Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во многу светски медиуми се пишува за длабоката загриженост на јавноста за „еден куп комплицирани правила за прекугранични патувања“, што, реално, предизвикува конфузија кај луѓето. Сето ова е дел од општиот светски метеж, збрка или отсуство на востановен унифициран систем во врска со пандемијата, во кој луѓето мора да побараат точни податоци пред да се одлучат да тргнат на пат. Од една до друга држава важат различни правила за патување, што дополнително го оптоварува туризмот. Како да се одговори на овој предизвик во светски рамки?

Која вакцина против ковид-19 е најшироко прифатена за меѓународни патувања?

Како изгледа туризмот во услови на светска пандемија? Да се вакцинираме, но со која вакцина? Дали притоа ќе има карантини, ПЦР или други тестови? Сето ова е дел од општиот светски метеж, збрка или отсуство на востановен унифициран систем во врска со пандемијата, во кој луѓето мора да побараат точни податоци пред да се одлучат да тргнат на пат. Од една до друга држава важат различни правила за патување, што дополнително го оптоварува туризмот.
Иако генерално границите се отворени, сепак, процентот на луѓе што патуваат туристички е драстично помал од пред пандемијата. Главната причина треба да се бара во различните протоколи за патување. Македонија е една од ретките држави каде што може да се патува исто како и пред пандемијата, но и тоа не е доволно за да се врати туризмот како што беше до 2019 година.
И светските медиуми пишуваат дека купот комплицирани правила за прекугранични патувања предизвикуваат конфузија кај луѓето.
Според истражувањето на „Економист“, најголемиот број земји примаат странски патници што ги примиле вакцините на „Астра Зенека“ и на „Фајзер“.
Најмалку земји, пак, ги примаат оние што ја примиле вакцината на „Синовак“, „Коваксин“ и „Кансинобио“.
Според споменатата анализа, можеби најголемиот тест на постпандемискиот свет ќе биде тоа колку ќе се вратат меѓународните патувања.
– Во 2020 година, меѓународниот туризам имал пад за 74 отсто во споредба со 2019 година. Во последните месеци, меѓународните патувања почнаа да закрепнуваат. Со 3,7 милијарди дози на вакцини администрирани во светот, многу луѓе трчаат да ги спакуваат куферите за патување во странство. Но не секое антитело стекнато со вакцина автоматски ви дозволува слободно да излезете од границите – пишува „Економист“.

Многу влади ги пречекуваат за посетители само оние што примиле одредени вакцини против ковид-19.
Овој месец Европската Унија соопшти дека нема да прима посетители што ја примиле вакцината „Ковишилд“, иако таа е идентична со вакцината „Астра Зенека“ што се користи во ЕУ, само затоа што не е одобрена од регулаторот на лековите на ЕУ.
Владата на Индија, каде што се произведува вакцината, се закани дека ќе возврати. Политиката може да влијае и на примателите на „Ковишилд“ и на другите места во светот, со оглед дека пет милиони дози се доставени во Велика Британија.
Ана Марија Алексова од Туристичко-угостителската комора вели дека во моментот поголем дел земји им дозволуваат влез само на вакцинирани.
– Сѐ уште не се знае како ќе се одвива состојбата од септември и дали новиот сој ќе ескалира и ќе има повторно затворање на границите – посочува Алексова.
Според неа, за да се врати туризмот во нормала, ќе бидат потребни уште две-три години, зашто сите се скептични со новите услови.
– Состојбата премногу ги плаши граѓаните за да се одлучат на патувања, а и за странците е слична ситуацијата, зашто ќе треба време тие да се вратат и да летуваат кај нас. Сепак, оваа година има мало придвижување во туризмот, бројките ќе ги знаеме кога ќе заврши сезоната. Падот на туризмот кај нас беше над 80 отсто. Тешко ќе ја вратиме 2019 година, кога беше најголемиот раст во туризмот – заклучува таа.
Сепак, здравствените власти посочуваат дека за да се постигне колективен имунитет на населението, треба да се вакцинираат над 80 отсто од граѓаните. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека поради тоа постојано се упатуваат апели и се спроведуваат кампањи за да се издигне свеста на населението за потребата од вакцина.

– Треба да се постигне колективен имунитет од 80 отсто, а ние сме далеку од тоа. Достапна е вакцината во сите пунктови, никој од граѓаните што ќе се пријават за вакцинација нема да биде вратен, сѐ со цел да имаме нормален живот.
Вакцинацијата не е задолжителна, но во исто време размислуваме да воведеме некакви ограничувања од септември или октомври доколку се соочиме со нов бран. Сепак, не можеме сите да страдаме затоа што некој не се вакцинира. Ние не можеме да живееме затворени. Мора светот да функционира, да биде отворен, затоа е и всушност измислена вакцината, за да се врати животот во нормала – вели Филипче
Според него, земјите околу нас процентуално не отскокнуваат многу во бројот на вакцинирани граѓани.
Последните анализи покажуваат дека најголем процент вакцинирани граѓани има во Кавадарци, 43,5 отсто, потоа следуваат Охрид со 42,9 отсто и Гевгелија со 41 отсто. Најмал процент вакцинирани граѓани има во Дебар, 17,3 отсто, во Тетово 17,1 отсто, а во Кичево 15,8 отсто.

[email protected]