Фото: Игор Бансколиев

Силно распространетиот глобален стереотип за тоа дека Кина ќе биде најголемиот добитник по пандемијата на ковид-19 (затоа што централната власт најбрзо и најефикасно се справува со него во однос на јавното здравје и влијанието врз животот на обичните луѓе), произлезен од кампањата на администрацијата на Трамп, насочена кон кинеското потекло на вирусот и отворените обвинувања дека Кина намерно не го предупредила светот за можната пандемија, наскоро би можел да се покаже како смислен дел од една многу поголема стратегија, која, во суштина, речиси и нема врска со самата Кина и нејзините национални интереси. Напротив, Кина не само што нема да биде победник во борбата со коронавирусот туку може да се претвори и во најголем губитник во оваа пандемија, што, секако, потоа ќе отвори и низа нови прашања, вклучувајќи ги и оние за тоа кој стои зад целиот овој светски хаос (ако воопшто некој стои и ако сево ова не е само обичен каприц на природата)

Во тековната кулминација на американската антикинеска (антикомунистичка) политика, интензивирана набргу по ширењето на ковид-19 низ САД, каде што тој „сосема случајно“ најексплицитно ја покажа својата разорна моќ, освен реторичките (прогласување идеолошки непријател, повик до светските држави да го тужат Пекинг за надомест на стопанските и финансиски штети итн.), Вашингтон презеде и практични политички чекори. Тоа најмногу се однесува на притисок врз европските сојузници за откажување од изградба на 5Г-мрежа со помош на кинески компании и свртување кон американските!

Што бара, всушност, Вашингтон од своите сојузници?

Велика Британија беше првата држава што неодамна потклекна на барањата од својот голем прекуатлантски брат. Истото тоа Вашингтон сега го бара и од другите членки на ЕУ. За тоа сведочи и скорашната турнеја на американскиот државен секретар Мајк Помпео низ европскиот исток, каде што една од најдоминантните теми на разговор беше токму изградбата на 5Г-мрежата.
Меѓутоа, иако многу значајно, прашањето за изградба на национални 5Г-мрежи сепак не е најважно во новата американска стратегија „Америка на прво место“, која сѐ почесто покажува дека не е ексклузива само за претседателот Доналд Трамп и неговата администрација туку дека некои нејзини клучни елементи се широкоприфатени и од страна на Демократската партија, која, секако, ќе се залага за нивна операционализација, независно од тоа дали нејзиниот кандидат за претседател Џо Бајден идната година ќе влезе во Белата куќа или не.

Експресното повлекување на Трамп од натамошните трговски преговори со Кина претставува уште еден сегмент од „пацификацијата“ на Кина и обидот таа да се стави „на свое место“, се разбира, според замислата на американските стратези. А најновите вести што пристигнуваат од САД претставуваат само дополнителна потврда за овие тези:
Според резултатите од истражувањето изведено од страна на Банка на Америка (БофА), заради повлекувањето на своите производствени операции од Кина, американските и европските компании во наредните пет години ќе загубат дури околу еден трилион долари. Речиси во 80 отсто од глобалниот сектор за време на пандемијата компаниите се соочуваат со скинат синџир на испорака на сопственото производство, па огромни 75 отсто од нив носат одлуки за повлекување на производството што е надвор од границите на нивните држави и за негово враќање на домашен терен.
Претседателот на САД, Трамп, изјави дека државата ќе обезбеди даночни олеснувања за компаниите што ќе го враќаат своето производство од Кина во САД. Натаму, американското министерство за економија ги заостри санкциите кон кинеската технолошка компанија „Хуавеј технолоџис“, фактички ограничувајќи го нејзиниот пристап до целата опрема што се произведува со помош на американските технологии.

Реална и структурна тенденција од глобализација кон локализација

Во извештајот на БофА е наведено дека истражувањето, спроведено во јануари годинава, уште пред почетокот на пандемијата на коронавирусот, јасно укажало на постоење на „реална и структурна“ тенденција од глобализација кон локализација. Сходно на ова, аналитичарите од БофА им препорачуваат на инвеститорите купување акции од компании што работат во областа на инженерски развој и опрема, автоматизација, како и производство на електрична и електронска опрема, сметајќи дека токму тие би имале најголема корист од локализација на производството.
Сево ова повеќе од јасно ја потврдува сериозната намера на Трамп за враќање на производството од земји со евтина работна сила (првенствено од Кина) назад кон САД, нешто што претставува многу скап процес за глобално ориентираните компании. Ќе бидат ли од помош споменатите даночни олеснувања? Верувам дека одговорот е да – ако не сами по себе, тогаш во симбиоза со јасно дефинираната американска стратегиска политика против Кина – имајќи предвид дека се насочени кон контролирање на нејзините глобални геополитички, пред сѐ економски амбиции. Дали Кина ќе „се сруши“ поради ова? Тешко веројатно, со оглед на нејзината севкупна сила, а уште повеќе на нејзиниот огромен внатрешен пазар, кој, според својата куповна моќ, е способен самостојно да го апсорбира најголемиот дел од кинеското индустриско производство.
Сепак, САД немаат некој поголем избор освен да ги преземат овие чекори, секако, ако сакаат да ѝ се спротивстават на Кина и барем малку да ги забават нејзините глобални амбиции. Од друга страна, колку сето ова ќе биде исплатливо за САД на долгорочен план и дали можеби политичко-трговски договор со Кинезите би бил подобра опција, во овој момент е тешко да се предвиди, најмногу поради непредвидливоста на Кина и потезите што ги влече нејзиниот државен, политички и воен врв.

Ковид-19 во процесот на деглобализација е решавачки

Што и да излезе од сево ова на крајот, две работи се веќе сосема јасни: прво, глобализацијата наближува кон својот неминовен крај, а улогата на глобалната пандемија на ковид-19 во овој процес е немерлива, всушност, решавачка; второ, речиси сѐ што се случуваше во ова сценарио оди во прилог на предизборните ветувања дадени од страна на Трамп во 2016 г., за тоа дека повторно ќе ги врати големината и моќта на Америка, ветувања содржани и разработени во неговата програма „Америка на прво место“.
Се разбира дека глобализацијата би можела да опстане во некаква минијатурна форма, поточно, само во јасно дефинирани зони на влијание на глобалните велесили, зашто тешко е да се верува дека етаблираните мегакомпании ќе го ориентираат своето производство исклучително кон пазарите на своите матични држави, без оглед на сите даночни или други олеснувања што би ги добиле.

На пример, прашање е зошто германските компании (во рамките на новите трендови) би се откажале од производство во источните земји-членки на ЕУ, или, пак, американските џинови (првенствено оние од сферата на ИТ-технологијата) од своето производство на територијата на ЕУ, освен ако тоа не е поинаку дефинирано во меѓународните трговски договори.
Во секој случај, светот се менува од темел и тоа е незапирлив процес – мора да се приспособат сите, користејќи внимателно и длабоко промислени стратегиски потези. Ова особено важи за малите и слаби држави, кои немаат време, а уште помалку простор за грешки. За разлика од оние големите и богатите, кои и онака секогаш се снаоѓаат и се грижат само за себе, констатира аналитичарот во „Геополитика њуз“.