Изминатата деценија на дело се покажа дека САД и Европа имаат различни интереси и дека нема гарантирано единство на трансатлантската интеграција како што постоеше за време на претходната Студена војна со СССР. Со сè што го уништува меѓународниот правен и мировен поредок, моќта и влијанието на недржавните чинители во меѓународните односи пораснаа, па корпорациите и финансиската индустрија ги водат своите геоекономски војни и ја претвораат целата меѓународна заедница во глобализиран нерегулиран пазар на геоекономска конкуренција. Тешко е да не се види дека меѓународниот поредок каков што беше создаден по Втората светска војна неповратно се распаѓа, а нов сè уште се нема појавено. Тоа е директен ефект од потезите на глобалните и новите регионални сили на геополитичката сцена и низа драматични настани што тие ги предизвикаа во текот на изминатата деценија, се вели меѓу другото во анализата на Марио Стефанов за „Геополитика“, чии делови ви пренесуваме во неколку продолженија

Анализа

Ако погледнеме на глобално ниво, ќе видиме дека сликата за изминатата деценија ја формира вистински пекол од низата каузално поврзани воени конфликти и разорните социјални, политички, јавно-здравствени и економски потреси.
Иако на прв поглед немаат врска, варварските војни на Блискиот Исток, како и револуциите на т.н. Арапската пролет поттикнати од нив, отворањето на украинската криза по руската анексија на Крим и судирот на Запад со Русија, имиграциската криза, влошените односи на САД со европската страна на трансатлантската интеграција, острата конфронтација со Кина и економската криза засилена од пандемијата – сите овие настани се меѓусебно поврзани со повратни спреги, кои јасно укажуваат на изворот.
А изворот на сето ова е нескротливото меѓусебно грабање на глобалните сили, пред сѐ на САД, ЕУ, Велика Британија, Русија и на Кина, за глобална доминација и за обезбедување удел во распределбата на светското богатство.
Заедно со нив зајакнаа и регионалните сили како Турција, Индија, Иран, Саудиска Арабија и петромонархиите во Заливот, кои се вклучуваат во борбата за престиж на меѓународната сцена и за економски придобивки.
На некој начин, Студената војна на Запад и Русија беше обновена, но без правилата што владееја во неа во претходната Студена војна и врските на регионалните играчи со тогашните лидери на конкуренцијата.
Така, старите договори за ограничување на нуклеарното оружје, еднаш потпишани помеѓу САД и СССР, беа отфрлени, пред сѐ оној за ограничување на распоредот на нуклеарното оружје од краток и среден дострел во Европа, додека на договорот за ограничување на стратегиското нуклеарно вооружување склучен помеѓу САД и Русија наскоро му истекува рокот, а склучување нов е под голем прашалник.

Во длабока тајност се обновени и проектите за развој на биолошкото оружје, а новата технологија за генетска модификација на вируси овозможува создавање на некогаш незамисливи видови биолошко оружје. Во последните 15 години, биолошкото оружје постепено се повлекува од статусот инструмент на стратегии за асиметрично дејство и се пренесува во сферата на независен стратегиски фактор. Така влегува во центарот на вниманието на стратегиското размислување на сите спротивставени суперсили.
Со својот мистериозен развој, оружјето за биолошка војна ја доби потребната способност за стратегиско дејствување, што, за разлика од нуклеарното оружје, не мора да доведе до деструктивен одговор. Противникот, за разлика од нуклеарен удар, лесно може да биде ускратен за клучните информации – од кого е нападнат и кому да му одговори. Дури и ако успее да ги добие тие информации, тој ќе изгуби многу време и ресурси, а задоцнетиот повратен удар значи само дека противникот имал стратегиска надмоќ во временскиот период до одговорот, навистина релативна и временски ограничена, но доволна за да ги постигне своите цели. Задоцнетиот одговор или одговор на погрешно идентификувана страна може да доведе до губење на кредибилитетот на разузнавачките способности на суперсилите и катастрофални воени и политички последици.

За каков вид технолошки напредок станува збор, што може да ја смени структурата на вирусите и бактериите на начин што го отежнува утврдувањето и нивното потекло, предупреди уште во април 2018 година Кетрин Шарлет, професорка по молекуларна биологија на универзитетот „Принстон“ и поранешна заменичка на помошник-министерот за одбрана на САД за сајбер-војна. Таа исто така ја вршеше должноста директорка за стратегиско планирање при Советот за национална безбедност на САД. Во својот авторски текст за „Карнегиевата фондација за меѓународен мир“, насловен „Новите патогени убијци: спротивставување на заканата што доаѓа од биооружјето“, Кетрин Шарлет вели:
„Неодамнешниот напредок во техниките за уредување на гените предизвика голема возбуда, но исто така ги активира стравувањата од патогени микроорганизми што се користат како оружје. Користејќи алатки за уредување гени, вклучувајќи го и системот познат како CRISPR, научниците сега поефикасно можат да ја модифицираат ДНК, пофлексибилно и попрецизно од кога било досега. Тешко е да се предвиди целиот спектар на потенцијални промени, но CRISPR значително им олеснува на научниците да постигнат промени во начинот на работа на организмите… Не е тешко да се замисли како може да се злоупотреби технологијата за уредување на гените“.
Кетрин Шарлет продолжува: „Едно од моментално вознемирувачките прашања е дали напредокот во биотехнологијата може да ги охрабри државите да ги оживеат старите програми за биолошко оружје или да започнат нови. Ревитализацијата на програмите за биолошкото оружје може да предизвика нови конфликти или да ги оживее старите трки со вооружување и да го дестабилизира меѓународниот поредок“.

Но таа не застанува тука, туку продолжува: „Техниките за уредување на гените како CRISPR, на пример, може да го направат биолошкото оружје поубиствено. Државите би можеле да развијат нови или модифицирани патогени микроорганизми што побрзо би се ширеле, би заразувале повеќе луѓе, би предизвикале посериозни болести или би се спротивставиле на ефективниот третман“.
Во продолжение таа предупредува дека уредувањето на генот „овозможува поголеми можности за тајно користење биолошко оружје, затоа државите треба да развиваат подобри техники за утврдување на потеклото на патогените микроорганизми. Таквите подобрени способности за идентификација на потеклото би дејствувале како пречка“ за употребата на биолошкото оружје.
„На крајот на краиштата, моќта да се обесхрабри зависи од можноста да се идентификуваат нападите и да се откријат изворите.

Засега, истражувачите што го проучуваат патогенот по нападот нема да бидат во можност со сигурност да кажат дали се користени техники за уредување гени… Напаѓачот сепак може да биде откриен на други начини, како што е шпионажата“, заклучува Кетрин Шарлет.
Несомнено, новите техники за уредување на гените на вирусите и на бактериите што може да се користат како биолошко оружје во голема мера го оневозможуваат идентификувањето на нивното потекло. Веќе не е доволно само да се анализира нивната генетска структура за недвосмислено да се утврди нивното потекло, туку е потребно користење инструменти за разузнавачко дејствување.

(Продолжува)

Марио Стефанов