Дилемите и дебатата за тоа дали покрај Владата и другите два столба на власта, законодавниот (Собранието) и судскиот, треба да го прифатат таквиот начин на функционирање и понатаму се актуелни во јавноста, што предизвикува различни гледишта и аргументација како меѓу претставниците на власта и опозицијата, така и кај стручната јавност

Извршната власт, т.е. Владата, веќе почна да го практикува принципот на одржување онлајн седници, како приспособување на функционирањето во услови на пандемија. Но дилемите и дебатата за тоа дали и другите два столба на власта, законодавниот (Собранието) и судскиот, треба да го прифатат таквиот начин на функционирање и понатаму се актуелни во јавноста, што предизвикува различни гледишта и аргументација како меѓу претставниците на власта и опозицијата, така и кај стручната јавност. Во текот на празничниот викенд, и претседателот на Собранието, Талат Џафери, но и министерот за правда Бојан Маричиќ ги искажаа своите аргументи за работа од далечина на институциите што ги предводат. Иако опозицијата се противи, за Џафери ситуацијата е сосема јасна – Собранието мора да се приспособи на состојбата и да работи онлајн, и покрај тоа што Уставот предвидува физичко присуство.
– Со Уставот е тесно дефинирано дека Собранието работи во собраниската зграда, во таа и таа сала, и што сега, ќе останеме заробеници на тоа? Скопје и скопската котлина се трусно подрачје, гледано сеизмолошки. Во случај на земјотрес и поголемо оштетување на објектот, каде ќе се одржуваат седници? Не е дефинирано.

Затоа, сега кога се најдовме во оваа ситуација, е неопходно да размислиме да имаме резервни правила како и на кој начин би ја извршувале нашата функција и во такви услови, а не тоа да биде замена за редовната работа. Но во секој случај пратениците, субјектите, политичките партии имаат право да имаат пристап онака како што пристапиле кон оваа идеја. Јас опстојувам на фактот дека ако не сега, во идно време ќе мора да имаме алтернативни решенија за алтернативна работа во алтернативни услови. За нормални услови, кој нормален човек би побарал да работи од дома? Но ситуацијата наметнува да размислуваме и за тоа – вели Џафери во едно интервју за медиумите.
Се покажува дека пандемијата сѐ повеќе влијае и на работата на судовите. Одложувањето судски рочишта токму поради состојбата со коронавирусот во последните десетина дена можеше да се забележи и во практика. Во тој контекст, претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, најави дека се размислува и судењата да бидат онлајн. Министерот за правда Бојан Маричиќ смета дека поради новата состојба со коронавирусот, и судството треба да функционира онлајн.

– Ова ново време на светска пандемија донесе нови предизвици и за правосудството и бара нови решенија како да функционира системот, да продолжат судските рочишта и постапките пред судовите и обвинителствата. Учениците, наставниот кадар и образовниот систем со извонредна посветеност, соочувајќи се со многу предизвици, покажаа дека системот во овие времиња треба и може да функционира и онлајн – изјави Маричиќ во видеообраќањето по повод Европскиот ден на правдата, 25 Октомври.
Тој посочува дека за време на вонредната состојба, во судството имаше примери што покажуваат дека може да се функционира и онлајн и дека ова може повторно да се воведе во практика. Поради состојбата со коронавирусот и одложувањето рочишта, бидејќи меѓу обвинетите има позитивни или во изолација, се размислува и судењата да бидат онлајн.
Сепак претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, предупредува на една пречка што го доведува во прашање спроведувањето на ваквата идеја, а тоа е согласноста на обвинетиот за ваков тип судење.