„Сквид гејм“ е јужнокорејска серија за преживување, која стана една од најгледаните серии на „Нетфликс“ досега. Се фокусира на 456 лика што се задолжени и се натпреваруваат во серија детски игри, со надеж дека ќе освојат парична награда од речиси 40 милиони американски долари. Но цената на губењето е моментална смрт?! Македонското општество не е надвор од ваквите трендови…

Како една навидум филмска серија што го освои светот може да прерасне во светски општествен проблем? За тоа се доволни интернетот, субјективната слабост на родителите кон своите деца, како и соживувањето и имитирањето на децата со главните актери од играта. Кога сето тоа ќе се помеша, резултатот на тој „микс“ го вклучува алармот за опасност. Има ли решение? Можно ли е да се превенира пред да биде доцна? Еден таков случај веќе ја возбудува светската јавност.
Причината за тоа е што голем дел од децата, особено тинејџерите, веќе почнале да имитираат сцени и ликови од серијата „Сквид гејм“ и да учествуваат во разни предизвици, ризикувајќи сериозни повреди.
Во серијата, натпреварувачите се борат за голема парична награда, а за да ја освојат, треба да играат одредени игри. Игрите се навидум обични детски игри, познати во Кореја, но и низ целиот свет. Меѓутоа, оној што губи – умира.
Серијата е означена како забранета за деца под 15 години.
Британските медиуми пишуваат дека глобалниот феномен „Сквид гејм“ предизвикува загриженост кај некои училишта во Велика Британија поради влијанието што серијата го има врз тинејџерите, а директорите апелираат до родителите да им забранат да го гледаат овој хит на „Нетфликс“.
Според „Индипендент“, тинејџерите почнале разни предизвици, победниците, исто како и во серијата, добиваат одредена сума пари, а губитниците се изложени на сериозни физички повреди.

И децата низ Соединетите Американски Држави започнале да ја играат својата верзија на „Сквид гејм“ за време на одморите и притоа изрекуваат ужасно насилни казни инспирирани од серијата.
Надлежните од училиштата ги повикуваат родителите да бидат свесни за содржината до која пристапуваат нивните деца на интернет и да разговараат со децата зошто не можат да играат насилни игри.
И децата во земјава не заостануваат од децата во светот. Интернетот си го прави своето, па така и македонските ученици почнуваат на големите одмори да симулираат игри од оваа серија.
Многу од децата не ја гледаат серијата, но за неа дознале преку предизвици на социјалните мрежи, каде што корисниците објавуваат свои верзии на игрите.
Имало и предупредувања за играта со саќе, која бара од играчите да отсечат една од четирите форми во тенок диск од саќе користејќи игла без да ја скршат формата. Ова стана популарно на социјалната мрежа ТикТок, предизвикувајќи стравувања дека децата би можеле да се изгорат на карамелизиран шеќер доколку се обидат сами да го направат саќето.
Родителите велат дека училиштата не би требало да го дозволуваат ова, децата да ја играат оваа игра за време на малите и големите одмори.
– За тоа како се однесуваат децата додека се во училиште, одговорни се вработените во училиштата. Безбедноста нивна додека се на настава ја гарантираат надлежните. Во серијата има убиства и воопшто не е наменета за деца. Има сцени и со вадење органи, кои се одвратни за очите на возрасните, камоли за деца -посочуваат родителите.
Некои родители, пак, се чудат на целата хистерија што се создава околу серијата и околу игрите што ги симулираат децата.
– Ќерка ми ми кажа дека играат такви игри од серијата на одмор. Не гледам зошто хистерија? Па, сите сме ги играле тие детски игри – коментираат некои родители на оваа тема.
Сепак, психолозите велат дека решение за оваа појава е родителска контрола врз она што детето го гледа кога е дома, бидејќи иако изгледа безопасно, „Сквид гејм“ може во голема мера да има последици врз детската психа и развој.
– Некои деца се обидуваат да ги повторат сцените од серијата на училиште, но она што звучи безопасно не е баш така, бидејќи играта во серијата вклучува „елиминација“ (смрт) и гледаме деца како се обидуваат да се повредат – додаваат тие.

Психологот Мирјана Јовановска Стојановска вели дека и самата ја погледнала серијата за да види што е тоа што ги тера децата да ги симулираат игрите од неа.
– Ова не е хорор-серија. Се работи за луѓе што добиваат понуда да играат игри во затворен простор. Истите тие игри ни се познати и многу од нив сме ги играле како деца. Суровоста во играта го прави тоа што оној што ги крши правилата го убиваат. Убивањето ги прави стресот и суровоста. Серијата не покажува некоја умешност, вештина, поука – посочува психологот.
Според неа, состојбата од светот се пресликува и кај нас, токму поради интернетот.
– Децата имаат една карактеристика, а тоа е многу тешко да ги препознаваат реалноста и фантазијата. Тие не можат да ги разликуваат виртуелноста, реалноста и секојдневието. Тоа е дел од детскиот развој. Поради тоа, многу лесно влегуваат во тие приказни од филмовите, сериите, од игрите. Се обидуваат тие сцени да им станат начин на живеење, да се идентификуваат со тоа. Најголемиот проблем во конкретниот случај со оваа серија е што толку многу умирачки (убиства) има во игрите и во виртуелноста, што можат да престанат да препознаваат што значи да умреш во реалноста и во виртуелноста – посочуваа таа.
Смета дека родителите треба да градат критичко мислење кај децата.

– Децата треба да знаат дека сѐ што е популарно поради помодарство не значи дека е добро и дека треба да се копира. Оваа серија не е квалитетна во уметничка форма, туку агресивноста во неа е нешто што ја направило популарна. Тоа треба на децата да им го укажат токму родителите, да разговараат на овие теми со децата. Родителот треба да му понуди дружење на детето, да го анимира, да му покаже нешто друго, да им дадат друг предлог за игра на децата. Секако, веќе одамна е јасно и познато дека родителот треба да има увид колку децата седат пред компјутер и какви содржини следат – објаснува Јовановска Стојановска.
„Сквид гејм“ е јужнокорејска серија за преживување, која стана една од најгледаните серии на „Нетфликс“ досега. Се фокусира на 456 лика што се задолжени и се натпреваруваат во серија детски игри, со надеж дека ќе освојат парична награда од речиси 40 милиони американски долари, но цената на губењето е моментална смрт.
За една недела од објавувањето на „Нетфликс“, серијата стана една од најгледаните програми на платформата. Во првите 28 дена од објавувањето, привлече повеќе од 111 милиони гледачи, но предизвика и голем број реакции поради негативното влијание.


Се планира и втора сезона на „Сквид гејм“

Последните информации, според „Гардијан“, се дека сценаристот и режисер на оваа хит-серија вели дека е во „процес на планирање“ на втората сезона на оваа јужнокорејска ТВ-сензација.
– Имаше толку голем притисок, толку голема побарувачка и толку многу љубов кога станува збор за втората сезона, што не ми оставате избор – рекол режисерот Хванг Донг-Хјук.
„Нетфликс“, во меѓувреме, се обиде малку да ги олесни очекувањата на гледачите.
– Сѐ уште се разговара за втората сезона, сѐ уште не е потврдено – изјавил нивниот портпарол, но нема сомнеж дека побарувачката е навистина голема.