Со форумот „Две години влада – отворено пред граѓаните“, претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со останатите заменици претседатели и министри во Владата, денеска одржа јавен, отворен, настан со цел јавноста и граѓаните да ги изразат своите мислења, коментари, сугестии, предлози и критики за работата и политиките на владата.

На денешниот форум, поделен во два дела „Промени 2017 -2019“ и „Агенда 2019 – 2020“, свое излагање имаа премиерот Заев и заменик претседателката и министерка за обрана Радмила Шекеринска, заменик претседателот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, заменик претседателот задолжен за европски прашања Бујар Oсмани и заменик претседателот задолжен за координација на економските ресори Кочо Анѓушев, кои во првата сесија ги издвоија најзначајните остварувања од Програмата на Владата.

Заев во своето воведно експозе како резиме на најважаните постигнувања на Владата, истакна дека за одбележување на две-годишнината од работата на Владата, говорат одговорите на прашањата каде бевме и кон каде сме упатени, како држава, како општество и граѓани.

– Кога ги презедовме сите иницијативи, прво како опозиција, а потоа како носители на власта, реков дека единственото нешто што не интересира и што секогаш ќе биде наш приоритет, ќе биде иднината, и дека на светот ќе му дадеме еден друг Балкан. Балкан на земји кои ги оставиле зад себе предрасудите и историските концесии и кои се свртени кон благосостојба на своите граѓани, кон градењето добри и пријателски односи со своите соседи – нагласи премиерот .

Заев рече дека за неполни две години ги решивме сите отворени прашања со соседите, и ја презедовме одговорноста да го решиме спорот со Грција.

– Наша одговорност и должност беше да го зачуваме идентитетот македонски. Го зачувавме, и го потврдивме и го зајакнавме. И светот го препозна тоа. Ни оддаде признанија. Не препознаа како рамноправен партнер, како фактор во регионот, во Европа и во светот, и оваа година го добивме најпозитивниот извештај до сега откако сме држава кандидатка за членство, со чиста, и безусловна препорака на Европската комисија за почеток на преговорите за членство. За тоа заслужуваме да се израдуваме и да си честитаме сите. Сработивме многу и имаме резултат – потенцираше премиерот Заев, и додаде дека дводневниот состанок Северноатлантскиот Совет на амбасадорите и на постојаните претставници на земјите членки на НАТО, со кој ќе претседава Генералниот Секретар Јенс Столтенберг, кој ќе се одржи утре во Скопје, е големо признание и чест како на земја која ги оди последните чекори до полноправно членство во НАТО.

Тој додаде дека оваа влада ги активираше сите потенцијали за да обезбеди праведна држава и социјална сигурност затоа што веруваме во инклузивно општество, еднакво општество кое што дава шанса и се грижи за секој поединец.

Заев рече дека структурните промени, вредносните промени, парадигмата за нашата земја нема да се променат ако не биде поткрепена со силна, реална економија. Заев се задржа и на реформите во правосудниот систем со коишто рече дека се создава чесно, независно и ефикасно судство за сите граѓани еднакви пред законот.

На крајот од своето обраќање на форумот, претседателот на Владата истакна дека создаваме држава со сосема извесна европска иднина, со повеќе надеж, благосостојба и просперитет за сите нејзини граѓани ослободени од стравовите, земја како пример кој блеска на Балканот, според најновиот извештај за напредокот на нашата земја на Европската Комисија.

Во продолжение на зборуваа и заменик претседателката и министер за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заменик претседателот во владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и заменик претседателот задолжен за координација со економските ресори Кочо Анѓушев.