Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според претставниците на власта, можноста за онлајн судења ќе ја зголеми ефикасноста, бидејќи анализите покажуваат дека судењата на далечина за 60 отсто ги зголемуваат ефикасноста и транспарентноста. Но познавачите на состојбите во судската практика со долгогодишно искуство се особено резервирани во однос на онлајн судењата

Зошто познавачите на состојбите во судската практика се резервирани за онлајн судењата

Владеењето на правото, правната држава, реформите во судството и администрацијата се теми што постојано се (и ќе бидат) предмет на опсервација и оцена во текот на целиот процес на евроинтеграциите на Македонија. Вообичаено најголем дел од извештаите на Европската комисија е посветен на напредокот во функционирањето на третиот сегмент од власта – правосудството. Како еден чекор во реформите предвидени со програмата на Владата „Акција 21 – европски стандарди дома“, кој би требало да придонесе за ефикасно прочистување на правосудството, а и дополнително да го забрза целиот реформски процес, се наведува дигитализацијата на правосудните институции.

– Ги поставивме сите елементи за дигитализација во јавниот сектор, а сега следува спроведување на дигитализацијата во правосудството. Дигитализацијата на правосудството само дополнително ќе помогне да се забрза тој процес и да се сведе на минимум човечкото администрирање во судските процеси, а доминантни да бидат владеењето на правото и раздавањето на правдата. Тоа што го ветуваме го исполнуваме. Ветивме реформирано судство, зацврстување на правната држава и правда. Резултатите ги гледаме секојдневно – изјави премиерот Зоран Заев, најавувајќи го процесот на дигитализација на судството.
Од дигитализацијата на судството се очекува да ги забрза судењата, да ја подобри ефикасноста, да го намали влијанието на човечкиот фактор и да го подобри интегритетот на судството… Во практиката, која ги засега граѓаните, тоа би значело дека дигитализацијата ќе овозможи и креирање електронски досиеја со факти за предметите, а странката ќе има пристап до одредено ниво. На тој начин преку мобилна апликација на телефон ќе може да влезат во самиот систем, односно во делот што се однесува на факти за предметот и да ги добијат сите потребни информации…

Колку технолошкиот напредок носи вистински реформи

И покрај сиот ентузијазам на Владата за дигитализацијата на судската администрација, сепак се наметнува дилемата за вистинскиот квалитет на реформата во судската практика и како би можело да влијае на интегритетот на професиите во правосудството.
– Дигитализацијата на администрацијата, па и на судството е нормален процес за технолошка модернизација на работењето, што треба да се одвива секојдневно. Но дигитализацијата нема никаква поврзаност со професионалниот и карактерниот интегритет на судиите и сите вклучени во функционирањето на правосудството. Притоа, дигитализацијата не е никаква гаранција за подобрување на интегритетот во судството, па во таа смисла и не треба да се претставува како некаков реформски чекор во насока на владеење на правото и правната држава – вели професорот на Правниот факултет при УКИМ, Гордан Калајџиев.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, смета дека дигитализацијата повеќе е функција на посовремена организација и полесно работење на судската администрација, која и досега функционирала квалитетно, иако според друг систем на работа. Но Илиев цени дека интегритетот на судиите и на судството се должи, пред сѐ, на карактерниот квалитет на личноста, надградуван со искуство и постојано професионално усовршување на судиите.

– Искуството се стекнува во судница и со посветена работа на откривање на вистината! Добро е да се унапреди технолошки работата во судството, но и досегашниот начин на работа не бил пречка за создавање интегритет. Дигитализацијата е секако за поздравување, но притоа треба да се преземат мерки за заштита од злоупотреба на таквите системи. Уште повеќе треба да се посвети внимание на тој план, зашто веќе имаме негативно искуство со злоупотреба на АКМИС-системот – вели судијата Дане Илиев.

Онлајн судењата сѐ уште недокажани во утврдување на вистината

Според најавите од Владата, процесот на дигитализација ќе значи опремување на 24 суда и 187 судници, вклучувајќи ги и судниците во Академијата за судии и јавни обвинители и во затворот „Идризово“. Обврската да се обезбедат средства за опремата ја презема Владата, а овој процес ќе значи и воведување онлајн судења.
– Дигитализацијата, меѓу другото, ќе значи и воведување онлајн судења, а тоа навистина многу ќе ги забрза постапките, кои ќе бидат и поевтини, а можностите за одложување ќе бидат значително намалени. На пример, со дигитализацијата и промените на одредбите на Законот за прекршоци, ако еден жител на Скопје направи сообраќаен прекршок во Охрид и поради тоа ќе треба да оди на суд за прекршоци, нема потреба веќе да патува до Охрид. Сѐ ќе биде завршено брзо и едноставно со помош на информатичките средства – најави министерот за правда Бојан Маричиќ.
Според претставниците на власта, можноста за онлајн судења ќе ја зголеми ефикасноста бидејќи анализите покажуваат дека судењата на далечина за 60 отсто ги зголемуваат ефикасноста и транспарентноста. Сепак, познавачите на состојбите во судската практика со долгогодишно искуство се особено резервирани во однос на онлајн судењата.

– Онлајн судењата се дискутабилни и на светски план, а кај нас би требало уште повеќе да се размисли за воведување таква практика. Јавното судење сѐ уште е најголема гаранција за да може да се види дали случајот се води праведно или е монтиран… Голема опасност за правдата сѐ уште се онлајн судењата. Досега не сум видел некоја релевантна студија за искуства во светот од имплементација на онлајн судењата. Дури и да постои таква студија, голем е расчекорот меѓу светските и нашите искуства во однос на водењето на судските процеси – вели професорот Гордан Калајџиев.
Врховниот судија Дане Илиев, исто така смета дека онлајн судењата сѐ уште не се добра идеја за македонското судство, поради недостигот од непосреден контакт со сите вклучени во судскиот процес.
– Кога нема непосредна комуникација, тешко се утврдуваат фактите, кои водат до откривање на вистината. Судењето е токму тоа, процес за кој се потребни врвна правна умешност и искуство за да се извлечат фактите. Тешко се доаѓа до вистината и праведната пресуда без да се оствари непосреден контакт – заклучува поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев.