Премиерот Зоран Заев да одговори дали е точно дека ќе има четири нови амбасадори на државата, и тоа: Теута Арифи во САД, Дане Талески во НАТО, Сашко Насев во Софија и Мишо Догмановиќ во Тел Авив, побара пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски на вчерашната седница за пратенички прашања.

Без да конкретизира, Заев одговори дека две од овие имиња се точни, две не се, но целта на Владата била да се дооформат и комплетираат амбасадите.

– Владата е во постапка на избор на амбасадори за непополнетите места. Тоа е во фаза на консултација со претседателот на државата, потоа ќе разговараме за владината седница, бидејќи Владата одлучува за тоа. Претседателот ќе даде дозвола за тоа, но сакам државата да ги има оформено амбасадорските места. Што поскоро ќе се постават амбасадорите, колку што сум запознаен. За двајца се разговара, за двајца не се разговара, но нашите амбасади треба да имаат амбасадори – одговори Заев.