Фото: Игор Бансколиев

Две третини од граѓаните ја следат кампањата за локалните избори, со што 52 отсто од нив се донекаде или целосно задоволни од политичката понуда (кандидати/програми) на локалните избори, покажува телефонското истражување кое за сопствени потреби го спроведени М-Проспект во периодот од 15 јули до 15 октомври годинава, со цел испитување на јавното мислење во однос на локалните избори и на факторите на влијание врз изборот.

За таа цел беа испитувани перцепциите за локалните избори, за политичката понуда, гласањето на локалните избори и дали има промена во гласачките преференци, како и други фактори на влијание како насока на движење на државата, доверба во Владата, надворешна политика/однос со Бугарија, како и одговорноста за пожарот во ковид-центарот во Тетово.

Анкетата била спроведена на репрезентативен примерок од илјада испитаници, постари од 18 години, со маргина на грешка три отсто со ниво на доверба од 95 отсто. Опфатени биле сите осум статистички региони, притоа земајќи го предвид односот на рурални и урбани средини.

Граѓаните биле прашани дали ја следат кампањата за локални избори, за политичката понуда, дали ќе гласаат на локалните избори и дали има промена во гласачките преференци, при што 65,5 отсто од нив одговориле дека целосно и донекаде ја следат кампањата за локалните избори.

Повисок интерес за кампањата (70,5%) има меѓу етничките Македонци, отколку кај
етничките Албанци (53,7%). Со најголем интерес кампањата ја следат гласачите на СДСМ (79,1%).

Мало мнозинство или 52% се целосно или донекаде задоволни од политичката понуда
(кандидати/програми) на локалните избори. Етничките Албанци искажуваат најнизок степен на задоволство од политичката понуда, односно задоволни се 41,6%. Гласачите на СДСМ се најзадоволни од политичката понуда (77,7%).

Во однос на веројатноста за гласање на локалните, 30,1% се сигурни дека ќе гласаат, а 35,8% веројатно ќе гласаат, или вкупно 65,9% рекле дека ќе гласаат на локалните избори.

Граѓаните кои велат дека ќе излезат на изборите (65,9%), се во релација со граѓаните кои ја следат изборната кампања (65,5%). Помалку етнички Албанци (50,6%) се изјасниле дека ќе излезат на локалните избори. Тоа може да биде во однос со помалото задоволство од политичката понуда.

Гласачите на СДСМ искажуваат највисок степен на подготвеност за гласање од 88,1%.

Додека големо мнозинство од 78,2% од граѓаните не ги промениле гласачките преференци од минатите парламентарни избори во 2020 година, 18,8% изјавуваат промена на гласачките преференци. Кај етничките Македонци промена на гласачките преференци изјавиле 15%, а 26,7% кај етничките Албанци.

Водечка причина за промена на гласачките преференци е движење на земјата во погрешна насока (69,7%), по што следат кандидати и програми (20,7%). Кампањата има влијание кај 3,2%, а анкетите за рејтинзи на 1.1%.

Иако има одредени разлики меѓу различните етникуми, нема разлика во рангирањето на фактори кои влијаеле на промена на гласачките преференци. Граѓаните биле прашани за правец во кој се движи државата, довербата во Владата, за односите со Бугарија и за одговорноста за пожарот во ковид-болницата во Тетово.

Еден од двјца граѓани или 51,6% од граѓаните смета дека државата се движи во погрешна насока, а еден од пет или 19,3% дека се движи во правилна насока. Вкупно 27,5% од граѓаните сметаат дека државата стои во место. Во истражување од април 2021 година 30,9% од граѓаните сметале дека државата се движи во правилната насока. Само гласачите на СДСМ велат дека државата се движи во правилна насока (54%), иако и меѓу нив 24,6% сметаат дека државата се движи во погрешна насока.

Довербата во Владата е намалена од 42% во април, на 38,8% во октомври годинава. Довербата во Владата е пониска меѓу етничките Македонци и изнесува 33,6%.

Во надворешната политика, како и во ЕУ интеграциите, клучно е прашањето на односите со Бугарија. Меѓу граѓаните е висока е перцепцијата од 46,5% дека односот со Бугарија се движи во погрешна насока. Мнозинството етнички Македонци (55,9%) сметаат дека односот се одвива во погрешна насока. Иако во помала амплитуда ваквиот став го споделуваат и другите. Перцепција дека односот со Бугарија се одвива во погрешна насока имаат и гласачите на СДСМ (31,8%).

На прашањето за морална одговорност за пожарот во ковид-болницата во Тетово, четворица од петмина граѓани, или големо мнозинство од 79%, сметаат дека треба да има морална одговорност, 13,1% дека никој не треба да одговара, а остатокот нема мислење.