели на граѓаните на Охрид и Струга содржеше гел за дезинфекција и маска за заштита од коронавирусот. Освен што ги информираше преку пораките и поставките, ДИК на овој начин имаше и акција за заштита на граѓаните.
Оваа герила-акција, подготвена од Државната изборна комисија, се случува за првпат во нашата држава. Со ова, од таму покажаа неверојатна грижа за здравјето на граѓаните и континуиран напор во поставувањето пример за државна институција која треба да се одликува со независност, непристрасност, одговорност и професионалност во работењето. Со овој пример на информирање на граѓаните и нивна заштита во време кога целиот свет е соочен во борба со невидливиот непријател ковид-19, Државната изборна комисија постави нови стандарди во функционирањето на државните институции, се наведува во соопштението.