На работниот појадок во Виена со канцеларот Себастијан Курц и со премиерите на Западен Балкан, присуствуваше вицепремиерот Aнѓушев

Колку случајот со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во земја-членка на ЕУ, но и пишувањата за вмешување и од амбасади на трети земји ќе влијае врз авторитетот на македонската дипломатија и врз надворешната политика на земјава кон Унијата и кон НАТО. По претходната интензивна и засилена агенда на нашата земја на планот на надворешната политика се добива впечаток дека сега работите како да се менуваат. Македонија пропушти да биде претставувана на највисоко премиерско ниво на работниот појадок во Виена со канцеларот Себастијан Курц и со премиерите на Западен Балкан, средба што е од важен карактер за нашата надворешна политика и евроинтегративен процес. Иако на местото на Зоран Заев отпатува вицепремиерот Кочо Анѓушев, објаснувањето од кабинетот на премиерот Заев за неговото отсуство во Австрија беше дека тој нема да присуствува на средбата поради внатрешнополитичките проблеми. Се разбира, барем според интересот што го предизвикува во јавноста на врвот на оваа листа проблеми, за која говори премиерот, е секако и сѐ уште нерасветленото бегство на Груевски.

Експертите сметаат дека на Македонија во овој случај ѝ е неопходна координирана дипломатска комуникација меѓу нашите дипломатски претставништва со МНР, како и продолжување на досегашната политика во меѓународните односи со другите земји. Сѐ друго што отстапува од овој курс, но и влегува во доменот на шпекулации и политички преписки треба да се отстрани. Поранешниот дипломат и амбасадор, Нано Ружин, вели дека нашата дипломатијата не е поврзана со овој настан и надворешната политика на земјава не може и не смее да се загрози поради последните случувања со Груевски.

– Тоа ќе можеше да е така доколку главни виновници за овој настан беа македонски политичари, дипломати… Споредба за евентуален ваков развој би бил примерот со неодамнешното убиството на саудискиот новинар, Кашоги, кој практично беше елиминиран од престолонаследник од Саудиска Арабија по што дојде до голем револт кај меѓународната заедница кон земјата-нарачател. Во нашиот случај со бегството на Груевски, но и дали тоа може да ѝ нанесе штета на македонската надворешна политика, сѐ се сведува на еден домашен проблем, но не и надворешен. Тој проблем е небудноста и пропустите на внатрешните институции односно триаголникот суд, МВР и СЈО. Во тој контекст евентуален негативен ефект што може да го очекуваме однадвор е критиката кон овие внатрешни органи на државата, но не и во дипломатијата. Владеењето на правото е круцијално за имиџот на земјава внатре, па оттаму може да кажеме дека тој е еднакво битен и надвор. Единствено со
нефункционирањето на овие институции, дипломатијата и надворешната политика може да претрпат штети – вели Ружин.

Поранешниот амбасадор во НАТО објаснува дека дипломатијата не е поврзана со овој настан. Според него, Македонија во периодов имала извонредни пробиви на овој план и успешно продолжува да ги прави на тоа поле.

– Надворешната политика на земјава е повеќе од задоволителна. Македонија направи исчекори за кои се чекаше повеќе од 20 години и ги реши отворените проблеми со Бугарија и со Грција. Оттаму може да се заклучи дека случајот со поранешниот премиер и можните заплети со други земји околу неговата екстрадиција во земјава не би требало да ѝ го урне авторитетот на македонската дипломатија и да ги премисли ЕУ и НАТО во нашите евроинтегративни политики – завршува Ружин.

Со различен став е професорот по меѓународно право во пензија Лазар Лазаров. Тој отсуството на премиерот Заев на состанокот во Виена со премиерите од Западен Балкан, на кој меѓу другото присуствува и европскиот комесар за проширување и соседска политика, Јаханес Хан, го толкува како прва немоќ во чекорите на нашата надворешна политика.

– Мое мислење е дека Македонија не треба домашните проблеми да ги рефлектира кон надвор. Иако едното со другото безмалку е поврзано, во овој миг земјава треба да биде што е можно поактивна на меѓународно поле. Сликата што ја стекнавме периодов на стабилен играч во дипломатијата не треба да ја изгубиме пред очите на Европа и на САД. Се надевам дека отсуството на премиерот во Виена и неговата замена со вицепремиерот не треба да се сфати сериозно, но говори доволно пред меѓународната заедница дека во земјава нешто не чини и поради тоа премиерот не може да присуствува на местото каде што е поканет. Се надевам дека случајот со поранешниот премиер нема да им го урне интегритетот на македонската дипломатија и на надворешната политика, а земјава уште еднаш ќе докаже дека е дорасната да се носи со сите проблеми како на домашен така и на меѓународен план – вели Лазаров.
Инаку, државите од Западен Балкан за време на средбата во Австрија се изјаснија во прилог на засилена регионална соработка, за подобрување на перспективата за членство во ЕУ.

– Сметам дека мора да покажеме поголема подготвеност за соработка во регионот ако сакаме потоа да соработуваме и со Европа – изјави македонскиот заменик-премиер Кочо Анѓушев во Виена.

Албанскиот премиер Еди Рама нагласи дека патот кон подобра соработка е процес, кој, пак, може да ги реши постојните проблеми. Лидерите на државите од Западен Балкан во Виена имаа заеднички работен појадок со австрискиот канцелар Себастијан Курц. Тој на заедничката прес-конференција, рече оти Австрија е силен партнер на земјите од Западен Балкан, со кои има силни историски, економски, политички, културни и човечки врски.

– Сметаме дека ЕУ ќе биде комплетна дури откако Западен Балкан ќе биде во неа, затоа ги поддржуваме овие земји на патот кон ЕУ и имаме посебен фокус на овој регион за време на нашето претседавање со Европската Унија – наведе Курц. Тој истакна оти учесниците на работниот појадок имале можност да се фокусираат на три важни прашања – на патот на регионот кон ЕУ, на неопходна регионална соработка и на решавање на билатералните конфликти. Тој им се заблагодари на сите гости за добрата соработка меѓу Австрија и нивните земји, но и на еврокомесарите, особено на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан за она што го работи во регионот. 


Не е реален истовремен влез во ЕУ за земјите од Западен Балкан

Проширувањето на Западен Балкан е еден од приоритетите на Европската Унија (ЕУ), а секоја држава ќе се третира одделно, според постигнувањата, порача еврокомесарот за проширување Јоханес Хан од Виена. По средбата со лидерите на Западен Балкан, Хан рече дека не е реален истовремен влез во ЕУ на земјите од Западен Балкан, но и дека сите шест земји имаат европска перспектива. Инаку, на состанокот стана збор за европската перспектива на Западен Балкан, регионалната соработка и за билатералните конфликти.