Фото: Дарко Андоновски

Високи владини извори сериозно и прецизно ја изнесуваат оцената дека огромен дел од судството и од судиите сака да ѝ се додвори на оваа власт, како што сакаше и на претходната. На овој начин егзекутивата го алоцира тежиштето на одговорноста за дисфункционалноста на правната држава токму во третата власт

Спроведувањето на законите во интерес на правдата, но и како коректив на другите две власти во државата (законодавната и извршната), теоретски го дефинира третиот столб на власта – судската власт! Иако редовно посочувана како „трет столб“, судската власт треба да е во рамноправна позиција со законодавната и со извршната власт.

Но функционалноста, ефикасноста, почитувањето на законитоста, интегритетот и, секако, независноста од политиката и надворешните влијанија, за македонското судство се принципи што се постојано предмет на критики на меѓународната заедница. Тоа не е ни чудно бидејќи појавите на кршење на основните принципи на кои почива судската власт стана хронична деструктивна појава за владеењето на правото во нашиот систем. Не попусто, функционирањето на третата власт е содржина на едно од првите поглавја што се отвораат во преговорите за членство со Европската Унија. Факт е дека судството во Македонија е сензитивна општествена тема, а и во последниот извештај на Европската комисија главните препораки се насочени токму кон интензивирање на реформите во судството, пред сѐ за ефикасна заштита од влијанијата и притисоците на политиката. Со еден збор, се бара независно судство, кое во последните години во Македонија е предмет на постојани критики. Сепак, практичното искуство и сознанијата за владеењето покажуваат дека ниту една (извршна) власт не е имуна да не врши влијание и притисок од позиција на моќ, таму каде што смета дека има интерес и можност да го оствари. Но во поглед на судството, постои и едно друго политичко видување.

Високи владини извори ја изнесуваат и оцената дека огромен дел од судството и судиите сака да ѝ се додвори на оваа власт, како што сакаше и на претходната. На овој начин политичарите го префрлаат прашањето за одговорноста, интегритетот и имунитетот од политички влијанија во „дворот“ на оние што треба да ја спроведуваат правдата. Со таквото гледиште на судството од извршната власт имплицитно наведува на квалификацијата, или барем го актуализира прашањето во јавноста, дека носителите на третата власт се додворувачи на политиката и претставуваат аморфна маса, која себеси лесно се моделира за да им удоволи на „повисоките интереси“.

Кој е ставот на стручната јавност за ваквите оцени и квалификации.
– Немам такво чувство (кое произлегува од долгогодишното работно искуство) дека судството во целост ѝ се додворува на политиката. Секако, ниту една власт, од каква и да е провениенција, не е имуна на тоа да се обиде да изврши влијание и притисок врз судиите. И тука се создава ситуација, односно се поставува прашањето колку судиите како личности се отпорни на таквите политички влијанија и евентуални притисоци, односно со колкав интегритет го спроведуваат законот. Сметам дека македонското судство, во сите овие години на независноста на државата, страда од неодговорност и задоволување само на сопствениот интерес. Таквата неодговорност почнува од првиот човек на судството, што се пренесува понатаму во хиерархиската поставеност.

Најсвеж пример е оној, со кој членовите на Судскиот совет самите си ги зголемија платите, игнорирајќи ја состојбата на другите вработени во судството и со тоа повторно ја покажаа својата неодговорност. Или се случува Владата да добие позитивна оцена од Венецијанската комисија за некој закон, но не даваат добра оцена за луѓето што го спроведуваат. Ефикасноста, одговорноста и интегритетот се рак-рана на македонското судство. Со таква неодговорност за своите постапки, судството во Македонија е далеку од критериумите за трета власт, одговорна за спроведување на правдата и корекција на другите власти – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија.

Во контекст на перцепцијата од извршната власт дека судството во принцип е наклонето кон додворување на секоја влада, професорката по уставно право, Гордана Силјановска-Давкова не е уверена дека судиите самите одат да ѝ се додворуваат на власта, туку повеќе дека тие се предмет на политички притисок. Притоа професорката смета дека е загрижувачки ако во Владата владее таква перцепција за додворувачко судство.

– Многу е лошо ако во извршната власт владее мислење дека судската (третата) власт е додворувачи настроена кон политиката. Од друга страна, тоа значи дека Владата признава дека не ја испушта можноста да врши влијание и притисок врз судството. Пред сѐ судството треба да се остави на мир од политиката за професионално да си ја врши својата работа и да ги спроведува законите. Во интерес на тоа, прво што треба да направи премиерот е итно да отстапи од претседателското место на Советот за реформи во судството и на Советот за реформи во администрацијата. Не може премиерот да ги канализира реформите во судството, туку сите предлози треба да дојдат од луѓето од судството и од оние што професионално се занимаваат со тоа.

Покрај тоа, од Владата треба да ветат дека ќе ги преиспитаат начинот и критериумите за избор на членови во Судскиот совет, зашто сега во него членуваат партиски луѓе без работно искуство во судството. Исто така, треба да ветат дека при изборот на судиите најголем акцент ќе се става на знаењето, способноста и етичките квалитети, а не да се стимулира подаништвото или, како што велат, додворувачкиот менталитет на судската власт. И пред сѐ и над сѐ, треба да се почитуваат Уставот и законите – вели професорката Гордана Силјановска-Давкова.