Со бугарското преименување на празникот Св. Кирил и Методиј ќе излезе дека сме договорени заеднички да ги славиме бугарската азбука, просвета и култура

Итроштините на официјална Софија не престануваат. На 9.12.2020 бугарското собрание го преименува славењето на 24 Мај во чест на светите браќа Кирил и Методиј во „празник на бугарската азбука, просвета и култура“. Сега тој официјално се нарекува „ден на светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, просвета и култура и на словенската книжевност“.
Со тоа практично, за некои од прашањата од историски карактер, за кои некако се најде некаков заеднички „разумен компромис“, (како на пример за прашањето за словенската писменост и заслугата на браќата Кирил и Методиј), односно за заедничко прославување од страна на двата народа, сега официјална Софија во својот национален парламент, пост фестум, со политикантски заткулисни пресметани нечесни игри, изгласува преименување на празникот и негово директно врзување со бугарската азбука, просвета и култура. Со таквото „ребрендирање“ на празникот, но и на светите браќа Кирил и Методиј, излегува дека македонскиот народ ќе ги чествува бугарската азбука, просвета и култура, создадени од Кирил и Методиј?!

Итра и пресметана игра на Софија за јавноста да види дека „Македонците
прифатиле чествување на своја азбука, просвета и култура“

Бугарските институции и понатаму продолжуваат со политички дубиози во врска со прашањата поврзани за македонскиот народ, јазик и историја, користејќи итроштини што се далеку од ферплеј на добрососедството и соработката меѓу два соседни народа и држави. Последен таков пример е официјалното преименување на празникот со кој се одбележува чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј на 24 мај.
Имено, по иницијатива на ВМРО-БНД, бугарското собрание со поддршка на партијата на премиерот Борисов – ГЕРБ, заедно со партиите Обединети патриоти и Волја, пред два дена усвои преименување на празникот што се однесува на солунските браќа Кирил и Методиј. Празникот е преименуван со одлука во бугарскиот парламент во „ден на светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, просвета и култура и на словенската книжевност“.

Преименувањето на празникот во овој момент е далеку од случајно

Во текот на дискусиите во бугарското собрание, Милен Михов од ВМРО-БНД истакна дека со ова преименување се „враќаме кон вистината и бугарската традиција.“ Во овој дух се искажа и Марија Цветкова, според која, именувањето на празникот е целосно пробугарски. Против ова именување беа пратениците од опозициската Бугарска социјалистичка партија. Според Георги Ѓоков, образложението за промена на именувањето на празникот требало да се спроведе во академската средина, а потоа во Собранието. Новото именување беше критикувано и од Таско Ерменков, според кого, „спомнувањето на бугарскатa азбука ќе ја отвори вратата за појава и празници на руската, македонската и на другите азбуки.“
Преименувањето на празникот во овој момент не е случајно. Тоа е во контекст на македонско-бугарските односи, бугарското вето кон Македонија и негирањето на македонската историја.
Во декември 2018 година, македонско-бугарската комисија обелодени дека двете страни се согласиле за заедничко чествување на солунските браќа. Според изворите до кои дојде „Нова Македонија“, бил постигнат договор за заедничко чествување на Кирил и Методиј како „сесловенски просветители“. Сега бугарската страна одбива да го потпише записникот!

На пример, историчарот Александар Везенков, еден од 35-те интелектуалци од Бугарија, потписници на писмото против меморандумот испратено до ЕУ, за интервју на порталот МКД.мк подвлекува дека „историчарите назначени од бугарската влада не можат да даваат упатства како да се размислува, зборува и пишува за минатото во Македонија.“ Тој издвојува дека е вистина дека „има многу настани и личности што се почитуваат во двете земји и би било добро да не беа повод за полемика, туку за разбирање. Сепак, и заедничките прослави не треба да се одржуваат под притисок на бугарската страна“. Односно дека „за жал, бугарската страна се обидува да ја злоупотреби својата привилегирана позиција како членка на Европската Унија, за да ѝ го наметне своето мислење на земјата-кандидат. Во потрагата по вистината за минатото, ваквиот притисок е неприфатлив; тој нема место во добрососедските односи“.

Нови контроверзии на повидок

Во изминатите години имаше заедничко чествување на Македонија и на Бугарија, но сега со новото преименување во Бугарија се проблематизира работата на комисијата и идната заедничка прослава на солунските браќа. Во некое идно заедничко чествување во Рим, македонскиот државен врв ќе го празнува 24 Мај како празник на бугарската азбука, просвета и култура, со што ќе го признае бугарскиот карактер на Кирил и Методиј, што е далеку од историската вистина.
Не треба да се заборави дека заедничкото чествување може да биде искористено од бугарска страна како аргумент пред Европа дека Македонците си ги признаваат бугарските корени. Следствено, македонската држава треба да биде внимателна во своите постапки. Да, за заедничко чествување на солунските браќа, меѓутоа нивно чествување како „сесловенски просветители“, а не чествување на бугарската азбука.