Фото: Маја Јаневска-Илиева

Грчкиот парламент се подготвува за историска одлука која ќе биде донесена вечерва, со големи очекувања за ратификација на Преспанскиот договор. Ако грчките пратеници ја усвојат спогодбата државата што се нарекуваше Македонија, по распаѓањето на СФР Југославија, ќе се преименува во Република Северна Македонија. На овој ден му претходеше 27-годишен спор помеѓу Грција и Македонија, додека протестите и натаму продолжуваат. Договорот стигна во финалната фаза, во Атина, откако беше ратификуван во Скопје, пренесува Би-би-си.

Се очекува гласањето да биде тесно, но се чини оти грчкиот премиер Алексис Ципрас ја обезбедил потребната поддршка. Според последните анкети, две третини од Грците се противат на Преспанскиот договор, а десетици илјади од нив излегоа на протест во неделата, но се чини дека масовноста на демонстрациите се намалува.

– Бројот на демонстрантите не е голем како во претходните години. Пораката на собирот оти Македонија е една и единствена и грчка е екстремно националистичка – вели универзитетскиот професор Димитрис Христопулос. 

Наспроти демонстрантите, поголемиот дел од противниците на спогодбата во Грција не се согласуваат да признаат оти идентитетот и јазикот на соседите се македонски. 

Поддршката на историската спогодба ќе значи дека промената на името на Македонија ќе стапи на сила и ќе биде за општа употреба. Јазикот ќе остане познат како македонски, а граѓаните на Северна Македонија и натаму ќе се ословуваат како Македонци. Грција ќе биде должна да ја поддржи интеграцијата на Македонија во НАТО и во ЕУ, што претставуваше предмет на расправа во изминатите години.

Двете држави се согласуваат и за потребата „за воздружување од иредентизам и ревизија во која било форма“, што треба да ги смири стравувањата на Грците за наводните територијални претензии на Македонија. Потписничките ќе треба да се справуваат со пропагандата во своите држави, а формираа и комисија за објективно толкување на историјата. Поимите Македонија и Македонци ќе се однесуваат на различен историски контекст и културно наследство, односно оти едниот од нив е словенски и не е поврзан со античка Грција. Северна Македонија ќе изврши ревизија на сите јавни градби и историски споменици кои се однесуваат на античката грчка историја.

Значителен дел од Преспанскиот договор се однесува на идната меѓусебна соработка, која се однесува на сообраќајот, индустријата и на туризмот. Еден од предизвиците ќе биде работата на Заедничкиот интердисциплинарен комитет што ќе треба да испита дали е потребна ревизија на учебниците во двете држави.