Фото: Игор Бансколиев

На гласањето нема да се користат пенкала за една употреба, како што се споменуваше, бидејќи ќе има редовна дезинфекција при процесот на гласање, особено при влез и излез на секој гласач

Државната изборна комисија (ДИК) активно се подготвува за реализација на денот на гласањето на15 јули годинава, кое првпат ќе биде организирано по специфични протоколи заради заштита од евентуално ширење на коронавирусот меѓу оние што ќе работат на изборите и оние што ќе гласаат.
Иако денеска почнува предизборната кампања, до вчера до ДИК не беа пристигнати целосните безбедносни протоколи од Комисијата за заразни болести, но членовите на ДИК на терен активно ги проверуваат сите избирачки места за да ги утврдат просторните капацитети, дали може да се одржи дистанца од два метри или, пак, да се заменат некои од избирачките места со поголеми простории, каде што ќе се обезбеди целосна безбедност за учесниците во изборите.
Она што засега е сигурно е дека на гласањето нема да се користат пенкала за една употреба и дека ќе има редовна дезинфекција при процесот на гласање, особено при влез и излез на еден гласач.

ДИК веќе расчистила и уште една дилема за која се стравуваше во јавноста, а тоа е дали може да се избрише спрејот за обележување при гласање со средство за дезинфекција што содржи алкохол. Анализите покажале дека е невозможно да се случи тоа.
Оливер Дерковски, претседателот на ДИК, вели дека и покрај тоа што сѐ уште не се пристигнати безбедносните протоколи, тие се фокусирани на реализација на процесот на гласање. Тимови на ДИК, составени од членови и вработени во Комисијата, како и претседатели на општинските изборни комисии на територијата на целата држава деновиве ги проверуваат просториите каде што ќе се извршува гласање, за обезбедување на соодветните безбедносни и здравствени мерки за заштита од ковид-19, за време на предвремените парламентарни избори на 15 јули годинава.
– Во моментот одиме на терен и ги проверуваме избирачките места, за да утврдиме кои простории можеме да ги замениме со поголеми, за да има дистанца и да има проветрување на просториите. Пенкалата остануваат исти за секој гласач, зашто на влезот и излезот од гласачкото место секој ќе биде дезинфициран. Исто така, утврдивме дека не постои опасност од бришење на спрејот со кој се обележува секој гласач – објаснува Дерковски.

Тој очекува деновиве да биде доставен официјален документ, протокол за спроведување на целиот изборен процес.
Борис Кондарко, еден од членовите на ДИК, вели дека една недела сигурно ќе трае проверката на избирачките места и засега не може да се предвиди колку од нив ќе бидат променети и вели дека јавноста ќе биде информирана откако ќе направат збирни анализи.
– ДИК ќе обезбеди дезинфекција на сите простории за гласање, а Министерството за здравство е задолжено да обезбеди заштитна опрема, како маски, ракавици и средства за дезинфекција на сите гласачки места и за сите членови на избирачките одбори – одговара Кондарко.
Инаку, Владата донесе измени и дополнувања на уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието со дополнителен член 5-а, со кој се утврдува дека доколку не се исполнети просторните услови на просторијата во која е сместено гласачкото место или просторијата каде што треба да се спроведува гласањето, ДИК може да определи друг соодветен простор што ги исполнува условите за спроведување на гласањето.