Фото: Дарко Андоновски

До 15 часот вкупно гласале 396.252 граѓани што е 28,89 отсто од вкупно евидентираните во Избирачкиот список.

Како што соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски, во моментов пристигнуваат податоци од уште три општини, Гази Баба, Гостивар и Крива Паланка, но не се очекува тие драстично да го променат сегашниот резултат.

-Нема посериозни нарушувања на избирачкиот процес. Гласањето се одвива мирно, без какви било проблеми. Се надевам дека така ќе заврши изборниот ден, како што впрочем апелиравме и очекувавме – во фер и демократска атмосфера, истакна Деркоски.

Тој сепак информира дека до ДИК се пристигнати осум нови приговори за нарушување на гласачкото право кои дополнително ќе бидат анализирани.

Деркоски на прес-конференцијата поединечно информираше за излезеноста во општините. До 15 часот, како што рече, се обработени податоци од вкупно 2.722 или 77,51 отсто. Тоа покажува дека излезеноста во Прилеп е најголема 43,75 отсто, а во Липково изнесува 9,75 проценти.