Иако деклариран противник на ревизионизмот, новоименуваниот шеф на грчката дипломатија Никос Дендиас, како опозиционер, јасно говореше дека не се согласува со содржината на договорот од Преспа и уверуваше дека има простор за негово „подобрување“, особено во делот за јазикот и за државјанството – идентитетот. Како оружје ги посочуваше преговорите за членство на Македонија во Европската Унија

И додека владите во Скопје и во Атина декларираат желби за продолжување на соработката и по победата на десничарската Нова демократија на Киријакос Мицотакис на предвремените избори во Грција, во јавноста се поставува прашањето кои се навистина ставовите и позициите на новата грчка влада и какви понатамошни односи може да се очекуваат, особено по завчерашното именување на Никос Дендиас за министер за надворешни работи. Имено, Дендиас, како опозициски пратеник во минатото, јасно говореше дека не се согласува со содржината на договорот од Преспа, особено во делот за јазикот и за државјанството – идентитетот.

Ќе издржи ли темелот на пријателството што го изградија македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров и поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, сега, со новоназначениот грчки дипломат, кој е адвокатот по професија и, барем досега, жесток критичар на она што го постигна неговиот претходник во однос на Македонија? Довчерашните позиции на новиот шеф на грчката дипломатија ѝ се помалку познати на јавноста, а од неговите јавни говори во грчкиот парламент и во тамошните медиуми во минатото може да се заклучи оти е, главно, критички настроен кон земјава, поради што, според некои домашни познавачи на состојбите, сепак би можело да дојде до девалвирање и на самиот Преспански договор. Иако неговите позиции беа и се во насока дека решението веќе постои, поточно дека договорот не може да се поништи, бидејќи тие како партија се против ревизионизам на договорите, сепак би можеле да се направат одредени подобрувања. Тој, впрочем, и изјавуваше дека доколку владата на доскорашниот премиер Алексис Ципрас додека ги водеше преговорите се консултираше и побараше помош од нив, решението ќе беше многу подобро за Грција.

– Постојат прашањата за јазикот и за националноста или државјанство, како сакате наречете го. Треба да се обидеме да ги подобриме овие работи. За ова, бидејќи како оружје ги имаме преговорите со Европската Унија, ќе направиме обиди – рече тогаш како пратеник од Нова демократија Дендиас и објасни дека тоа не значи дека сигурно ќе успеат, туку дека ќе се обидат.

Тогаш Дендиас додаде дека „договорот ги решава историските теми“ и тоа е нешто што тие може да го задржат онака како што е, а како позитивен го спомена членот 7 и истакна дека „не постои политичар од Нова демократија што поддржува промена на границите на Балканот“. За можностите за подобрување на договорот во европски рамки, во улога на кандидат за пратеник од Нова демократија, Дендиас говореше на 1 јули во интервјуто за „Еуроњус“ на грчки јазик.

– Ќе разговараме со нашите европски партнери и пријатели, да видиме каде се проблемите и како можеме да ги решиме. Ние сакаме добри односи со Скопје, па, оттука, и да им помогнеме на нивниот европски пат. Која би била „замената“, под наводници? Подобрување на проблемите во договорот од Преспа – објасни Дендиас.

На истава тема во интервју за телевизијата „Оне“, на почетокот на мај годинава, Дендиас истакна дека тие ќе се обидат да го подобрат договорот преку пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ, процес што тие го поддржуваат, бидејќи, како што објасни, така ја поддржуваат можноста за подобрување на договорот.

– Името Северна Македонија не може да се смени, но темите што се однесуваат на јазикот и на националноста се таму запишани, два члена на кои можеме да додадеме или да одземеме работи или да ги смениме. Секако, би претпочитале да го сторевме ние тоа од почеток за да имаме подобар договор. Но не се случи тоа – рече Дендиас во интервјуто за грчката телевизија на 6 мај годинава.

Ваквата констелација на состојбите, според поранешниот амбасадор Ристо Никовски, е предвестие дека Грција може да ги попречува нашите преговори за членство во ЕУ доколку не им се исполнат некои дополнителни барања.

– Со промена на Владата во Грција се менува и нивниот однос кон Македонија и, на одреден начин, се девалвира самиот Преспански договор. Иако Дендиас најави дека тие ќе сакаат нови преговори за договорот, тоа најверојатно нема да биде случај, бидејќи така само ќе се отвори Пандорината кутија. Меѓутоа, не треба да има никакви дилеми дека Грција сериозно ќе ги попречува нашите преговори за членство во ЕУ. Ако не на сите 35 поглавја, во најголем дел од нив ќе има свои забелешки, а тоа пред сѐ ќе се однесува на јазикот, на државјанството, поточно на оние проблеми што веќе ги посочи новиот министер. Кога Македонија ќе ги почне преговорите за Унијата, ќе започне нов од по маките, што само ќе потврди дека договорите со Бугарија и со Грција воопшто не ги решија проблемите што постојат меѓу нас и нив, туку ги отворија нашите рани, кои уште долго ќе крвават – вели Никовски.

Во меѓувреме, на оваа тема се огласи и Владата на Германија, која очекува новата грчка влада да го почитува Преспанскиот договор. Владиниот портпарол Штефан Зајберт на прес-конференција завчера во Берлин, пренесувајќи ја честитката од канцеларката Ангела Меркел до новиот грчки премиер Киријакос Мицотакис, истакна дека решението на долгогодишниот спор за името од страна на владите во Скопје и во Атина е историско достигнување што треба да се почитува.

Инаку, новиот шеф на грчката дипломатија Дендиас во минатото беше доста присутен во грчките медиуми.

Кога протестите за т.н. „македонско прашање“ беа актуелна тема во Грција, тој, јавно го имаше изразено својот став „против“, бидејќи сметаше дека „искуството покажало дека демонстрациите никогаш не помогнале во промоција на националните прашања на корисен начин“. Има неколкупати изјавено дека Грција и Нова демократија се против ревизионизам на договорите, но и дека договорот од Преспа е проблематичен во делот за јазикот и државјанството. Никос Дендиас е роден на островот Крф, студирал на Правниот факултет во Атина, а мастер-студиите ги завршил во Лондон.

Специјализиран е во две области: поморско право и криминологија. Во Нова демократија е активен од 1978 година, бил член на подмладокот на партијата, во 2004 година првпат бил избран за пратеник. Оттогаш, на сите следни избори одново добива доверба од граѓаните. Во периодот од јануари до октомври 2009 година беше министер за правда, а откако Нова демократија, како коалициска влада со ПАСОК и Демократската левица, повторно се врати на власт во 2012 година, Дендиас две години (од јуни 2012 до јуни 2014) беше министер за цивилна заштита. Оттаму замина во Министерството за развој, а по пет месеци се пресели во Министерството за одбрана, каде што остана до изборите во 2015 година. Од јануари 2016 година беше еден од координаторите на пратеничката група на Нова демократија.

Никос Дендиас

[email protected]