Фото: Маја Јаневска-Илиева

Еден од клучните чинители што доведоа до тоа самите институции да не можат да се справуваат со проблемите на граѓаните, што, пак, резултира со губење на довербата на граѓаните во самите институции, се нивната депрофесионализација и ерозијата на екипирање со стручњаци, за сметка на партиското екипирање на државните централни и локални институции. Овој процес трае со децении, небаре од осамостојувањето на Македонија, што го прави системот хронично сериозно заболен. Во тој контекст, инстант општествен лек не постои, туку постојат и претстојат длабоки долгогодишни системски реформи

Стручноста и компетентноста се критериуми за иднината на Македонија

Државата три децении не успева да воспостави систем вреднуван врз основа на стручност и компетентност, што, од друга страна, се одразува директно врз квалитетот на услугите и, воопшто, квалитетот на животот што го добиваат македонските граѓани.
Несомнено, ваквиот долгодецениски однос на партизација на институциите, наместо нивна професионализација и екипирање со стручњаци, доведе до тоа самите институции системски да не можат да се справуваат со проблемите на граѓаните, што, пак, од друга страна, резултира со губење на довербата на граѓаните во самите институции.
За обичниот граѓанин веќе повеќе од јасно е дека формулата за добивањето на шанса за раководно место во партиите и институциите може да имаат само оние што се блиски и подобни за партискиот лидер.
Она што кај нас недостига, покрај стручноста и компетентноста, е и недостигот од конкурентност, односно да се понудат повеќе квалитетни кадри, па преку транспарентна постапка да се избере оној што е најдобар и најподготвен за предизвикот на кој се нафаќа.
Сето тоа треба да се разбере како натпревар на идеи од чија реализација би се подобрил квалитетот на животот на самите граѓани.
Тоа, од една страна, ќе придонесе за постепено враќање на довербата во институциите, но, од друга страна, ќе постави и основа врз која ќе се гради секој иден избор на раководители, преку стручност, квалитет и идеи, наместо преку рутинско партиско назначување. Несомнено, тоа ќе доведе и до намалување на поларизацијата во општеството, кое наместо околу партиски личности, ќе се обединува околу оној што најмногу ќе придонесе за нивен подобар живот.

Повеќе од јасно е дека народот бара свежи стручни кадри што имаат развојна визија, наместо да им се нудат истрошени политички ликови што потфрлиле на претходната функција, па сега се ротираат во други институции само затоа што ја докажале својата „стручност“ пред партискиот лидер.
– Во изминативе 30 години никогаш не се водело сметка за стручноста и компетентноста во нашава држава, од избор на портир до министер. Сето тоа е споил-систем, оној што победува, дали е министерство, дали е јавно претпријатие, установа, целосно ги запоседнува раководните функции – вели универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Според него, кај нас единствен репер за избор е политичката подобност на некое лице.
– Останува само политичкиот критериум за избор и на највисоко и на најниско ниво. Тоа е повеќе од очигледно, а за тоа постојано нè предупредува Европската Унија преку секој свој извештај – напомнува професорот Давитковски.
За професорот Живко Андревски распоредувањето нестручни и некомпетентни кадри повеќе се однесува на вториот и третиот ешалон, додека институциите од првиот ешалон треба да имаат политичка фигура што треба да преземе и политичка одговорност за евентуални неуспеси.
– Таа некомпетентност и нестручност повеќе се однесуваат на вториот и третиот ешалон на државната администрација. Нејзината поставеност апсолутно треба да биде врз основа на стручност и компетентност и тука не треба да се прогледува низ прсти дека може да се поставува несоодветен кадар. Овој кадар прво не смее да биде необразован, второ не треба да е несоодветен и некомпетентен на функцијата и трето тој треба да биде креативен и стручен да може да понуди квалитет во работата – истакнува Андревски.

За него е проблематично што тие ешалони нетранспарентно се полнат со партиски кадри, а јавноста потешко го дознава тоа, додека директно не се соочи со нивната неспособност.
– Несоодветноста не гарантираа минимум квалитет на исполнување на обврските кон граѓаните, а камоли висок степен на одговорност, стручност, компетентност, па дури и самостојност тој човек да знае да се надградува и да решава граѓански проблеми, дилеми итн. – појаснува Андревски.
Според него, токму стручноста и одговорноста се клучни за мали општества, како македонското, ако сакаат да напредуваат.
– За мали држави и мали општества, како нашево, повеќе треба да биде присутен принципот на стручност, одговорност, квалитетно исполнување на обврските, оти системот не може да го одржува вишокот. Тоа ќе ја нарушува општествената репродукција, ќе влече средства, долгорочно ќе го нарушува процесот. Ако треба да имаш тројца експерти во вистинска смисла, а ти имаш осуммина, од кои само еден и пол нешто се разбираат, логично дека тоа ќе се одрази врз системот, тие луѓе повлекуваат средства, не дозволуваат други да се вработат, го оптоваруваат буџетот, а со тоа и стопанството и граѓаните, едноставно тоа е подолгорочен проблем – заклучува професорот Андревски, коментирајќи го проблемот со назначувањето нестручни и некомпетентни кадри на раководни функции.