Во собраниската прес-сала вчера, на годишнината од насилствата во Парламентот, прес-конференција одржаа премиерот Зоран Заев и претседателот на Парламентот Талат Џафери. Тие беа придружувани од пратеници на СДСМ и ДУИ и поранешни народни избраници, сега градоначалници, како и припадниците на обезбедувањето кои таа вечер беа повредени или во прес-салата. 

Заев и Џафери на прес-конференцијата ја отфрлија можност за амнестија на лицата инволвирани во насилствата во Собранието.

– Не сакам ни да помислам дека некој размислува за такво нешто, закон за аменстија. Верувам дека никој и не размислува, но и ако некој потајно размислува убаво е да се откаже од такво размислување – рече Заев. 

Џафери, пак, вели дека нема место за размислување за таква опција (амнестија) затоа што, како што кажа, милион граѓани за најситна повреда на правилата и на законите се соочуваат со процес на правда и правдина низ системот онака како што е предвидено.

– Не мислам дека решението за самата опозиција е во фактот и во можноста формално да се постави и да се покрене една таква иницијатива. Без оглед што можеби тоа и го пропагираа во почетокот после настаните, јас сум убеден дека по една година цврсто се мислат и тие дали би направиле еден таков чекор. Мислам дека сватиле што се случило, да не кажам што направиле – рече Џафери. 

Кажав, додаде тој, простувам, но не заборавам што се случило затоа што доколку заборавам или заборавиме, тогаш постои можност да ни се повторат заборавените работи коишто сме ги надминале.

– Од таа причина сметам после една година ни самата опозиција веќе не стои на тој став дека треба да има амнестија без оглед декларативно што ќе кажат – дециден е Џафери.

Премиерот Заев не одговори дали знае или се сомнева во тоа кои се инспираторите на настаните од 27 април, туку рече дека верува оти низ доказната постапка преку истрагата ќе се утврди максимално вистината по која што, вели тој, а веројатно и сите граѓани трагаат.

– Не само насилниците, не само директно вклучените, можеби и инспираторите, тајно организаторите од позадина на овој настан. Ако има докази, јас сум убеден дека преку тие докази ќе се утврдат и инспираторите. Ако нема докази верувам дека постои време и можност кога ќе се појават. Никоја тајна не останува трајна никаде – рече премиерот.

Правна разрешница, според него мора да има, но инспираторите и организаторите мора да сносат и политичка одговорност. 

Бруталните и насилничките настани на 27 април во Собранието, кажа премиерот, не беа напад против нас, туку против демократијата. Тоа беше повеќе од криминал, повеќе од предавство, рече Заев.

Една година по насилството во Собранието, Македонија се врати на патот по кој чекорат сите европски демократски држави.

– Ја убедивме ЕК дека заслужуваме препорака, сега сакаме да ги убедиме земјите членки на Европскиот совет дека заслужуваме почеток на преговори за ЕУ – рече Заев.  

Зијадин Села, кој најмногу настрада во насилствата, како и пратениците од опозицијата, биле поканети да присуствуваат на прес-конференцијата, но тие не дојдоа. 

За насилствата на 27 април, се води постапка за обидот за убиство на Зијадин  Села  во Кривичниот суд. Рочиште се одржа и вчера. Други судски постапки се уште не се отпочнати, но има лица кои се уште се во притвор или во домашен притвор. 

Основното јавно обвнителство за гонење на организиран криминал и корупција на 27 март годинава до Основниот суд Скопје 1 поднесе обвинителен акт против 30 лица во врска со настаните од 27 април 2017 година. Дваесет и осум лица се обвинети за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а две за помагање при вршење на истото кривично дело.

Лекарската помош по насилствата на 27 април во Собранието, според извештајот на МВР побарале 70 граѓани, 22 полицајци и тројца пратеници.