Фото: Игор Бансколиев

ТАКТИЗИРАЊА И ИГРА НА НЕРВИ ВО ЗАКОНОДАВНИОТ ДОМ

Шпекулациите за обезбедено двотретинско мнозинство за изгласување на предлогот за пристапување кон уставни промени во Собранието, ги исполнија долгите часови на чекање за почетокот на собраниската седница, која првично беше закажана за вчера напладне, во 12 часот, па беше одложена за 15 часот, за да не почне ниту до 17 часот. До затворање на весникот, нешто по 17 часот гласање, сепак, немаше

До затворањето на ова викенд-двоброј издание на „Нова Македонија“ (17 часот) сѐ уште не беше почнато продолжението на собраниската седница на која се очекуваше, но и се најавуваше, дека ќе биде спроведено гласањето за пристапување кон измени во Уставот на Р Македонија, како обврска преземена со потпишувањето на спогодбата со Грција во Мала Преспа. Главното очекување од оваа седница требаше да биде и сознанието дали владејачката коалиција има обезбедено мнозинство од 80 пратеници за да се помине првиот собраниски филтер во процедурата за промена на Уставот и уставното име на државата, а во насока за спроведување на спогодбата со Грција.

Шпекулациите за обезбедено двотретинско мнозинство за изгласување на предлогот за пристапување кон уставни промени во Собранието, ги исполнија долгите часови на чекање за почетокот на собраниската седница, која првично беше закажана за вчера напладне, во 12 часот, па беше одложена за 15 часот, за да не почне ниту до 17 часот. Независниот пратеник од коалицијата на СДСМ, Ферид Мухиќ, во тие три часа на висока напнатост до почетокот на седницата, изјави дека ако на седницата се пристапи кон гласање, значи дека е обезбедено потребното мнозинство од 80 пратеници за пристапување кон уставните измени. Онлајн-медиумите известуваа за засилено присуство на полицијата во околината на Собранието, а притисокот од претставниците на САД и на ЕУ до пратениците од опозицијата беше континуиран и интензивен во текот на целиот ден. Еврокомесарот Јоханес Хан и претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол, заменик-помошникот за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт департмент, Метју Палмер, повторно укажаа дека пратениците „нема да можат да ја обезбедат европската иднина на своите деца без прифаќање на спогодбата од Мала Преспа. Дури и последниот пратеник, Крсто Мукоски, обвинет за настаните во Собранието од 27 април, минатата година, беше пуштен од домашен притвор…

Но како што одминуваше времето и по вториот зададен термин за почеток на седницата во 15 часот, се појавуваа и деманти на шпекулациите за обезбеденото мнозинство од 80 пратеници, а пратеникот Антонио Милошоски, од името на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, од собранискиот прес-центар го повика претседателот на Собранието, Талат Џафери, веднаш да пристапи кон гласање, за да се види дека нема двотретинско мнозинство.

– Во име на пратеничката група укажуваме на следното: поминаа 19 дена од неуспешниот референдум. Гледаме дека власта одолжува со гласањето. Тоа е затоа што мнозинството е свесно дека за пратениците поважна е волјата на народот од притисоците на власта… Бараме од господинот Талат Џафери без одложување да ја стави точката на гласање и да види владејачкото мнозинство дека нема мнозинство – рече Милошоски.

Процедурата предвидува дури три гласања во собранието.
Имено, ако не биде обезбедено двотретинско мнозинство за финалното гласање, веќе нема да има голем временски простор за организирање брзи вонредни парламентарни избори.На тоа предупредува и професорот на Правниот факултет, Љубомир Фрчкоски.
– Треба да се утврди дали постојат изгледи за создавање стабилно, а не манипулативно двотретинско мнозинство во Собранието. Зашто опозицијата може да гласа сега за пристапување кон промени на Уставот, а потоа да не гласа за амандманите. И тогаш ќе биде доцна за избори, зашто ќе се испуштат сите рокови за спроведување на процедурите за усвојување на спогодбата од грчка страна – изјави неодамна професорот Фрчкоски. Доколку не биде постигнато двотретинско парламентарно мнозинство за пристапување кон измени во Уставот, и власта и опозицијата велат дека се подготвени за предвремени парламентарни избори. Сепак, претпоставките се дека ќе се чека и доаѓањето на високиот дипломат од САД в понеделник, за да се види дали нешто ќе се промени. Крајниот рок кога и истекува законски предвидениот рок за гласање во парламентот е среда 24 октомври.