Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дали најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ ги менува својот курс, реторика и пристап кон решавање на актуелните политички прашања поврзани со спогодбата од Мала Преспа со Грција. Оваа дилема е актуелна во домашната јавност по последниот протест, на кој водството на партијата изнесе голем број критики на сметка на актуелната власт на различни теми, политички, економски, па дури и еколошки, но се доби впечаток дека изостануваат нивните претходно редовни критики поврзани со спогодбата од Мала Преспа.

Стручната јавност со која се консултиравме е поделена по прашањето дали ВМРО го менува својот став, но истакнуваа дека сето тоа е составен дел на една започната кампања и дејствување што навестува можни предвремени парламентарни избори, кои би можеле да се одржат следната година, истовремено со претседателските избори во Македонија.

Политичкиот аналитичар Александар Пандов вели дека тој од своја перспектива на протестот не добил впечаток дека изостануваат критики од раководството на ВМРО-ДПМНЕ околу штетната спогодба од Нивици за Македонија.
– Јас по ова прашање не очекувам промена во курсот на партијата околу негацијата на договорот од Нивици, бидејќи тој е штетен и антидржавен, бидејќи со тој договор Македонија го губи уставното име, а македонскиот народ го губи идентитетот – вели Пандов.

Тој истакнува дека во ниту еден момент не забележал дека Мицковски отстапува од досегашните политики на ВМРО-ДПМНЕ.
– Бев на протестите и од она што можев да го слушнам, насобраните граѓани скандираа три работи: ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и оставка од Владата, барајќи избори. Притоа граѓаните не мислеа на претседателските избори, туку на предвремени парламентарни избори – вели Пандов.

Аналитичарот истакнува дека ако ВМРО сака да излезе навистина на изборите, тие се можни единствено со исполнување на сите неопходни предуслови поставени во пржинскиот договор, со што ќе се овозможат фер предуслови за нивно спроведување.
– Очекувам најконкретно и Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со своите дејствувања да се изборат за предвремени парламентарни избори, кои ќе се случат истовремено со претседателските, бидејќи ако не се случи тоа, јас верувам дека ВМРО нема да учествува на претседателските избори, односно ќе ги бојкотира – вели Пандов.
Тој вели дека во парламентот има уценети пратеници за случувањата од 27 април и истрагите на СЈО.

– Тие пратеници во моментов не дејствуваат според своите убедувања туку гласаат според стравот од Шутка-прогонот против нив – заклучува аналитичарот.
Од друга страна, универзитетскиот професор Нано Ружин смета дека, според изложеното на последниот протест на ВМРО-ДПМНЕ, веројатно Мицковски, бидејќи е доволно интелигентен, сфатил дека целата меѓународна заедница го посакува договорот со Грција, кој не е само обичен билатерален договор туку во себе има геополитичка и геостратегиска тежина за целиот регион, не само за Македонија.
– На овој начин Мицкоски сфатил дека ќе мора да го почитува договорот и затоа тој сега има одредени ретерирања од своите позиции на реториката и тој не е многу остар кон прашањето за договорот – вели Ружин.

Тој напоменува дека сето тоа што се случува во моментов е нормално, бидејќи е карактеристика на секој политичар што настојува да успее во своето дејствување и да ја освои власта во земјата, а преку ублажувањето на својот став Мицкоски веројатно бара и порака или формула за обединување по ова прашање.
– Сѐ друго верувам дека е одраз на внатрешните случувања во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи партијата сѐ погласно е поларизирана меѓу оние што го прифаќаат договорот и оние што не го прифаќаат. Натаму тоа се забележува и од големиот број пратеници на партијата, од кои добар дел гласаа и ќе гласаат позитивно за ова случување – вели Ружин.

Професорот истакнува дека тој видливо гледа нова ориентација на ВМРО-ДПМНЕ по која Мицковски ќе се „движи“, односно дејствува до идните парламентарни избори, кои во април или мај следната година е можно да се одржат заедно со претседателските.
– Во пресрет на тие избори оваа промена на ставот може да е и компензација за загарантираното членство на земјата во НАТО, бидејќи ВМРО, според изјавите на Мицкоски, и натаму сака да остане проатлантски ориентирана партија и затоа мислам дека има одредено интонирање во овој правец за хипотетички утре некој да не може да каже дека партијата во одреден момент била против ЕУ и НАТО – вели Ружин.
Во меѓувреме, пак, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема промена кон партискиот став кон ова прашање.

– За нас останува оцената дека се работи за штетен договор, кој содржи елементи спротивни од националните и државните интереси на Република Македонија и во чие креирање беа исклучени јавноста, опозицијата и претседателот на државата, па токму затоа партијата се придржува до својот принципиелен став во однос на штетниот договор – велат од ВМРО-ДПМНЕ.