Зошто голем дел општини се незаинтересирани да ја искористат можноста за транспарентна и брза комуникација со граѓаните, но и да се пофалат со реализација на мали и големи проекти и зафати, особено сега, пред престојните локални избори

Мала луксузна населба со 142 вили со базени, хотел, ресторани, спа-центри се гради во скопската општина Сарај, а жителите на оваа општина немаше ништо да знаат доколку не беа информирани од медиумите наместо од надлежните преку општинската веб-страница. Ниту една информација нема на официјалната страница на општината не само за ова туку и за други активности. Страницата не функционира неколку години, а со тоа граѓаните се оневозможени да остварат каква било електронска комуникација со надлежните од локалната самоуправа.
Зошто голем дел од општините се незаинтересирани да ја искористат можноста за транспарентна и брза комуникација со граѓаните, но и да се пофалат со реализација на мали и големи проекти и зафати, особено сега, пред престојните локални избори?
– Навистина веб-страницата ни е некако оставена настрана и моите помлади соработници повеќе информираат на фејсбук-страницата на Општината. Ќе се потрудиме да ги поправиме работите, иако општинската веб-страница, признавам, треба да ги информира граѓаните, но и преку неа да се одговара на нивните поставени прашања. Некаде од 2009 година профункционира општинската страница на Сарај и чинам тогаш таа многу подобро функционираше отколку сега. Имавме посебен дел на неа каде што граѓаните поставуваа прашања и ние им одговаравме. Сега, пред избори, мислам дека многу попотребни ни се директните комуникации со граѓаните, иако можеби со нив треба да комуницираме и преку официјалната општинска страница. Но ќе се потрудиме работите да се променат – вели Блерим Беџети, градоначалникот на скопската општина Сарај.
Се обидовме да контактираме и со некои други општини во земјава. На мејл-адресите на општинските страници на општините Долнени, Дебар и Ранковце поставивме прашања дали комуницираат со граѓаните преку нивните општински страници, информираат ли за нивните активности и на колку прашања од граѓаните одговориле. Но од ниедна од нив не добивме повратен одговор.

Од Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) велат дека оние општини што не информираат преку веб-страниците информираат преку фејсбук-страниците, за кои ништо не плаќаат, и од ЗЕЛС не се согласуваат дека општините не се доволно транспарентни.
– Прашањето за транспарентноста на општините досега не е третирано на седниците на највисоките тела на ЗЕЛС, но во рамките на ЗЕЛС тренинг-центарот беа организирани поголем број обуки за лицата за односи со јавноста токму на оваа тема. Општините се посебни единици на локална самоуправа и секоја креира одредени политики на организирање на надлежностите, во согласност со законите, и во таа насока спаѓа и ова прашање. Сепак, може да кажеме дека не е голем бројот на општини што во систематизацијата на работните места имаат утврдено позиција на лице за односи со јавноста и притоа имаат и вработено лице за односи со јавноста. Поголемиот број општини се снаоѓаат на начин што овие активности му ги доверуваат како дополнителни обврски на некој од општинската администрација. Сето тоа ја создава и големата шареноликост што може да се забележи на веб-страниците на општините, односно има општини што повремено ги дополнуваат веб-страниците со информации, има општини и кои воопшто немаат веб-страници. Но има и општини што секојдневно и редовно ги информираат своите граѓани за сето она што се случува и организира во нивната општина – објаснуваат од ЗЕЛС.
Оттаму сметаат дека тоа го покажува и последното редовно годишно рангирање на институциите што го врши Центарот за граѓански комуникации (објавено на 3 јуни 2021 година), каде што, според Индексот на активна транспарентност, општините во однос на 2020 година бележат пораст на активната транспарентност од 5,5 процентни поени. Општина Карпош има максимални 100 процентни поени, односно тие ги објавуваат сите предвидени информации.

Втора е Крива Паланка, со 95,7 процентни поени, а следуваат и многу други општини што исполниле над 80 процентни поени.
– Не би се согласиле дека општините не се транспарентни. Помалите општини, кои можеби помалку ги користат веб-страниците како средство за информирање, ги користат пак социјалните медиуми, со што известуваат побрзо и не плаќаат за одржувањето на веб-страницата, а исто така тие користат и повеќе други форми на непосредно учество на граѓаните, собири на граѓани, форум во заедницата, потоа често практикуваат директни приеми на граѓаните кај градоначалникот и слично – посочуваат од ЗЕЛС.
Од ЗЕЛС дополнуваат дека кај оние општини што редовно ја користат веб-страницата како еден од начините за информирање на граѓаните може да се забележи висок степен на овозможување двонасочно електронско комуницирање на граѓанинот и општината. Тие поставуваат форуми за одредени теми, многу често функционираат алатките за „пријави проблем“ за прашања од областа на комуналните проблеми и,,систем 48“, потоа овозможено е електронски да му се постави директно прашање на градоначалникот. Некои општини имаат поставено листи на услуги со формулари за пополнување и испраќање. Се поставуваат и алатките за ,,пријави корупција,“, потоа службените гласници, отворени податоци, одлуки, извештаи од јавни набавки, детални урбанистички планови… Исто така јавно се пренесуваат седниците на советите. Од ЗЕЛС велат дека ќе продолжат со јакнење на капацитетите на локалната власт и во оваа област, за сите општини да имаат приближно исто високо ниво на транспарентност спрема граѓаните.