Фото: Игор Бансколиев

Одолжувањето на истражната постапка, според експертите, остава простор за „политичко-партиски замешателства“, особено што в понеделник почнува изборната кампања. Оддалеку се чувствува дека токму темата поврзана со тетовската трагедија ќе биде дел од политичката реторика на партиите во меѓусебните обвинувања. Од тој аспект, граѓанскиот разумен рок за објективна истрага како да истекува за неколку дена, а во таа временска рамка веќе треба да се соопштат резултатите. Во спротивно, негативните ефекти ќе бидат повеќеслојни…

Истрагата за тетовската трагедија забавена со почетокот на кампањата за локалните избори

Дали истрагата за трагедијата во тетовската модуларна болница ќе ја стекне довербата на граѓаните, или, пак, недовербата кон институциите ќе се продлабочи? Јавноста очекува динамична истрага, која ќе биде темелна и објективна и која ќе даде точни причини како настанал пожарот.
Одолжувањето на истражната постапка, според експертите, остава простор за „политичко-партиски замешателства“, особено што в понеделник почнува изборната кампања. Оддалеку се чувствува дека токму темата поврзана со тетовската трагедија ќе биде дел од политичката реторика на партиите во меѓусебните обвинувања. Од тој аспект, граѓанскиот разумен рок за објективна истрага како да истекува за неколку дена, а во таа временска рамка веќе треба да се соопштат резултатите.
Од обвинителството засега не соопштија нови детали за текот на истрагата, а извештајот на германските експерти се очекува до крајот на месецот.
Во пожарот во тетовската модуларна болница, кој се случи на осми месецов, починаа 14 лица. Во истрагата на обвинителството се вклучија и германски експерти.

За објективна истрага е потребно време

Ги прашавме експертите и политичките аналитичари колку граѓаните губат доверба со тоа што доцнат истрагите. Дали со почетокот на политичката кампања се остава простор за политички еквилибристики и кој ќе им верува на институциите за објективна истрага?
Маргарита Цаца Николовска, судијка со богато искуство во меѓународното право и поранешна судијка на Европскиот суд за човекови права, вели дека е факт дека за вакви големи несреќи треба подолго време за да се изврши стручно вештачење, кое ќе ги опфати сите страни.
– Не знам до кога е вештачењето, дали сведоците се испрашуваат, кои се тие сведоци и дали тие сведоци одговараат за потребата. Се вклучува и обвинителството за организиран криминал, со што се продолжува времето на истрагата. И странски експерти исто така се вклучуваат – посочува таа.
Сепак, се согласува дека ваквата состојба остава простор граѓаните да размислуваат на овој или на оној начин во негативна смисла.
– На сето тоа ако ги додадете и оставките, им се дава на луѓето простор за недоверба, која и онака постои во судството. Ова не треба да се употребува во политичката кампања, односно не треба да се злоупотребува трагедијата, зашто на тој начин граѓаните нема да можат да изведат мислење или да создадат мислење – посочува Николовска.
Аналитичарот Петар Атанасовски вели дека нема увид во тоа колку обично трае истрагата за вакви случаи, но смета дека три недели веројатно не е драматично доцнење.
– Не знам колку е комплицирана истрагата. Но ако се завлече неколку месеци, ќе постои простор во јавноста за шпекулации – посочува тој.
Сепак, тој смета дека вклучувањето на германските експерти во истрагата треба да има значење за граѓаните и да им влее доверба.
– По секоја ваква кризна ситуација постојат три фази, а тоа е заштита на човековите животи, одговорност и што треба да направиме системски да не се повтори. Политичарите треба да се фокусираат на тоа – заклучува Арсовски.

За жал, трагедијата веќе влезе во партиските пресметки и предизборната реторика

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ продолжува со барањето одговорност и оставки поради пожарот во модуларната болница во Тетово… Од Владата повикуваат трагедијата да не се злоупотребува за политички цели…
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, му ја врати на предлагачот предлог-одлуката за формирање анкетна комисија во парламентот за несреќата во модуларната болница во Тетово, со образложение дека е неуредна.
Од опозицијата сметаат дека со ваквиот потег парламентарното мнозинство не сака да го расчисти случајот и не сака да се добие одговор.
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека се воздржува од сите коментари додека трае истрагата. Во однос на неговата оставка, за која премиерот најави дека ќе се изјасни откако ќе заврши истрагата, рече дека никој не е неменлив. Тој посочи дека во истрагата за избувнувањето на пожарот во модуларната болница се вклучени институции и обвинителства и, како што напомена, ќе дозволи најпрвин тие да констатираат, а по завршувањето на процесот ќе биде на располагање за разговор или изјава.
Процесот на проверка и на комуникација со директорите на болниците, како и проверка од страна на Санитарниот инспекторат, е завршен. Документацијата за модуларните болници, како што рече, е во проектната единица на Светска банка во Министерство за труд и социјална политика и така е одговорено на барањата.
Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, порача дека тие како партија стојат зад секаква комисија што ќе работи за да излезе на виделина вистината и да има одговорност.
Премиерот Зоран Заев останува на ставот дека ќе ги чека информациите од истрагата за пожарот, па потоа ќе донесе одлука за оставките на двајцата директори на болницата, министерот и заменик-министерот за здравство. Одговорност, како што порача тој, секако ќе има, но исклучиво поради причините и аргументите коишто ќе бидат на основа на вештачењето.
– Мене ми се потребни влезните информации од извештајот, за да можам мирно да спијам и слободно да ја донесам и оправдам одлуката, без разлика дали е оставка и прифаќање или, пак, неприфаќање – рече Заев.
Тој истакна дека бил задоволен од тоа како министерот Филипче и неговиот заменик Хасани ја менаџираат работата во здравството за справување со пандемијата.


Светска банка: Заштитата од пожари во модуларната болница во Тетово е надлежност на директорот и персоналот

Планот за заштита од пожари требало да го изработи и спроведе болничкиот персонал под раководство на директорот на болницата во Тетово, велат од Светската банка за „Дојче веле“. Тендерот за изградба на тетовската, како и на преостанатите 16 модуларни болници во земјава, во октомври 2020 година беше спроведен во согласност со домашната регулатива и правилата на Светската банка, од каде што македонската влада зеде заем од 3,8 милиони евра.
– Проектната листа за изградба на модуларните болници вклучуваше конкретни мерки, фокусирани на заштита од пожари и подготвеност за итни случаи за време на изградбата, а исто така постоеше обврска да се воспостави план за заштита од пожари на почетокот на работата на објектот – објаснуваат од Светската банка.
Тој план, како што додаваат оттаму, требало да се изработи и спроведе од назначениот болнички персонал, под одговорност на директорот на болницата.
Од Светската банка не сакаат да коментираат во врска со техничките спецификации на проектот по кој се градени модуларните болници во земјава.
Упатствата за јавни набавки на Светската банка прецизираат дека за сите меѓународни тендери, позајмувачот, во случајов Северна Македонија, мора да ги наведе меѓународно прифатени стандарди со кои опремата, материјалите и изработката ќе се усогласат.
Меѓународниот стандард што се следи во законската регулатива во Северна Македонија, велат од Светската банка, е оној на Конфедерацијата на европските здруженија за заштита од пожар КФПА Европа.