Министерката за правда, Рената Дескоска учествуваше на конференцијата посветена на „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот -бизнис сектор“, која се одржа во организација на Центарот за граѓански комуникации и здружението Конект.

Обраќајки се на панелот посветен на „Важноста на интегритетот и намалувањето на корупцијата во бизнис секторот” министерката Дескоска направи паралела за поврзаноста на корупцијата во јавниот и приватниот сектор.

– Главното мото беше да дефинираме корупција од два аспекти: Активна корупција и пасивна корупција. Исто како што за танго се потребни двајца, и за корупција се потребни најмалку двајца. Едниот којшто е носител на активна корупција и другиот којшто е носител на пасивна корупција. Затоа не случајно ставивме одредби коишто треба да значат обврска на јавните функционери да се исклучуваат од судир на интереси, бидејќи честопати гледавме дека своите фирми се преферираа во минатото, сега имаме сериозни забрани во Законот за спречување на корупцијата коишто треба да оневозможат ситуации на судир на интереси – потенцираше Дескоска.

Таа додаде дека имало одредени афери коишто зборуваа за доделување на помош, грантови и слично на фирми коишто се блиски до високи функционери и рече дека тоа прашање го решиле во Законот за спречување на корупцијата со одредени забрани. Дескоска дополни дека тоа прашање може да се реши и со други механизми доколку се случи да има пообјективни и потранспарентни процедури, и дека тоа треба да биде пријавено до ДКСК којашто ќе испита дали се искористени процедурите онака како што треба, дали се преземени сите заштитни механизми за спречување корупција.

Според Дескоска, корупцијата не е само активно или пасивно земање на финансиски средства.

– Често пати самиот тип на нелојална конкуренција којашто се создава во бизнис секторот произлегува од пристапот до одредени податоци коишто одредени фирми ги имаат, а други ги немаат – додаде Дескоска.

Министерката истакна дека правната рамка е добра, но дека како држава, често пати страдаме од неимплементацијата на законските одредби.

– Тука се на потег ДКСК, но тука се на потег и Јавното обвинителство и судовите. Една е активноста којашто треба да е превентивна на ДКСК. Сите очи на јавноста се насочени кон нив бидејќи тие блеснаа во изминатиот период со својата активност, наспроти онаа ДКСК што ја имавме во минатото. Но, ДКСК не е единствен орган и не смее да остане единствен орган. Затоа и се насочени нашите напори кон донесување на новиот Закон за Јавното обвинителство којшто треба да ни овозможи уште еден траен механизам во борбата против корупцијата – потенцираше Дескоска.