Фото: Игор Бансколиев

Предлагајќи вакво решение, политичарите треба да објаснат кој е заедничкиот именител на борбата на Гоце Делчев како македонски и како бугарски револуционер. Затоа што ако се борел за Бугарија, тогаш требало да се бори за онаа идеја на Санстефанска Бугарија, односно за ослободување на Македонците (како Бугари) од Отоманската Империја и за обединување со Бугарија. Но Гоце Делчев, како македонски револуционер, се борел за автономна и независна Македонија и тоа е суштината на неговата идеологија и на македонизмот. Тоа се две тотално различни идеологии, судир на идеи што се одбиваат, кои можат Делчев да го направат не споделена, туку само поделена личност, вели историчарот Тодор Чепреганов

Барајќи заеднички именител за Гоце Делчев, политичарите можат да влезат во уште покомпликуван лавиринт

Политичкиот хорор-заплет за историските прашања и личности, што го актуализира Бугарија, преку својот објаснувачи меморандум до ЕУ со барање тие да станат услов во преговарачката рамка за Македонија, во наративниот развој стигна до личноста на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Всушност, усогласувањето за неговата националност и целта на неговото револуционерно дејствување од крајот на 19 и почетокот на 20 век, уште минатата година се покажа како критичната точка во работата на македонско-бугарската историско-образовна комисија, формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Условувајќи ја својата поддршка на Македонија за започнување на преговарачкиот процес со ЕУ, Бугарија преку објаснувачкиот меморандум посредно открива дека токму личноста и делото на Гоце Делчев се фокусот во кој се прекршува посебноста на македонскиот идентитет и нација, кои тие се обидуваат да ги оспорат прикажувајќи ги како дел од бугарскиот.
Колку и да се обидуваат јавно да го избегнуваат или да го релативизираат ова прашање, наводно во интерес на македонските евроинтеграции и необременување на и така сложените македонско-бугарски односи, по гласната дебата во македонската (па и бугарската) јавност, беше прашање на време кога и првите луѓе во власта ќе треба да ги изнесат своите позиции за оваа тема. И тоа се случи во ист ден, премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски да кажат нешто што може да се сублимира како: Гоце Делчев е македонски револуционер, но тоа не ја исклучува можноста да биде и бугарски.

– Гоце Делчев е македонски револуционер, но исто така е факт дека Бугарија и Бугарите го сметаат исто така за бугарски револуционер. Факт е дека имаме наш град што се вика Делчево, во Бугарија има град Гоце Делчев, имаме споменици во Северна Македонија и во Бугарија. Заедно со премиерот Борисов се поклонивме во Благоевград на споменикот на Гоце Делчев, но и заедно се поклонивме и на гробот на Гоце Делчев овде во Скопје, и реалноста и фактите се тие – рече премиерот Заев.
Во сличен тон и дух, своето гледиште за Гоце Делчев го искажа и македонскиот претседател Стево Пендаровски.
– Тој е македонски револуционер, кој придонел многу за нас. Но за оние што тврдат дека тој се борел за Бугарија, тоа за мене не е спорно. Секој може да чувствува некого како свој херој. Нека го чествува кој сака, тоа може само на нас Македонците да ни прави поголем мерак. Исто е и со Мајка Тереза, нема да се расправаме дали е Албанка или Македонка – го кажа Пендаровски своето гледиште за надминување на актуелниот проблем во македонско-бугарските односи содржан во прашањето за Гоце Делчев.
Обидувајќи се со политички мека и спогодбена реторика да предложат компромис за прашање што ја надминува компетенцијата на политичарите, се чини дека македонскиот претседател и премиер не пријдоа на соодветно уреден и прецизен начин да ја искажат недвосмисленоста на македонските позиции пред ЕУ за ултиматумите што ги поставува Бугарија. Од друга страна, недоволната прецизност и јасност можеби дополнително ги искомпликува (толкувањето на) историските факти и вистинското значење и улога на Гоце Делчев, преку идејата за негово „споделено чествување“.

– Повторно политиката се истрчува пред историската наука. По идејата на политичарите за заедничко чествување на Македонија и на Бугарија, на Гоце Делчев, ќе испадне дека тој бил една личност, но двајца револуционери. Предлагајќи вакво решение, политичарите треба да објаснат кој е заедничкиот именител на борбата на Гоце Делчев како македонски и како бугарски револуционер. Зашто ако се борел за Бугарија, тогаш требало да се бори за онаа идеја на Санстефанска Бугарија, односно за ослободување на Македонците (како Бугари) од Отоманската Империја и обединување со Бугарија. Но Гоце Делчев, како македонски револуционер, се борел за автономна и независна Македонија и тоа е суштината на неговата идеологија и на македонизмот. Тоа се две тотално различни идеологии, судир на идеи што се одбиваат, кои можат Делчев да го направат не споделена, туку само поделена личност. Секако, тоа е апсурд.

Нема никаква логика за „поделба“ на личноста на Гоце Делчев, кој уште додека бил жив станал легенда на македонската борба за независност и е темел на македонизмот. Ако се дозволи вакво политичко споделување на македонскиот револуционер Гоце Делчев, потоа по аналогија им се одзема македонскиот карактер на сите други македонски револуционери и се поткопува самиот темел на македонизмот – вели историчарот Тодор Чепреганов, кој цени дека политичарите повторно наместо да ја избистрат работата, уште повеќе ја заплеткуваат. Чепреганов ги изразува и своите сомневања дека ваквите политички изјави се можеби и порака до историчарите од заедничката комисија во која насока да ги водат разговорите со бугарската страна во однос на прашањето за Гоце Делчев.
Социологот Илија Ацевски, пак, размислува дека да се дели темелот на една нација со некоја друга е логички гледано глупаво и понижувачки. Тој смета дека токму Гоце Делчев е темелот на идејата за македонската независност и државност, и тој е црвената линија што не смее да се премине за какви било перспективни ветувања и очекувања.

– Клучно во прашањата што ни се наметнуваат на нашиот пат за ЕУ, а што малкумина од политичарите го разбираат, е дека не може да се тргува со колективната меморија на една нација. Покрај јазикот, територијата, историјата, она што ја поврзува нацијата е колективната меморија, која не мора секогаш да претпоставува и историски факти. А Гоце Делчев, покрај тоа што е историски факт, е клучна фигура во колективната меморија на Македонците, додека тоа воопшто не е во бугарската колективна меморија. Тоа го потврдува и оваа актуелна позиција на бугарската политика во однос на македонските евроинтеграции, во настојувањата да „објаснат“ со меморандуми дека сме и вештачки, но и сме произлегле од нив. Во тој сегмент на колективна меморија, Гоце Делчев не можат да го делат две нации – вели социологот Илија Ацески.