Фото: Игор Бансколиев

На Балканот и во нашата земја во мај и јуни, во 17 воени маневри ќе вежбаат 46.000 војници. Што добива, а што губи државата од големите воени маневри, дали со нив се развива своевиден „воен туризам“ и се полни буџетот на државата или можеби големата концентрација и транспорт на војска може неповолно да се одрази врз екологијата, загадувањето на животната средина и евентуално оштетување на патната инфраструктура, мостовите и сл.? Универзитетските професори, генералите и безбедносните аналитичари со кои се консултиравме имаат интересни согледувања

ГОЛЕМИ ВОЕНИ МАНЕВРИ ВО И ОКОЛУ МАКЕДОНИЈА СО УЧЕСТВО НА 46.000 ВОЈНИЦИ

Во период од два месеца, (мај и јуни), на Балканот и во Македонија во 17 одделни воени вежби ќе учествуваат околу 46 илјади војници на НАТО, сојуз во кој членува и нашата земја.
Овие огромни воени маневри, кои по нивните димензии не се типични за нашиот регион, иницираат дебата во домашната јавност какви се рефлексиите од нив врз државата. Или условно кажано, што добива, а што губи државата од ваквите воени маневри, дали со нив се развива своевиден „воен туризам“ и се полни буџетот на државата или можеби големата концентрација и транспорт на војска може неповолно да се одрази врз екологијата, загадувањето на животната средина и евентуално оштетување на патната инфраструктура, мостовите и сл.
Универзитетските професори, генералите и безбедносните аналитичари со кои се консултиравме, во своите размислувања, за „Нова Македонија“ констатираат дека воените вежби имаат геополитички печат, инфраструктурен белег, економска заднина и здравствено-еколошка димензија.

Геополитичка и економска можност за профит од вежбите

Професорот на воената академија Оливер Андонов вели дека овие настани имаат повеќе импликации врз Македонија и дека тие се многу интересни за анализирање.
– Имено, она што е најбитно е дека со воените вежби, пред сѐ, се испраќа воена порака дека Алијансата е присутна во регионот и дека државите што се на Балканот, а не се дел од неа, треба да знаат кој го диктира безбедносното темпо на случувањата. Следна работа е дека воените вежби во Македонија имаат и своевидна политичка порака, која, пак, значи дека сојузниците тесно соработуваат со владиниот врв, кој со сигурност ќе ги искористи настаните во сопствена промоција на следните избори. Наредна работа е што овие настани се и патоказ, кој би можел во иднина да биде главниот преставник на НАТО на Балканот, а тоа гледано од развеаните знамиња се Грција, Македонија и Бугарија, односно евидентно е дека Албанија не беше воопшто застапена. Зошто е тоа така ќе видиме во периодот што следува, бидејќи досега нашиот западен сосед беше секаде присутен – вели професорот.
Тој анализира дека геополитичките придобивки се големи за земјата, со вакви случувања, а истовремено од нив немаме никаква штета.
– Имено, конкретните воени вежби се спроведуваат со лесни борбени возила, како оклопни џипови – хамви, хермелини и лесни оклопни различни транспортери, кои за разлика од тенковите во времето од косовската криза што минуваа од Солун до Косово, воопшто не ги оштетуваат нашите патишта и пруги. Дополнително, борбеното оружје што беше користено, барем според приложените јавни информации, е со калибар не поголем од 128 милиметри и со ракети што се конвенционални и мали и тие воопшто не се штетни во смисла, неговото испарување на полигонот да може да влијае негативно на екологијата и на здравјето на луѓето што живеат околу Криволак – вели професорот.

Андонов напоменува дека оваа работа покажа дека теоретски барем е возможно, Македонија да поседува алатка со која би можела да профитира од организирањето и спроведувањето на воените вежби.
– Имено, големината, географската позиционираност, но и тактичкото значење на Криволак, за НАТО дозволува овој полигон да биде користен за борбено-вежбовни активности на странските армии, кои симултано можат да дејствуваат со копнени, воздухопловни единици, па дури и со пловни единици со ракетно гаѓање од соседните мориња. Но за сето да се случи кај нас нема доволно елаборати, научни трудови ниту пак легислатива и закони што би ги регулирале потенцијалните односи – вели професорот.
Андонов објаснува дека за да се организира воена вежба не треба да се има само хипотетички ценовник на места за сместување на војниците, туку треба да се има и државен план на реакција на овие настани.
– Имено, воените вежби не треба бројчено да се спроведуваат од армии што би биле поголеми од едната третина на борбената сила на Македонија. Тоа го велам така, бидејќи доколку работите тргнат во погрешен правец, АРМ би требало да има потенцијал да ги контролира и спречи несаканите потенцијални однесувања на странските војски. Натаму, треба да имаме и домашни закони за овие работи, во смисла на тоа дека меѓународното право подразбира дека ако од една земја е нападната друга земја, а нејзините ракети или гранати пристигнат од трета земја, тогаш агресијата се врши и од земјата чии оружја се испукани, но и од земјата од каде што доаѓа нападот. Тоа би значело дека хипотетички, Македонија треба да е претпазлива каде би летале странските летала и кон каде несакано би заминале странските проектили од државата. Замислете по грешка, од Македонија бугарски гранати да завршат во Србија, тогаш тоа би значело дека нашата земја учествува во напад на друга земја со туѓо оружје – вели професорот.
Ако добро се изменаџираат сите овие работи, Македонија може само да профитира од воените вежби.

– Како опција за профит, може на пример да биде искористено и давањето на нашите борбени возила за користење и најмување од други сојузнички армии. Ние можеме на сојузниците да им ги рентаме на пример нашите тенкови, за тоа тие да плаќаат амортизација, гориво и услуга, а во тој процес да се обучуваат и ние истовремено да ги ползуваме нашите оружја. Дополнително може со своевидни закони да се овозможи вежбовните активности во Македонија и на Криволак да се извршуваат само со муниција што ние ќе ја дозволиме и продадеме, па така Македонија може да набавува гранати и муниција и истата таа да им ја препродава на армиите што сакаат да вежбаат кај нас, а со тоа ќе се полни армиската и буџетската каса. Вакви примери има многу и по тоа правило на пример функционираат и сите ловни паркови и стрелишта во земјата. Оние што сакаат да ги користат најчесто се принудени да користат оружја од сопственикот и да ја платат муницијата што тој им ја продава – вели Андонов.

Локалните економии ќе имаат зголемен прилив на девизи

Пензионираниот генерал Илија Николовски објаснува дека овие воени активности во Македонија се спроведуваат во согласност со сите светски еколошки и безбедносни стандарди.
– Иако во регионот во условно кажано краток период има многу воени вежби, оние што се одржуваат и ќе се одржат на нашата територија не се во големи бројки или поточно не се во димензии што досега во историјата не сме ги имале – објаснува генералот.
Николовски се надева дека динамиката на овие случувања во иднина ќе се зголеми и нашата земја сѐ почесто ќе биде домаќин на вакви воени вежби.
– Сето то ќе е добро за државата, за локалната економија на населените места близу Криволак и наедно за инфраструктурата во Македонија. НАТО-сојузниците досега инвестираа и репарираа многу во нашата патна инфраструктура, изградија и модернизираа мостови и патишта, а истото тоа го направија и на самиот полигон Криволак каде што сето тоа ќе остане во сопственост на нашата земја – вели тој.
Генералот прави паралела со времето од Југославија и вели дека во минатото кога одреден гарнизон ќе беше пренесен од една населена локација на друга, најголеми загуби доживуваа локалните бизниси.
– Војниците трошеа многу во продавниците, кафеаните и сите можни места на еден град, замислете што би се случувало ако секоја година има т.н. воен туризам во нашата земја и ако секогаш бидеме домаќини на офицери на сојузнички армии, кои одреден период би минувале во Македонија и во тој период кај нас би се слевале големи количества странски девизи – вели генералот.
Дополнително, додава тој, овие воени вежби се и знак дека Македонија може мирно да спие, затоа што веќе нема место за страв од голема Албанија, голема Бугарија и голема Србија.

Воените маневри како манифестација на моќ

Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски, пак, вели дека актуелните настани што се одигруваат во нашата земја и нашиот регион, се манифестација на моќ на НАТО насочена кон Русија и Кина дека Балканот од сега, па натаму е под нивна безбедносна закрила.
– Големите бројки на трупи и на борбена технологија што сега се употребува во земјата, на нашиот полигон Криволак немаат еколошки и здравствени импликации, а доказ за овие тврдења се неколкуте стручни анализи на оваа тема, кои низ годините ги правеше Министерството за одбрана, кога во Македонија се спроведуваа воени маневри од овој профил – вели Стефаноски.
Тој подвлекува дека ако овие воени вежби се во планот на НАТО како годишни активности, за нив нашата држава не би требало да им наплаќа на сојузниците, но за сите преостанати увежбувања на борбените сили со сигурност би требало да најдеме механизам од кој би профитирале.
– Тоа не мора да биде во пари, може да биде и со компензации со оффсет-механизми преку кои во иднина би добиле борбена технологија и супермодерно оружје од нашите безбедносни партнери – резимира аналитичарот.

[email protected]