Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Многумина што летово транзитирале по некој од македонските патишта се прашуваат зошто нема и кој треба да испланира изградба на јавни тоалети, чешми и одморалишта за возачите. Министерството за транспорт и врски или општините низ кои поминуваат тие патишта? Или, пак, можеби ЈП за државни патишта? Без разлика кој е одговорот на нивното прашање, штом веќе се поставува, очигледно е дека е почувствувана потреба од дополнување на патната инфраструктура со ваков тип содржини, како потреба за возачите и нивните сопатници. Анкетата на екипа на „Нова Македонија“ беше направена со повеќе од сто возачи и нивни сопатници на една бензинска пумпа на автопат на излезот од нашата држава кон соседна Грција

Патниците по македонските патишта
со сериозни забелешки

Лето е и фреквенцијата на патници по патиштата низ државава е повеќекратно зголемена. Токму по жешкото време, потребите на патниците и нивните сопатници да застанат, да одморат, да се освежат со вода или да одат во тоалет се поголеми. Но токму тука патниците што возат по патиштата низ Македонија се судираат со еден проблем: нема јавни тоалети, освен по бензинските пумпи или угостителските објекти на патиштата. Многумина што летово транзитирале по некој од македонските патишта се прашуваат зошто нема и кој треба да испланира изградба на јавни тоалети, чешми и одморалишта за возачите. Министерството за транспорт и врски или општините низ кои поминуваат тие патишта? Или, пак, можеби ЈП за државни патишта? Без разлика кој е одговорот на нивното прашање, штом веќе се поставува, очигледно е дека е почувствувана потреба од дополнување на патната инфраструктура со ваков тип содржини, како потреба за возачите и нивните сопатници.
Последен пат кога влегов во јавен тоалет (на бензинска пумпа) видов (не)секојдневна слика. Немаше тоалетна хартија, за сапун да не зборувам, вратата не се заклучуваше. Ред за чекање – немаше, ама откако влегов, забележав и зошто. Компарација со јавните тоалети во странство не може ни да се направи. Светло на сензор, заклучување на сензор, пријатен мирис, пуштање чешма, сапун и хартија – на сензор, чисто, хигиенски одржувано подобро и од мојот тоалет дома! Избегнувам да користам јавни тоалети, ама кога морам – морам – вели еден од анкетираните возачи, кој беше на пропатување низ земјава.
Но не се пожали само тој на едно вакво искуство, анкетата беше направена на повеќе од сто возачи и нивни сопатници на една бензинска пумпа на автопат на излезот од нашата држава кон соседна Грција.
Од Министерството за транспорт и врски велат тие не се надлежни за изградба на вакви објекти.

Министерството за транспорт и врски по барање на општините и приватни инвеститори, може единствено да даде согласност за урбанистички проект за таков тип придружни објекти – кратко ни одговорија од Министерство за транспорт и врски.
Прашавме и во една од поголемите македонски општини, од каде што добивме не многу јасен одговор.
Патиштата имаат своја категоризација. Во однос на регионалните и магистралните патни правци, надлежно е јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) – ни рекоа од Општина Битола.
Од ЈП „Државни патишта“ велат дека немаат практика на изградба на јавни тоалети.
– Нема законска регулатива поврзана со прашањето за изградба на јавни тоалети. Оттука произлегува дека нема обврска за изградба. Доколку се донесе законска регулатива за оваа област, ЈПДП ќе ја применува. Освен тоа, на државните патишта е поставена информативна вертикална сигнализација, со која се најавуваат одморалиштата со прислужно-услужни објекти во кои има јавен тоалет – објаснија од ЈП за „Државни патишта“.
И додека кај нас не е законски пропишано да се градат јавни тоалети, по патиштата во Антички Рим постојат записи, но и остатоци дека уште во античкиот период имале развиен концепт за јавни тоалети.

Исто така, јавните тоалети почнале да се јавуваат во Париз, Берлин и во Лондон до 20 век. Според тоа, имале и одредени стандарди по кои се граделе. Како на пример, изградбата зависела од фреквенцијата на луѓето, па според тоа се граделе на помала или на поголема раздалеченост. Тие и сега не се користат само за физиолошки потреби, туку претставуваат и естетски зданија и места каде што има бесплатен интернет, полначи за телефон и други работи што би им го олесниле животот на луѓето. Креаторите на светските јавни тоалети, сакајќи да го изразат своето стилско чувство, оставаат впечатлива архитектурата, која дава еден аспект за културата и односот на една нација. На таков начин се добива еден убав состав од грижа за јавното здравје и хигиената, а се прикажува вниманието кон естетиката на сите оние што ги посетуваат нивните јавни тоалети.