Фото: Игор Бансколиев

По демонстрираната „попустливост“ на Борисов и „непопустливоста“ на Радев, веројатно треба да се потсети дека ваквите демонстрирани „политики на два паралелни колосека“, од кои обата завршуваат слепо за Македонија, веќе не минуваат како опција за решение, ниту за ЕУ ниту за повеќето членки на Унијата, а се разбира и ниту за Македонија. Сѐ поочигледно е дека елементите на кои Софија го темели образложението на ветото, поради кое е спуштена европската рампа за Македонија, се базирани на лаги, клевети, измислици и фабрикување невистинити состојби. Накратко, европското вето недопустливо се базира на криминални основи, што само по себе го прави ништовно

Радев и Борисов за прашањето за Македонија

Изминативе денови малку подалеку од Софија, а имено во Словенија, на две локации, како на два различни паралелни колосека, се одвиваа пазарења, авансирања, убедувања и влогови за формирање бугарска влада. Имено, и Радев и Борисов, се разбира, секој кај своите европски идеолошки истомисленици, со барање за поддршка за формирање своја влада. Според информациите што дојдоа до нас, решение за спорот со Македонија било едно од прашањата што се става на маса како аванс, со што би се добила европска поддршка за решавање на бугарската внатрешна криза и формирање влада.

Има ли разлики во ставовите на Борисов и на Радев за да се надмине спорот со Македонија

На првиот „колосек“, поранешниот премиер на Бугарија и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, во рамките на средбите на собирот на челниците на Европската народна партија (ЕПП), не штедеше време ни сили да ги убеди своите идеолошки истомисленици оти само тој, како премиер, би можел да ги надмине разликите во преговорите со Македонија и дека актуелниот претседател на Бугарија од редовите на социјалистите, Румен Радев, и привремената влада што тој ја назначи не се во состојба да го решат проблемот, бидејќи само „создаваат голема тензија во Северна Македонија, во Албанија и во целата ЕУ против Бугарија“.
– Бугарија пропушти многу месеци да ја објасни својата позиција поради што генерации млади Македонци и Албанци во моментов ја мразат Бугарија – изјави Борисов во Словенија, категорично тврдејќи дека мора и може да се направи компромис и дека Радев, на самитот ЕУ – Западен Балкан, кој исто така, деновиве се одржуваше во Словенија, „уште еднаш ќе излаже“.
– Тој секогаш ветуваше дека ќе се реши прашањето по изборите, но по кои избори? Тогаш тоа нема да зависи од него, туку од политичките партии што ќе владеат – категорично тврдеше Борисов, потсетувајќи дека додека тој беше премиер беше потпишан Договорот за добрососедство и дека за само 15-20 минути Бугарија и Македонија добиле голем број честитки од сите страни.
Но најновата „акција“ на Борисов воопшто не е изненадување, кога се знае дека тој, со речиси идентична реторика, настапи и на последната билатерална средба со премиерот Зоран Заев на 17 јуни во Софија, предупредувајќи го дека Радев и другите луѓе со кои потоа ќе се сретне ќе му кажат дека не можат ништо да направат без парламент, но дека тоа е лага.
– Ќе имате многу средби денеска. Јас сум убеден, бидејќи ги познавам луѓето со кои ќе се сретнете денеска, особено за Радев, дека ќе ви кажат дека без парламент не можат ништо да направат. Ќе ја префрлат пак одговорноста, како за набавката на воени авиони, кон парламентот. Сегашната техничка влада ги има сите права и може да преговара со вас за нов договор, ако нашиот не им се допаѓа. Но ќе избегаат од одговорност како што секогаш прават. Истовремено ги лажат евроатлантските партнери дека се за членство на Северна Македонија во ЕУ – му кажа Борисoв на Заев во јуни, пред неговата средба со Радев и со техничкиот премиер Стефан Јанев.

Крајно десничарска ригидност на Радев

И на вториот „колосек“, во рамките на самитот ЕУ – Западен Балкан, според достапните информации, се одвиваа мошне динамични активности, во кои централната улога ја имаше бугарскиот претседател Радев, кој освен што ја именуваше привремената влада, поради неуспехот на тамошните политички партии да формираат парламентарно мнозинство и по неколкуте гласања во текот на оваа година, и самиот претендира на уште еден претседателски мандат како фаворит на социјалистите на претстојните избори за претседател на државата. Притоа, најпотенцирани беа заедничкиот појадок на Радев, Заев, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи и, се разбира, на домаќинот, премиерот на Словенија, Јанез Јанша, како и средбата на Заев и на Радев со францускиот претседател Емануел Макрон и со германската канцеларка Ангела Меркел. Сепак, дури ни потоа, бугарскиот претседател Радев не покажа намера да отстапи од крајно радикалните екстремистички ставови, поставени како услови што треба да ги исполни Македонија за да добие согласност за отпочнување на преговорите со ЕУ од Софија.

– Нашите позиции се јасни. Сѐ додека продолжува овој вид преродбенички процес, сѐ додека нашите сонародници продолжуваат да подлежат на суптилна асимилација, потиснати се нивните основни права и не се интегрираат целосно во Северна Македонија заедно со другите нации, не можеме да кажеме „да“ за почеток на преговорите – изјави Радев.
По демонстрираната „попустливост“ на Борисов и „непопустливоста“ на Радев, веројатно треба да се потсети дека ваквите демонстрирани „политики на два паралелни колосека“, од кои обата завршуваат слепо за Македонија, веќе не минуваат како опција за решение, ниту за ЕУ ниту за повеќето членки на Унијата, а се разбира и ниту за Македонија. Сѐ поочигледно е дека елементите на кои Софија го темели образложението на ветото, поради кое е спуштена европската рампа за Македонија, се базирани на лаги, клевети, измислици и фабрикување невистинити состојби. Накратко, европското вето недопустливо се базира на криминални основи, што само по себе го прави ништовно. Тоа е нелегално наспрема темелните документи на ЕУ, а и наспрема меѓународното право. Конечно, тоа е длабоко понижувачки за македонската нација, идентитет, историја, јазик, култура…
– Чекорите и блокадите што Радев ги презема во име на Бугарија се навреда за македонските граѓани. Македонскиот народ, со целата своја мирољубивост, не може да ги оправда блокадите, поентираше македонскиот премиер на крајот од самитот на ЕУ – Западен Балкан во Словенија. Д.М.М.