Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вториот круг од седмите локални избори од самостојноста на земјава и втори во услови на пандемија, според оцената на институциите, се одржаа вчера во мирна и демократска атмосфера.
Гласање за градоначалници на вториот круг од локалните избори имаше во 44 општини, на 2.481 избирачко место, вклучувајќи го и градот Скопје. Во првиот круг се прегласуваше на по едно избирачко место во Дебар и во Шуто Оризари.
Право на глас во општините во кои не беше избран градоначалник во првиот круг имаат 1.353 990 избирачи.

Вкупно избирачи 1.335.556
Обработени (98,56%) 1.316.277
Гласале 639.853
Извор: Државна Изборна Комисија
Излезност до 18.30 часот

Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, соопшти дека одзивот до 18.30 часот на вториот круг од локалните избори изнесува 48,88 отсто. Вкупно, до 18.30 часот, гласале 555.943 гласачи.
Најголем е одзивот во Кочани, 81,2 отсто, а најмал е во Сарај, 28,12 отсто.
При гласањето во првиот круг, одзивот во 18.30 часот беше 48,99 отсто.
– Имавме успешен и мирен ден, со изолиран број на инциденти. Имавме фер и демократско гласање, каде што видовме дека уредите за биометриска идентификација работеа беспрекорно, освен во неколку случаи изутрина… Сметам дека треба да причекаме сега да се пребројат резултатите и да заклучиме дека денот помина успешно – изјави Даштевски.


СДСМ: Граѓаните гласаа слободно

Во првото обраќање по завршувањето на гласањето, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, истакна дека на денот на изборите победила демократијата, слободната волја, и покрај обидите за компромитирање на изборниот процес од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
– Не успеаја обидите на ВМРО-ДПМНЕ со своите режимски тактики да ги компромитира изборите. Таков беше случајот со Ѓорче Петров, Кочани и Македонска Каменица. Таму ВМРО-ДПМНЕ со своите режимски тактики се обиде да влијае врз волјата на избирачите. Но граѓаните гласаа слободно и нивната избирачка волја не беше доведена во прашање – рече Кузевска.
Инаку, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по завршувањето на изборниот ден, го изрази своето задоволствo како протекол вториот круг, но и во целост како поминале локалните избори, во мирна и фер атмосфера, со положен демократски испит на зрелоста на нашата земја.
– За тоа честитки заслужуваат граѓаните, кои покажаа дека знаат што е демократија, дека демократија не е нешто што се случува само за време на избори, но изборите се показател до каде сме стигнале во тој континуиран процес на градење. Демократијата станува дел од културата на нашето граѓанско општество – истакна Спасовски.


ВМРО-ДПМНЕ со забелешки за низа нерегуларности и притисоци

ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција по завршувањето на вториот круг од локалните избори верува дека победува по изборниот ден, за кој оцени дека поминал со низа нерегуларности и притисоци.
Опозициската партија тврди дека граѓаните, со зголемениот одзив на изборниот ден, всушност ја казнуваат власта на СДСМ, која ја обвинија за одговорна за, како што соопштија, низа нерегуларности и притисоци.
Како политичка партија, згрозени сме од недемократското однесување на власта, но ќе ги искористиме сите правни дејства и ќе ги информираме меѓународните институции – истакна Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа рече дека во овој момент е рано да се објават какви било резултати од локалните избори, но, како што изјави, резултатите со сигурност ќе бидат поволни за ВМРО-ДПМНЕ.
– Веруваме во победа. Очекуваме победа во Скопје и во многу други општини – истакна Митева.


ДУИ: Успешните избори се севкупен политички успех

Веднаш по завршување на изборниот ден, Бујар Османи од ДУИ изјави дека и во вториот круг имавме мирни, слободни и фер избори, во кои граѓаните уште помасовно од првиот круг излегоа да го искористат демократското право самостојно да одлучат кој ќе ги предводи општините следните четири години.
– Дозволете честитката за вистинската победа да ја пренесам на сите нас, пред сѐ на граѓаните, на државата, на институциите, на сите што на каков било начин учествуваа во изборите. Им честитам на сите избирани преставници на локалната власт, без разлика од која политичка партија доаѓаат. Самиот овој факт што имавме навистина успешни избори, претставува севкупен политички успех, преку кој државата потврди дека претставува зрела демократија, земја што не случајно е членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија. Со гордост морам да потврдам дека на овие избори зелената агенда беше најкреативната и најуспешната понуда што граѓаните ја прифатија. Локалната власт и избраните од утре треба да почнат да се справуваат со локалните предизвици – изјави Османи.