Во првата фаза од студијата „Процена на серолошкиот одговор на населението на градот Загреб за контакт со САРС-КоВ-2“, спроведена на 1.005 лица, е утврдено дека во главниот град на Хрватска 26,07 проценти од населението имаат антитела кон САРС-КоВ-2, но и дека 25 проценти од луѓето што биле во контакт со новиот коронавирус немаат развиено антитела кон него. Еден од поинтересните заклучоци е дека организацијата на работата во рамките на компанијата и едукацијата на вработените за важноста на личната будност се исклучително силен фактор во брзината на ширење на инфекцијата, многу посилен од формалните мерки што се во сила во една област

Интересни резултати од новото истражување во Хрватска

Научното истражување „Процена на серолошкиот одговор на населението на градот Загреб за контакт со САРС-КоВ-2“, спроведено на 1.005 лица, даде интересни резултати, според кои, може да се заклучи дека е преминат врвот на епидемија, иако нејзините автори повикуваат на трезвеност и неизбрзување со заклучоците. Истражувањето го спроведоа специјалната болница „Св. Катарина“ и компанијата „Генос“, со поддршка на компанијата „Еуроиммун“, а беше раководено од проф. д-р Драган Приморац и од проф. д-р Гордан Лауц. Во студијата учествувале испитаници постари од 18 години, а меѓу нив имало 455 жени и 550 мажи.

Секој четврти има антитела

Она што му дава посебна специфика на ова истражување е тоа што за разлика од други земји Хрватска се реши за поинаков пристап. На пример, во бразилскиот град Манаус беше спроведена ваква студија врз примероци од крв добиени од доброволни донатори. Во Загреб, пак, се користени податоците од испитаници на кои, во согласност со Законот за безбедност и здравје при работа, работодавецот е должен да им обезбеди здравствен преглед, како и од испитаници од 11 загрепски компании. Притоа, во првата фаза од студијата е утврдено дека во Загреб 26,07 проценти од населението имаат антитела кон САРС-КоВ-2, но 25 проценти од луѓето што биле во контакт со новиот коронавирус немаат развиено антитела кон него.
– Преваленцата на околу 35 проценти од работното население во Загреб е малку пониска од онаа што ја проценивме по првите 500 анализи, но ова може да се должи на фактот дека во оваа фаза анализиравме голем број примероци од компании со многу малку заразени, па преваленцата на општата популација е веројатно нешто поголема – рече д-р Гордан Лауц.
Според неговите зборови, многу е важен податокот дека се утврдени значителни разлики во распространетоста на епидемијата во различни компании, бидејќи тоа укажува на важноста на добрата организација на работата во работното место и личната одговорност на секој од нас. Д-р Лауц објасни и што точно значи овој резултат.
– Фактот дека повеќе од една третина од населението веќе преболело ковид-19, ни кажува дека веќе го преминавме врвот на пандемијата и дека не треба да се плашиме од друг голем бран. Бидејќи ниту еден вирус не може да зарази точно сто проценти од популацијата, 35-40 проценти од закрепнатите го забавуваат преносот на вирусот за околу 50 проценти, што е повеќе отколку да се соберат сите најефикасни антиепидемиски мерки заедно – вели научникот.

Мерките дадоа резултат

Професорот притоа објаснува дека резултатот „ни кажува дека со антиепидемиските мерки и со личните мерки на претпазливост сепак сме заштитиле голем дел од популацијата, но сепак е неопходна претпазливост за вирусот да не се шири во оние суппопулации што досега успеаја да го избегнат“. Наедно додава да се внимава ако случајно се појави поголемо локално ширење, бидејќи е можно да се појават некои нови вирусни варијанти што можат да бидат во можност да ги инфицираат оние што претходно се заразиле со ковид-19.
Авторите на студијата дадоа и објаснување зошто се решија за поинаков начин на собирање примероци од крвта за анализа.
– Во овој вид студии, најголем проблем е репрезентативноста на примерокот и всушност никој не го решил на сосема објективен начин. Хрватска е во малку поинаква ситуација тука, бидејќи нашите регулативи бараат редовни систематски прегледи за безбедност при работа, издавање возачки дозволи итн. Ова е многу репрезентативен примерок на активна популација во одредена област и од некои од луѓето што ги тестиравме потекнува популацијата што ни даде одговор за распространетоста на инфекцијата кај активната популација (од 18 до 65 години) – објасни д-р Лауц. Притоа, тој објасни дека се барало и одговор на прашањето за влијанието на организацијата на работата во одделни компании врз преваленцата на инфекција меѓу вработените и членовите на нивните домаќинства.

Добрата организација во компаниите е пример за чување на здравјето
на вработените

– Таму забележавме големи разлики, така што, на пример, имавме компании во кои само околу 11 проценти од вработените имаа антитела, но и такви во кои 56 проценти од вработените имаа антитела. Ова укажува на фактот дека организацијата на работата во рамките на компанијата и едукацијата на вработените за важноста на личната будност се исклучително силен фактор во брзината на ширење на инфекцијата, многу посилен од формалните мерки што се во сила во една област – објаснува д-р Лауц.
Особено внимание од истражувањето привлече податокот дека 25 проценти од лицата вклучени во студијата, кои биле во контакт со новиот коронавирус, немаат антитела.
– Со, се разбира, сите ограничувања што ги носат малите студии како нашата, исклучително е важно да се напомене дека голем број луѓе што биле во контакт со САРС-КoВ-2 или дури и го надминале, немаат антитела. Слична ситуација беше забележана по епидемијата на САРС во 2003/2004 година, кога беше откриено дека и покрај исчезнувањето на специфичните антитела кон САРС-КоВ, клеточниот имунитет првенствено преку имунолошката меморија има клучна улога во борбата на организмот против реинфекција. Со други зборови, загубата на антитела по преболувањето на ковид-19, најверојатно нема значително да влијае на заштитата на организмот од повторна инфекција – рече проф. Драган Приморац.

Авторите на истражувањето ги интересирало и дали може да се извлече заклучок од студијата за стапката на загуба на антитела, дали има разлика во ова кај асимптоматските и симптоматските носители?
– Ова прашање е клучот за разбирање на имунолошкиот одговор на организмот на САРС-КоВ-2. Детален одговор ќе бара надолжно следење на луѓето што преживеале ковид-19, што имаме намера да ги постигнеме. Резултатите објавени во „Сајнс имунолоџи“ укажуваат на тоа дека мемориските Б-клетки што „се сеќаваат“ на вирусните протеини, исто така, брзо произведуваат антитела дури и осум месеци по првичната инфекција. Кога станува збор за асимптоматски лица или оние со полесна форма на ковид-19, колегите неодамна објавија резултати во списанието „Имрџинг инфектив дизизис“, кои сугерираат дека асимптоматските лица, како и оние со поблага клиничка слика и ковид-19 имаат специфични циркулирачки тела и осум месеци по контакт со вирусот – рече проф. Приморац.

Ангел Митревски Специјално за „Нова Македонија“ од Сплит