Цензусот ќе биде исполнет до затворање на избирачките места во 19 часот, според претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, кој соопшти дека одзивот до 17 часот на вториот круг од претседателските избори е 38,23 отсто.

– Очигледно е дека ќе биде надминат потребниот цензус – рече Деркоски.

Во Аеродром гласале 45 отсто од гласачите, Битола 45,50, Богданци 49,98 отсто, во Валандово 51 отсто, 57 отсто во Вевчани.

Најголем одзив има во Демир Капија и Демир Хисар – 60,28 отсто, и во Крушево – 59,68 отсто.

Во Арачиново гласале 26,18 отсто од гласачите, во Боговиње 14 отсто, во Врапчиште 15 отсто, а во Гостивар 19 отсто.

Изборниот ден, според ДИК, поминува без посериозни нарушувања и изборни нерегуларности.

Заедно со претседателските избори, во Охрид и во Ново Село се одржуваат и предвремени локални избори. Во Ново Село гласале 43 отсто од гласачите, а во Охрид 47.02 отсто.