Фото: Игор Бансколиев / Архива

Овој меѓународен датум годинава посебно добива тежина, со оглед на опасностите од пандемијата на ковид-19. Од македонска гледна точка, Светскиот ден за безбедност на пациентите минува и во сенка на трагедијата со модуларната болница во Тетово, но и редица други настани што предизвикуваат широк јавен интерес. Во основа, на Светскиот ден за безбедност на пациентите се наметнува и прашањето каква е безбедноста на пациентите во Македонија, кои се проблемите и предизвиците со кои се соочува здравствениот систем, а кои директно се одразуваат и врз пациентите…

Седумнаесетти септември – Светскиот ден за безбедност на пациентите, како повод

Светскиот ден за безбедност на пациентите е меѓународен јубилеј, кој од 2019 година, па досега се одбележува по иницијатива од Светската здравствена организација (СЗО). Овој меѓународен датум годинава посебно добива тежина, со оглед на опасностите од пандемијата на ковид-19, а од македонска гледна точка, тој минува во сенката на трагедијата со модуларната болница во Тетово.
Според СЗО, овој датум има цел да поттикне подобра внатрешна и надворешна соработка на медицинските институции од сите земји во подобрувањето на безбедноста на пациентите. Дополнително, овој датум претставува и момент за препознавање на медицинските грешки и проблемите што може да се избегнат за подобра заштита на хоспитализираните пациенти.
– Јубилејот се користи и како глобална обврска на сите земји-членки на СЗО да ги препознаат своите обврски поврзани со безбедноста на пациентот, како клучен здравствен приоритет во намалување на штетата по животите на пациентите во рамките на здравствената заштита – порачуваат од СЗО по повод празникот.
Каква е безбедноста на пациентите во Македонија и во светлина на последната трагедија во Тетово и генерално во целокупниот здравствен систем? Кои се проблемите и предизвиците со кои се соочува тој и директно се одразуваат и врз пациентите, посебно сега во услови на пандемија?
Бројките на новозаразени со ковид не престануваат да растат, а не опаѓа ниту бројот со починати секојдневно. Од почетокот на пандемијата, па досега починаа над 6.307 наши сограѓани, а во битката за лекување на заболените животот го изгубија и триесетина доктори и медицински сестри. Македонија со години се соочува со феноменот на емигрирање на професионален медицински персонал, а со тоа и со недостиг од истиот тој, што секако се одразува на дефицит на квантитетот и квалитетот на услугите и воопшто грижата кон пациентите.

Иако постојано се укажува и работи на подобрување на условите за работа во јавното здравје, сепак анализите и понатаму покажуваат недостиг од (квалитетен) здравствен кадар.
Во контекст, на Меѓународниот ден за безбедност на пациентите побаравме одговори на низа прашања што го засегаат нашиот здравствен систем, особено сегментот на јавното здравство.
Докторите и психолозите со кои се консултиравме велат дека животот со пандемијата повеќе од кога било досега го истакнал значењето на овој меѓународен јубилеј, но и на други интернационални датуми слични на него.
Тие истакнуваат дека во Македонија, како и во секоја друга земја, и покрај очигледните тешкотии во пандемијата пред кои е исправен нашиот здравствен систем, главниот фокус на лекарите е безрезервна заштита и безбедност и на пациентите, но и на персоналот на медицинските установи.

Здравствените работници се клучниот столб

Докторот Мартин Јовановски вели дека меѓународниот јубилеј е тука со причина.
– Практикувањето на Хипократовата заклетва ако некогаш имало смисла во поновата македонска историја тогаш тоа е сега. Сведоци сме дека секојдневно се води битка за живот или смрт и на пациентите што се лекуваат од ковид, но и на лекарите што се заразени од вирусот. Овој период во земјава ги покажа и силните и слабите страни на нашиот медицински систем и докажа дека секогаш има простор за подобрување, но и дека од несаканите настани мораме да извлечеме важни лекции, кои не смеат да се повторат во иднина – вели докторот Јовановски.
Тој потенцира дека во овој момент во нашиот здравствен систем покрај безбедноста и давањето на медицинската нега на пациентите, треба да се посветува и многу време на стимулирање и мотивирање на кадарот, како и на унапредување на статусот на здравствените работници.
– Здравството и здравствените работници се клучниот столб во борбата со ковид-19 и од нив најмногу од што било зависи грижата за пациентите што ќе се хоспитализираат во нашите болници – истакнува тој.

И пациентите се чинители за севкупната безбедност на здравствениот систем

За тоа колку ќе биде успешен здравствениот систем, свој удел имаат и самите граѓани, односно пациенти. Има сѐ почести случаи кога токму пациентите ги нарушуваат безбедноста и другите пропишани протоколи, не ги почитуваат мерките, некогаш и самоволно бегаат од болница, па сѐ до немилите настани на навреди или напади кон доктори, од страна на пациенти или нивни блиски. За тоа колку е функционална релацијата лекар – пациент и каков е профилот на домашните пациенти побаравме мислење и од психолозите.
Психологот Милка Ололоска вели дека воопшто не е лесно да се направи сеопшт профил на македонскиот пациент, бидејќи во оваа категорија луѓе особено во пандемијата се вбројуваат стотици илјадници луѓе.

Според неа, сепак она што може да се каже е фактот дека како некој пациент ќе се однесува во болница зависи од тоа какво образование има, колку им верува на докторите и на науката и колку како личност е самосвесен за медицинските состојби.
– Токму поради оваа разноликост на луѓето ние имавме случаи од наши сограѓани што внимателно ги следеа упатствата на лекарите ако заболеле и уште повеќе ако беа хоспитализирани. Од друга страна, пак, имавме и лица што се однесуваа спротивно, не се грижеа за јавното општо добро, бегаа од болници, заразуваа други лица намерно или ненамерно, вршеа кражби во болници, па дури напаѓаа и доктори и медицински персонал – вели Ололоска.
Според неа, за да имаме успешна битка со пандемијата треба да се започне да се внимава повеќе на менталното здравје и на пациентите, но и на медицинскиот персонал, кој е преоптоварен и преморен во двегодишната битка со вирусот.
Таа советува дека само навремениот мониторинг на менталната состојба на пациентите и на медицинскиот персонал може да помогне во иднина пациентите уште подобро да ги следат медицинските совети и побитно да се превенираат навремено несаканите состојби со нападите врз лекарите и со бегствата од болниците.


Светски ден и на првата помош

Препознавање на херојот во себе

Ден пред Светскиот ден за безбедност на пациентите, Македонија и меѓународната заедница го одбележаа и Светскиот ден на првата помош.
Предводник на вредностите претставувани на Светскиот ден на првата помош е Црвениот крст на Македонија.
Оттаму објаснуваат дека вештините за укажување прва помош треба да бидат достапни за сите, како хуманитарен акт што ги овластува луѓето да спасуваат животи и да помогнат во закрепнување од нагло настанати заболувања или повреди.
Сузана Тунева од Црвениот крст на Град Скопје вели дека нејзината организација се залага барем еден член од секое семејство да биде едуциран и обучен да укаже прва помош.
– Затоа и ги охрабруваме сите граѓани да посетат некоја од нашите обуки за прва помош – вели таа.
Според Тунтева, првата помош во суштина е најбитната помош сѐ до стигнувањето на медицинските екипи на местото.
– Укажаната вистинска прва помош, која е составена од само четири чекори може некому да му спаси живот, додека на местото на случувањата не пристигнат медицинарите. Ние во Македонија пред пандемијата имавме случај во кој деца од основно училиште, кои знаеле како да дадат прва помош, спасиле постар нивен сограѓанин што доживеал епилептичен напад – вели таа.
Тунтева напоменува дека првата помош не е медицинска помош, но таа треба да е составен дел на секојдневието, а во канцелариите на Црвениот крст има центри за обука што ги учат возачите да дадат прва помош, преставниците на работните единици, учениците, па дури и луѓето во третата доба.
Претставникот на Црвениот крст нагласува дека познавањето на давањето прва помош е препознавање на херојот во себе за да му се спаси некому животот и тоа треба да стане помасовно и истото тоа може да донесе само придобивка за нашето општество.

[email protected]