Фото: Маја Јаневска-Илиева

Речиси секогаш финансирањето на партиите, особено во изборна кампања, предизвикува внимание во јавноста. Сега, кога на овие избори првпат државата пред почетокот на изборниот циклус финансиски покри дел од медиумската кампања на кандидатите, очекувањата беа дека тие ќе бидат повнимателни како поради зголемените ингеренции на Државната комисија за спречување корупција така и во делот на креативноста, идејноста, продуктивноста, но и подобрувањето на квалитетот во настапите пред граѓаните од страна на партиите.

Според упатените, ако се соберат средствата на Владата што таа одлучи да ги додели пред почетокот на изборите (100 милиони денари односно 1,6 милион евра) за финансирање на кампањите на политичките партии од државниот буџет и се додадат на тројцата кандидати според правилата од Изборниот законик, максимумот 10 милиони евра средства што стојат на располагање во ДИК, се добива фрапантна сума од над десетина милиони евра пари на граѓаните што им стојат на располагање на претседателските кандидати од буџетот и кои можат да се трошат за пропагандни цели (митинзи, билборди или изборен материјал).

Кандидатите во претседателската трка, според правилата, за своја промоција во кампањата може да потрошат максимум по 3,3 милиони евра, или по 110 денари за секој запишан избирач, кои ги има пак 1,8 милион во земјава.
– Изборниот законик предвидува дека во финансирањето на предизборната кампања, учесникот во кампањата може да потроши најмногу по 110 денари по запишан избирач. Тоа е лимитот за секој организатор во изборна кампања за сите активности – објасни за „Нова Македонија“ Љупка Гугучевска од ДИК. Според неа, за платено политичко рекламирање на телевизиите се предвидени вкупно девет минути на еден час програма. По четири за власта и четири за опозицијата и една минута за политички партии што немаат пратеничка група во Собранието.

Како што велат некои од познавачите, народните пари што се користат во спотовите и низ другите форми на рекламирање и од она што можевме барем досега да го видиме беа повеќе за оцрнување на противкандидатот, отколку за промоција на сопствената визија, можеа да се пренаменат за други многу поиновативни идеи и цели. Но, како што изгледа, безидејното настапување на политичарите пред граѓаните што го имаме цело ова време, не е ништо повеќе од докажување на фактот дека тие не размислуваат како и колку ќе чини нивното доаѓање на власт.

Според професорот Јове Кекеновски, во земјата не се применуваат европските правила на отчетност при финансирање на партиите за време на избори. Симпатизерите и членството редовно нормално е да донираат средства за финансирање на кампањите, но овде не е нормално државни пари од граѓаните да се користат за политички пропаганди. Според него, овие средства што ги одобри Владата претставуваат легализирање на политичката корупција врз грбот на граѓаните.

– Чекорот на Владата за финансирање на кампањата не може да биде продуктивна инвестиција во никој случај. Ова е обид за додворување кон политичките противници за да учествуваат во изборниот циклус и да можат да не го бојкотираат изборите и понатаму во Собранието целиот процес, за да им се овозможи едно нормално финансирање на партиите врз грбот на граѓанинот. Ваквиот начин на трошење граѓански пари е недозволив за мене, бидејќи на некој начин се врши државен поткуп на самите партии и грабеж на граѓаните. Тие пари, ако сакаа да бидат продуктивни, можеа да ги наменат за одредена загрозена категорија граѓани, а не да избираме лидер по теркот што им одговора на овие три-четири партии што се во игра. Повторувам, ова за мене е апсолутно недозволиво и, доколку сум во позиција, би ги укинал сите финансирања на партиите. Ова со неколку збора е легализација на политичката корупција – вели Кекеновски.

Професорот во исто време запрашува каде се тука креативноста и продуктивноста на кандидатите во изборната кампања ако секојдневно гледаме дека тие единствено се плукаат еден кон друг и ништо друго. Која е бенефицијата на граѓаните од таквиот начин на терање кампањи? Според него, недозволиво е со државни пари да се финансираат непродуктивни кампањи, а уште помалку тие да се политички.
Од друга страна, политикологот Петар Арсовски смета дека сѐ уште е рано да се оценува дали ваквиот начин на финансирање на кампањите со државни пари е продуктивен или не.

– Мислам дека главната причина што државата на овие избори се реши да одвои пари за финансирање на кампањите е фактот што сега партиите не мораат да бараат донатори, лица за финансирање на истите тие. Впрочем, ако добро се анализираат и претходните циклуси, ќе може да се заклучи дека и порано државата субвенционираше кампањи, но тоа го правеше на друг начин, преку податоци на крајот од кампањата кој колку гласови освоил, толку им исплаќаше ДИК на партиите. Сегашниот начин е различен за финансирање на политичките партии за да не се прават оние манипулации со партиите и средствата добиени од државата што ѝ се добропознати на јавноста. Дали овој начин на финансирање е доволно добар или не и колку тој е продуктивен и квалитетен во исто време не можам да оценам, останува времето да покаже – вели Арсовски.

Инаку, на овие избори првпат државата ја покрива медиумската кампања на кандидатите. Исплатата се реализира преку ДИК, со претходни извештаи на телевизиите, печатените и електронските медиуми, како и на Агенцијата за медиуми. Во кампањата, претседателските кандидати имаат право да потрошат максимум 110 денари по запишан избирач, односно секој кандидат по речиси 3,3 милиони евра. Во првата половина од изборната кампања, кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски, потрошил 480 илјади евра, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова, пак, досега за кампањата потрошила 167.400 евра, кандидатот на Беса, Блерим Река, потрошил најмалку, односно само 25 илјади евра. Ова го покажаа неодамна објавените податоци од финансиските извештаи од учесници во изборната кампања за претседателските избори 2019 година – објавени од Државната изборна комисија.

[email protected]