Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повеќето од луѓето во земјава ги користат маските кога одат да купуваат или кога користат јавен превоз, а кога нема потреба тие ги оставаат под брадата, со што во летните месеци кога температурите се високи дополнително ја иритираат кожата. Ова во голема мера е изразено кај младите, особено тинејџерите, чија кожа на лицето во тој период од животот е особено активна и лесно доаѓа до иритација

Носењето маска штити од коронавирусот, без разлика што некогаш има несакани нуспојави

Носењето заштитни маски е ефикасен начин за намалување на опасноста од ширење на ковид-19. Во согласност со препораките на СЗО и на Комисијата за заштита од заразни болести, маските треба да се употребуваат во затворен простор и секогаш кога не е можно да се држи растојание од метар и половина до два метра. Но се чини дека носењето маски има и некои нуспојави како што е појавата на акни.
Повеќето од луѓето во земјава ги користат маските кога одат да купуваат или кога користат јавен превоз, а кога нема потреба тие ги оставаат под брадата, со што во летните месеци кога температурите се високи дополнително ја иритираат кожата.
Ова во голема мера е изразено кај младите, особено тинејџерите, чија кожа на лицето во тој период од животот е особено активна и лесно доаѓа до иритација.

– Забележав промени на лицето на мојата ќерка последниот месец, особено во делот околу брадата. Таа е млада, сака да се дружи со своите пријатели и од тие причини кога излегува постојано носи маска. Во неколку наврати се пожали дека кожата ѝ е иритирана и дека има потреба да ја чеша, а јас забележав и ситни мозолчиња токму во делот каде што маската се трие од кожата – вели Ивана М., мајка на тинејџерка.
Таа додава дека чешањето на кожата го снемувало откако ќерка ѝ ќе го измиела лицето со вода.
– Штом ќе ја оставеше маската и ќе се измиеше, иритацијата се смируваше. Претпоставувам дека и топлото време има свој удел, а посетите на доктор сега ги избегнуваме поради ситуацијата со коронавирусот, така што засега ќе останеме на хигиената и користењето маска само кога е нужно – нагласува Ивана М.

Најновата студија на Американската академија за дерматологија покажа дека константното триење на кој било вид ткаенина од кожата може да доведе до иритација, а кога кон тоа ќе се додадат потта, нечистотиите и шминката што се собираат под маската, тогаш иритациите се неизбежни, особено на подрачјето каде што маската директно доаѓа во контакт со кожата.
– Причината за појава на иритации е тоа што дишеме директно во маската, што предизвикува топлината да се задржува под неа. Не морате ниту премногу долго да ја носите маската за да се јават проблеми со кожата. Доволни се неколку минути додека сте во продавница. Сепак, најмногу се погодени оние што мораат да носат маски на работа подолго од осум часа дневно – велат дерматолозите со кои се консултиравме.
Според нив, ваквите проблеми најчесто се јавуваат кај младите девојки и жени, особено оние со сува и чувствителна кожа.
– Има искуства што покажуваат дека од носењето маски се добиваат акни. Кожата станува почувствителна и се јавуваат проблеми. Најчесто акните се појавуваат кај младите луѓе, кои и онака се склони, и тоа на пределот под брадата каде што работ на маската се трие од кожата. Кај мажите кожата на лицето е многу подобра поради тестостеронот, кој ја прави нивната кожа многу поотпорна – додаваат дерматолозите.
Тие истакнуваат дека дополнителен проблем е што маската се става на лице што е хормонално активно.

– Со триењето на маската се оштетува бариерата на кожата и се затнуваат порите. Со создавањето влага под маската, кожестиот материјал во фоликулата набабрува и тогаш се затнува излезниот канал на лојната жлезда. Исто така, на бактериите им одговара влагата што се создава под маската – велат докторите.
Нивни препораки за спречување на појавата на акни и други иритации на кожата предизвикани од носењето на маски, особено во летниот период, се избегнување синтетички маски, редовно перење на памучните маски на температура од 60 степени за да се уништат сите бактерии, барем двапати дневно измивање на лицето со вода и сапун што не ја суши кожата, како и почесто менување на маските за еднократна употреба.