Министерката за правда Рената Дескоска денеска изјави дека сė уште нема конечен став дали ќе има измени на законската регулатива за организирање и спроведување на референдумот, во контекст на договорот за решавање на спорот со името.

– Во моментов немаме донесен конечен став околу тоа дали ќе се оди со измена на Законот за референдум или не. Имаме предвид дека станува збор за закон кој е стар и не е усогласен со Изборниот законик – изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска.

Според неа, кога би се правеле измени тие би биле чисто технички. Суштински измени, според Дескоска, не се планирани.

– На пример во текстот на Законот за референдум стои дека повикување на законот за Избирачки список, што не постои и е заменет со Изборен законик, понатаму стои повикување на закон за избор на пратеници кој исто така не постои, сега е заменет со Изборен законик. Исто така, делот што се однесува на заштитата на правото на гласање се разликува од заштитата на Избирачкото право. Законот за референдум оперира со постапка со заштита пред Врховниот суд додека, пак, Изборниот законик реферира на постапка пред Управните судови – рече министерката за правда.

Референдумското прашање ќе го дефинира Собранието, вели Дескоска, зависно кога би се одредил датум за референдумот.

– Од распишување на референдумот до гласање може да поминат најмногу 90, а најмалку 60 дена. Тие се законските рокови – рече Дескоска.

Од Министерството за правда, вели таа, досега не се побарани активности во однос на референдумот.

– Тоа ќе бидат донесени одлуки дополнително во односите меѓу Владата и Собранието – тврди Дескоска.

Министерката за правда Дескоска денеска имаше обраќање на 98. Рос-Рот семинарот во Собранието на Република Македонија на сесијата посветена на Зајакнување на владеењето на правото, рефорома во администрацијата и правосудството, борба против корупцијата.