Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска во Берлин имаше средба со Нилс Шмид, портпарол за надворешни работи на парламентарната група на Социјал-демократската партија во Бундестагот.

Мериторното интегрирање, постигнувањето на консензус за преговарачката рамка и што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, беа разгледани на состанокот со германскиот пратеник, кој го споделува ставот дека билатералните спорови не смее да бидат кочница во пристапниот процес.

– Принципелната позиција на Германија за остварување на ветувањето кон Северна Македонија и регионот да се приклучат кон Унијата, како резултат на нивната демократска трансформација, е еден од главните двигатели кои ни влеваат доверба во успехот на интегративниот процес. Поминавме долг и трнлив пат поплочен со бројни предизвици кои на моменти изгледаат и ненадминливи, но мора да се направи граница меѓу условите за почеток на преговорите и нерационалните барања, кои се косат со се’ што е европско – изјави Димитров.

Вицепремиерот исто така информираше и за клучните реформски активности кои се насочени кон задржување на позитивнато европско досие на Северна Македонија, со акцент на областите поврзани со владеење на правото, како што се реформата на правосудството, борбата против организираниот криминал и корупција, слободата на изразување и медиумите. Станува збор за суштински теми и прашања, особено значајни за напредок во пристапниот процес со ЕУ, опфатени во „Агенда: Европа дома”.

На овие теми се разговараше и со Сабине Штер, ополномоштеник за ЕУ политики во германското МНР и Сузане Шуц, директорка во министерството за надворешни работи на Германија, за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, на кои вицепремиерот Димитров им ги пренесе очекувањата Германија и понатаму да остане проактивна кон остварување на заеднички утврдената стратешка цел.

– Не постои сомнеж кај нашите германски пријатели дека Северна Македонија заслужи отворање на преговорите уште минатата година. И покрај несиполнувањето на нашите легитимни очекувања, стартот на преговорите не само што ќе биде поттик за македонската страна, туку истовремено ќе биде и нов импулс за политиката на проширување на ЕУ – додаде Димитров.