Фото: Маја Јаневска-Илиева

Светот опстанал во тешките моменти затоа што се смеел, а истото тоа важи и денес, едногласни се хумористите и сатиричарите

АПРИЛИ-ЛИ-ЛИ ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА

Во период кога сите надежи за подобро утре се насочени во надежите кон побрза масовна имунизација и во моменти кога секојдневно расте бројот на новозаразени и жртви на ковид-19, секаде во светот, па и кај нас како да бледнее смислата на Меѓународниот ден на шегата. Има ли простор за шега во едни вакви трагични пандемиски времиња и кому сега му е до смеа? Или обратно, дали можеби хуморот и сатирата се токму тој издувен вентил за олеснување и таа толку неопходна „вакцина“ што го крепи духот на граѓаните.
Македонските хумористи и сатиричари по повод Денот на шегата, Први април, и натаму веруваат дека хуморот е единственото нешто што најдобро може да ја порази пандемијата.
Според нив, хуморот за време на криза е уште поважен од обично, тој го подигнува духот на луѓето, а ни коронавирусот не е исклучок од ова правило. Тие истовремено напоменуваат дека не постојат работи за кои не треба да се кажуваат шеги, но додаваат дека, за жал, кај нас има и многумина до кои можеби потешко допираат шегите поради боледувањата.
Македонските хумористи и сатиричари со кои се консултиравме потсетуваат дека нашиот народ има богата традиција за ведрина, сатира и шеги, а сето тоа потекнува уште од времињата на Итар Пејо.

Хумористот и сатиричар Војче Китановски вели оти се надева дека овој први април ќе биде последен во низата што го живееме со пандемијата.
– Може да се каже дека ѓаволот ни ја однесе шегата во времето кога живееме со оваа опасна ѓаволштина. Ние досега не сме имале ваков невидлив ѓавол, но и него, како и сите претходно, ќе го поразиме – вели Китановски.
Според него, духот кај нашиот народ е богат и силен, а хуморот и сатирата се нешто што нѐ одржува во живот и покрај многубројните опасности.
Китановски истакнува дека дури и во минатото кога Македонците се соочувале со војни, гладови и немаштии секогаш имало такви лица што знаеле да кажат шега со која им го подигнувале ведриот дух на сите околу нив.
Китановски вели дека најприфатена шега што тој ја кажува за пандемијата во јавноста се однесува на бурекот, бидејќи тој за разлика од претходно овој период најмногу се продавал оти бил највкусен.
– Кога ќе прашате зошто е тоа така, пекарот ќе ви одговори дека сега вкусот е сменет, бидејќи првпат пекарите навистина ги мијат рацете пред да го замесат – вели Китановски.
Тој вели дека во моментов Македонците се шегуваат и на политичко-здравствена основа.
Имено, според него, Бугарите помалку заболуваат од Македонците од вирусот бидејќи тој бил високосуфистициран.

– Светот во своите тешки моменти опстанал затоа што се смеел, а јас верувам дека истото тоа важи и денес – поентира Китановски.
Горан Ѓуровски-Ѓуро од „Зевзекманија“, пак, вели дека на сите ни требаат медицински и вакцинациски дози хумор за да можеме да ги преживееме полесно тешките моменти.
– Хуморот носи оптимизам во тешките времиња, а сатирата е алатка со која Македонците ги критикуваат политичарите за да си го разведрат денот – вели Ѓуро.
Тој советува дека сега на први април треба да го правиме она што нас нѐ прави среќни и насмеани.
– Сакам да им кажам на луѓето дека секој ден тие треба да се смеат бидејќи тоа најдобро го лекува стресот со кој живееме во пандемијата – вели Ѓуро.
Тој, пак, раскажува дека најдобра шега на први април е онаа што започнува со априли-ли-ли и продолжува со информациите дека до крајот на месецов без никаков проблем ќе има вакцини за сите.

Пандемијата како инспирација за шеги

Во кризни времиња улогата на хуморот, особено на „црниот“, е многу важна, а хуморот придонесува за некој вид олеснување и емоционална дистанца од проблемите. Доказ за оваа констатација се многубројните шеги и анегдоти присутни на социјалните мрежи што секојдневно ги испишуваат граѓаните.
„Сакаш да се видиме, имам антитела“ е шегата за пандемискиот живот ако младите сакаат да започнат романтична врска.
Низ социјалните мрежи во последните денови кружи карикатура што прикажува возач на итна медицинска помош, кој при доаѓањето до пациентот вели: „О, фала му на бога, конечно инфаркт. Доста ми е веќе од корона.“ На интернет кружи и терминот „ковидиоти“, преку кој најчесто се исмеваат надлежните.
„Коронавирусот е како тестенините: Кинезите го измислија, а Италијанците го проширија низ светот“ е уште една од редицата досетки што ги споделуваат граѓаните.

[email protected]