Во земјава постои забрана за употреба на пластичните кеси уште од 2012 година, но таа не се применува, бидејќи непосредно по донесувањето на забраната беше донесен и правилник за стандарди за биоразградливост, со кој, пак, се поништува напишаното во законот

Додека Европа ги исфрла од употреба пластичните кеси, Македонија се соочува со сериозен еколошки проблем од пластичниот отпад, иако ние не заостануваме многу во легислативата зад земјите од Европската Унија. Во земјава постои забрана за употреба на пластичните кеси уште од 2012 година, но таа не се применува, бидејќи непосредно по донесувањето на забраната беше донесен и правилник за стандарди за биоразградливост, со кој, пак, се поништува напишаното во Законот за управување со пакување и отпад од пакување.
На почетокот од својот мандат, министерот за животна средина Насер Нуредини најави дека од 2021 година пластичните кеси повеќе нема да се употребуваат во земјата.
Според најавите, новиот предлог-закон предвидува и нова забрана на пластичните кеси, кој со европско знаменце е во собраниска процедура уште од декември минатата година, но уште чека да биде донесен.
Во измените се предвидува во иднина повеќе да нема бесплатни пластични кеси по маркетите, односно тие да може да се продаваат по минимална цена од 10 денари.
Во меѓувреме, од минатата недела, од 3 јули, во државите од ЕУ веќе не смее да се користат и продаваат пластични кеси, односно во Унијата стапи во сила забраната за продажба на различни типови производи од еднократна пластика.

Отсега во ЕУ трговците се обврзани да се префрлат на продажба на вакви производи од материјали што може да се рециклираат. Сепак, она што веќе го имаат набавено трговците од пластичните производи за една употреба и е складирано во нивните магацини, може да се продава додека се потроши.
Законот дозволува натамошна употреба на влажни марамчиња, влошки, тампони и производи од тутун со филтер, но тие во иднина треба на пакувањето или на самиот продукт да имаат и информации за содржината, како и да биде наведено какви последици за животната средина би имало неправилно постапување по нивната употреба.
Од друга страна, во екот на туристичката сезона во земјата, се добива впечаток дека најмногу од сѐ на удар на загадувањето од пластичен отпад се нашите најпознати туристички локации – езерата, реките и планините.
Јован Секуловски од нуркачкиот клуб Амфора од Охрид во својот осврт за случувањата вели дека езерскиот бисер во земјава, за жал, во последно време се соочува со високо еколошко загадување.
– При нашите многубројни акции за чистење на езерските води, принудени сме да го чистиме Охридско Езеро од разновиден отпад, од кој најголемиот дел е пластичен. Овој отпад во најголем дел е во пловна или полупловна состојба и, на тој начин, тој се движи и загадува поголеми површини од езерото. Ние во нашите акции верувавме дека загадувањето најмногу доаѓа од местата што се и најмногу посетени од туристите, но последното наше истражување покажа и дека голем дел од еколошкото загадување на езерото пристигнува од реките што се влеваат во водите на Охрид. Овие реки минуваат низ густо населени места и тие во својот тек со себе носат големи количества секаков отпад, кој завршува во Охрид – раскажува Секуловски.

Тој објаснува дека под нивото на водата и на него досега се исчистени големи количества отпад, кој, освен од пластика, е составен и од метални конструкции, градежен шут, амбалжни шишиња, па дури и од предмети од домаќинството.
Секуловски објаснува дека нам во моментов ни е потребно мултифункционално решение за ефективно чистење на нашето езеро со кое од него ќе се исфрли отпадот што го загадува и кој ја нарушува неговата убавина.
Од друга страна, „Иницијативата за забрана на пластични кеси“ неодамна информира дека во 2019 година производството на кеси во земјава достигнало 5.333 тони, бројка што е речиси повеќе од двојно од 2008 година.
Во изјава за новинарите, претставничката на „Иницијативата“, Андријана Папиќ-Манчева, вели дека исфрлањето на кесите е само еден мал сегмент од сѐ што треба да направи Македонија. Таа објаснува дека за да се постигне максимален ефект, потребно е граѓаните да се однесуваат одговорно кон животната средина, а дополнително и да има и соодветно образование и едукација за младите за штетното влијание на пластичниот отпад.

Ние до неодамна пазаревме со платнени торби. До неодамна пазаревме со торби и кеси направени од поиздржливи материјали. Реупотребата е многу важен елемент кога зборуваме за заштита на животната средина и тоа е нешто што беше типично и за нашето општество до не толку одамна. Кога сме среде климатска криза, најмалку што можеме да направиме е да излеземе од комфорната зона и да се ослободиме барем од оваа пластика за една употреба, без која, верувале или не, сите можеме да живееме – вели Папиќ Манчева.
Пратеничката од ДОМ, пак, Маја Морачанин вели дека законот би можел да претрпи мали измени за допрецизирање на категориите на кесите за да се намали можноста за повторно негово изигрување.
– Термините оксоразградливи и биоразградливи кеси треба да бидат дефинирани, што значи тоа, кои се стандардите по кои нештата се класифицираат, а не во правилник како што е уредено со Законот. Бидејќи навистина има разлика, оксоразградливи се полиетиленски кеси, тие побрзо се разградуваат во природата отколку вообичаените што ги користиме, но сепак се многу поштетни во однос на биоразградливите, кои најчесто се добиваат од скроб, кој не прави никаква штета по животната средина – вели Морачанин.

[email protected]