Владината коалиција не смее да си поигрува со европската иднина на државата и треба да ги поддржи предлог измените на законот од ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе значат усогласување на Законот за употреба на јазиците со препораките на Венецијанската комисија, изјави Драган Данев, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

– Венецијанската комисија во своите препораки е децидна дека законските решенија ја надминуваат Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици. Тоа што е опфатено со законот не е европска пракса!

Решенијата во Законот за јазици се неприменливи и го нарушуваат основното право на правично судење во разумен рок. Венецијанската комисија утврдува и дека треба да се ревидира членот 3 кој ја регулира интерната и институционалната комуникација или истиот да се одложи.

Венецијанската комисија препорачува и ревизија на законот секое лице, вклучувајќи ги и оние кои не живеат во локалната заедница да користат друг официјален јазик.
На крај Венецијанската комисија смета дека треба да се сменат или одложат одредбите кои предвидуваат санкции. Од тие причини ние ќе предложиме суштински измени на законот кои ќе го доведат истиот во склад со европската практика.

Дополнително ја повикуваме власта да се води по Параграф 103 и да не ја користи скратената постапка за измени и дополнување на законот, туку расправата во однос на истиот да се одвива во редовна постапка, како ќе може да се исцрпат сите аргументи.

Обврска на власта е да ги прифати предложените измени од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во нив ќе биде преточена европската пракса и препораките на Венецијанската комисија.
Власта треба да ги прифати предлог измените од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи почитувањето на препораките на Венецијанската комисија е услов согласно францускиот нон пејпер за добивање датум за отпочнување на преговори со ЕУ.

Власта да не си поигрува со европската иднина на Македонија и да се издигне над коалициските интереси – истакна Данев.