Фото: Маја Јаневска-Илиева

Членовите на работната група што работи на концепцијата, деновиве прават матрица за тоа како ќе изгледаат новите наставни програми според кои ќе се учи од септември. Надлежните најавуваат дека од следната учебна година наставниците ќе имаат поголема автономија во работењето, учебници во печатена форма ќе има само од прво до трето одделение, додека од четврто до деветто ќе бидат дигитални

ПРОМЕНИ ВО СОГЛАСНОСТ СО НОВАТА КОНЦЕПЦИЈА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Новата концепција за основно образование и сите промени што таа ги содржи ќе започнат да се применуваат од претстојниот 1 септември. Во овој период се прави сосема нов закон за учебници, според кој, најкрупна промена ќе биде тоа што сите учебници од четврто до деветто одделение ќе бидат достапни само во дигитална форма.

Освен тоа, наместо преку Педагошката служба, како што беше досега, целиот процес на изработка на учебници ќе се одвива преку Бирото за развој на образованието.
– Само учебниците од прво до трето одделение ќе бидат во печатено издание. Во погорните одделенија учебниците ќе ги има само во електронска верзија. Се планира тие да бидат современи, интерактивни. На тој начин ќе се заштедат многу пари што сега се даваат за печатење, а кога се во дигитална верзија, можат полесно да трпат промени. Штом во Собранието се усвои новиот закон за учебници, ќе се распише повик на кој автори ќе можат да се пријават и да изработуваат учебници – информираат во Бирото за развој на образованието.
Членовите на работната група што работи на концепцијата, деновиве прават матрица за тоа како ќе изгледаат новите наставни програми според кои ќе се учи од септември.
Надлежните најавуваат дека од следната учебна година наставниците ќе имаат поголема автономија во работењето.

– Во образованието ние имаме многу малку мотивирани наставници. Со новата концепција нивната автономија ќе биде поголема, но исто така ќе се бара и одговорност. Со промените, наставниците ќе добијат шанса да напредуваат во кариерата. Тоа досега го имаше во законот, но не се применуваше – изјави проф. д-р Виолета Петроска-Бешка, која е членка на работната група.
Со сегашната практика, наставниците не се автономни, на пример, немаат слобода да дополнуваат наставни програми. Во училиштата директорите се поставени партиски, што често им ги врзува рацете на наставниците при какво било одлучување.
Дали ваквата практика на партизација на училиштата ќе се менува, во Министерството за образование и наука велат дека промени во оваа насока веќе има.
– Со новиот закон за основно образование, во делот на избор на директор, веќе е намалено влијанието на градоначалникот при избор на директорите на основните училишта. Училишниот одбор на градоначалникот му предлага само еден кандидат што, според нив, ги исполнува условите и треба да биде назначен за директор.

Градоначалникот веќе го нема правото да избира помеѓу повеќе кандидати. Тоа значи дека сега треба да зајакне свеста кај наставниците, родителите, членови на училишните одобри, дека во нивни раце се одлуката и иднината на училиштата. Тие треба посветено и објективно да ги избираат вистинските кандидати за директор, врз основа на квалитетни програми и визии за развој на училиштата – велат во министерството.
И министерката Мила Царовска пред извесно време информира дека според едно истражување, 4.160 наставници се изјасниле дека сакаат да имаат многу поголема автономија од сегашната.