Каде е сега топката? Унгарскиот министер Сијарто уште во 2017 г. му подари топка на Димитров со посвета „Мора да шутнете за да погодите“

Колку лавината што ја предизвика случајот „Груевски“ може да влијае на кој било начин на стабилноста на обезбеденото мнозинство од 80 пратеници? Сериозни се или политички блеф сигналите и незадоволството, кои деновиве ги испраќаат политичките партии и пратениците во врска со опструкциите на спогодбата со Грција? Може ли аферата „Груевски“ да се искористи како повод за радикализација на албанските барања при промената на Уставот, како и за нова и проширена палета барања од други пратеници или политичари, против кои се води некаква постапка?

Мистериозната спектакуларност на исчезнувањето на поранешниот премиер Никола Груевски и неговото барање за азил во Унгарија поради политички прогон, како што самиот смета, а во мигот кога требаше да се јави на отслужување двегодишна затворска казна, по судската пресуда за предметот „Тенк“, сосема забележливо го стави во втор план медиумскиот интерес за спроведувањето на спогодбата од Мала Преспа и собраниските процедури во тој контекст. За разлика од приодот кон, како што во јавноста постојано се нагласува, „историската важност на спогодбата на Македонија и на Грција“, односно редефинирањето на македонскиот устав, приодот пак кон случајот со бегството на Груевски, освен што го тестира функционалниот капацитет на државните институции (МВР, правосудните органи, СЈО…), сѐ повеќе добива и сензационализам и му се придава поголемо внимание отколку на веќе почнатите суштински преструктурирања и процеси во државата. Некои политички аналитичари дури сметаат дека „со случајот на бегството на Груевски се врши дефокусирање од концесиите на македонската влада кон Бугарија и Грција“.

– Прашањето со бившиот премиер Груевски е одвлекување на вниманието, бидејќи во меѓувреме Владата на Македонија се согласува да ги промени прирачниците, учебниците, настаните, водичи, атласите, итн., заради Бугарија. Почекајте само додека Грција ги достави своите барања. Тоа и, секако, промената на името – напиша на својот профил на Твитер, Џејсон Мико, долгогодишниот проследувач на политичкиот и меѓународен развој на Македонија.

Тенденциите за ставањето во втор план на јавноста, а имено имплементацијата на спогодбата од Мала Преспа, може да се објасни и со собранискиот вакуум во процесирањето на четирите амандмани, кои беа изгласани на Комисијата за уставни прашања, а Законодавноправната комисија треба да почне да ги разгледува од денеска. Но сепак, бегството на Груевски од државава предизвика барање одговорност, па дури и за оставка на Владата од собраниската говорница, од страна на пратениците на партиите Беса и Алијанса за Албанците.

Пратениците од крилото на Беса на Билал Касами побараа одговорност од надлежните институции за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија, односно одговор дали тој навистина побегнал, или му било дозволено да си оди. Пратеникот Фадил Зендели од оваа партија смета дека институциите на системот потфрлиле и оти наместо да се погрижат Груевски денеска да биде на издржување на затворската казна, тој е во Унгарија од каде што бара политички азил.

Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, пак, имаше подрастично барање. Тој побара оставка од премиерот Зоран Заев, но и формирање експертска влада. Исто така, побара одговорност и од сите надлежни институции за бегството на Груевски, а од Јавното обвинителство да отвори постапка за сите за кои има сознанија дека му помогнале да побегне од Македонија. Експертската влада, според Села, ќе треба да ги продолжи евроинтегративните процеси, но и да ја спроведе реформата во судството и, како што рече, да одговараат сите судии за скандалите на кои сме сведоци.

Овие две партии на Албанците во Македонија, кои заедно имаат четворица пратеници во Собранието, веќе ја дадоа својата поддршката во двотретинското мнозинство за отворање на Уставот, но поднесоа и свои предлог-амандмани со кои, меѓу другото, предлагаат албанскиот јазик да стане втор официјален јазик во државата, а албанскиот народ декларативно да биде внесен во преамбулата на Уставот… Иако ја дадоа поддршката за пристапување кон уставните измени, последните барања за одговорност на институциите (поради актуелниот случај со Груевски) како и за оставка на Владата, повторно го отвора прашањето дали можеби тоа е нов услов на пратениците од Беса и од Алијанса за Албанците, за нивните гласови во понатамошната процедура за имплементацијата на уставните измени, во согласност со спогодбата од Мала Преспа. Колку бегството на Груевски може да влијае на кој било начин на стабилноста на обезбеденото мнозинство од 80 пратеници, или сигналите и незадоволство што ги испраќаат политичките партии и пратениците може да го загрозат спроведувањето на спогодбата со Грција. Политичките аналитичари веќе предвидуваат дека сега и по најновиот развој на настанатите со свои поголеми и условени политички барања ќе излезат и други пратеници, особено оние против кои се водат некакви постапки. Предупредувањата од Села и од Беса, и нивните барања за оставки и експертска влада, исто така не се за занемарување, бидејќи и тие сега може да ги радикализираат своите потези и барања, поттикнати од незадоволството поради бегството на Груевски. Токму овој настан сѐ уште предизвикува и лавина критики и внатре меѓу поддржувачите на СДСМ, па дури се најавува и реактивирање на Шарената револуција, доколку Груевски не биде вратен. Сето тоа се сигнали што го отежнуваат политичкиот процес и на еден или на друг начин може да влијаат и на спогодбата со Грција.

– Не верувам дека кој било од претставниците на албанските партии во Македонија би ја откажал својата поддршка на спроведувањето на спогодбата од Мала Преспа во Уставот. Какво било откажување од спогодбата би било погубно за албанските партии, во однос на поддршката на нивниот електорат. Дури и кога Беса и Алијанса за Албанците ги поднесоа своите предлог-амандмани, рекоа дека нивното прифаќање не ја условува нивната поддршка на спогодбата од Мала Преспа. Сепак, барањето за одговорност на инструкциите поради бегството на Груевски е сосема легитимно, дури и неизбежно бидејќи навистина претставува огромен пропуст, кој го става под прашање функционирањето на целиот државен систем. Но сметам дека барањето за оставка на целата влада е искажано малку политикантски – вели политичкиот аналитичар, Алберт Муслиу.

Од Владата, како предлагач на уставните измени, сметаат дека случајот со бегството на поранешниот премиер од издржувањето на затворската казна (и другите судски и истражни постапки што се водат против него), нема да го загрози парламентарното мнозинство потребно за имплементација на спогодбата од Мала Преспа.