Според аналитичарите независните пратеници се практично исчезнати од парламентот - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Која е положбата на политичките фриленсери без партиска логистика и без големи финансии

Од аголот на познавачите на политичките системи од универзитетската фела, вистинската конкурентска предност на независните кандидати над партиските е дека овие вторите имаат и реално и правно инфериорна положба во однос на политичката партија. Второ, дека посредништвото на пратеникот (избран од партија) во релацијата со граѓаните е прекинато во корист на политичката партија. И трето дека целосната „власт“ на политичката партија над кандидатот за пратеник е очигледна и пред, а и по изборите, а „од слобод(оум)ниот мандат на пратеникот нема ни трага ни глас“

Деновиве официјално почнаа роковите на ДИК во кои независните претенденти за пратеничка функција може да собираат потписи за кандидирање на претстојните избори. Кандидати за независни пратеници, односно избрани независни пратеници во парламентарните состави кај нас имало, но феноменот на релацијата на независниот кандидат (пратеник) со гласачите и, уште повеќе, со оние неопределените не е разгледуван подлабоко. Во ситуација кога долго време бројот на неопределените гласачи е голем и постојано расте, политичките аналитичари ја истакнуваат теоретската врска меѓу независните кандидати за пратеници и неопределените гласачи. Според аргументите на познавачите, неопределените граѓани од една страна и независните кандидати за пратеници од друга страна се повикани еден на друг, особено кога слабее довербата во политичките партии.

Независните кандидати за пратеници по потрнлив пат до пратеничката функција

Во домашната јавност токму сега се актуализираат дилемите колкави се шансите независните пратеници да ги освојат симпатиите на неопределените гласачи и да се наметнат како алтернатива, како во македонскиот така и во албанскиот политички блок за време на претстојните предвремени избори. Од аголот на познавачите на политичките состојби, вистинската конкурентска предност на независните кандидати над партиските е дека овие вторите имаат и реално и правно инфериорна положба во однос на политичката партија. Второ, дека посредништвото на пратеникот (избран од партија) со граѓаните е прекинато во корист на политичката партија. И трето дека целосната „власт“ на политичката партија над кандидатот за пратеник е очигледна и пред, а и по изборите, а „од слобод(оум)ниот мандат нема ни трага ни глас“.
Познавачите на политичките состојби во земјава велат дека во државава, со години, не се случило независни кандидати да излезат на избори за пратеници, за што како една од причините се посочува изборниот модел со шест изборни единици што ги фаворизира големите партии. Освен тоа, за една листа со дваесет кандидати за пратеници треба да се соберат минимум илјада потписи од конкретната изборна единица, во многу краток рок без партиската логистика, со што дополнително се отежнува процесот за независните претенденти. Истата квота потписи важат и за поднесување кандидатура за пратеници во дијаспората. Затоа, учеството на независни кандидати на изборите главно е позастапено за време на локални избори.

Се претопуваат ли слободните мандати на „независните“ во партиските?

Хронолошки гледано наназад, Македонија памети неколку независни пратеници што успеале со своите кандидатури да обезбедат пратенички мандат во Собранието. Според информациите објавени на веб-страницата на македонското собрание, досега независни пратеници имало најмногу во почетните години од плурализмот. Во првиот пратенички состав од 1991 до 1994 година, тројца пратеници во собраниските клупи седнале како независни кандидати. Тоа биле Димитар Трпеноски, Ефтим Манев и Тодор Петров. Во следниот состав од 1994 година до 1998 година независен пратеник бил само Лазар Димитров. Оттогаш политичките партии и широки коалиции ги претопуваат овие независни пратеници и тие повеќе во изборните циклуси не успеваат независно да стигнат до пратенички мандати во самите избори, туку се приклучуваат во склопот на изборните коалиции предводени од големите партии во земјата. Дополнително во политичкиот живот и во медиумите се регистрирани примери каде што голем број пратеници поради различни причини во определен момент за време на својот мандат истапуваат од своите партии и само на тој начин се изјасниле како независни.
Во меѓувреме, со развојот на случувањата во парламентот, интересна дијагонала може да се повлече и со феноменот на сѐ поголемиот пораст на гласачи во земјата што се неопределени, односно во своите видувања за политиката не се идентификуваат со големите политички партии во земјата.

Ќе гласаат ли неопределените за независните?

Во тој прилог можеби одат и истражувањата на голем број домашни институти од оваа област. Како таков пример е поранешната сондажа на Институтот за политички истражувања, кој во своја анкета изработена во септември лани, посветена на претстојните избори во 2020 година, добил податоци дека огромен процент од македонското гласачко тело е неопределен или не знае за кого ќе гласа. Имено, на прашање за која партија би гласале граѓаните, Институтот добил одговор од 26,1 проценти од испитаниците дека нема да гласаат на изборите за ниту една партија, 17.7 отсто изјавиле дека не сакаат да одговорат на ова прашање и 9,7 проценти од испитаниците не знаеле за кого ќе гласаат.

Слични резултати за високиот процент на неопределени гласачи во земјата покажува и истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), спроведена во периодот од 15 ноември до 1 декември 2019 година, на национален репрезентативен примерок од 1.000 испитаници. Во ова, пак, истражување повеќето анкетирани, 41,3 отсто, изјавиле дека немаат доверба во ниеден политичар, а 8,5 отсто одбиле да одговорат на ова прашање или одговориле со „не знам“, со што речиси половина, 49,8 отсто, од граѓаните искажуваат целосна недоверба кон политичката елита во земјава.
Во сублимиран заклучок, политички аналитичари со кои се консултиравме велат дека може да се подвлече одредена паралела на овие политички состојби во земјава во која со години не постојат примери каде што независни пратеници освоиле мандат, а истовремено бројката на неопределените гласачи е во пораст.

Каков е ставот на политичките аналитичари по прашањето за независните кандидати за пратеници кај нас?

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека моменталната законска регулатива за едно лице да стане пратеник е исклучително временски и материјално изискувачка и истовремено скапа за граѓанин што е независен во политичките гледишта од партиите самостојно да се кандидира на изборите.
– Има премногу мал временски рок за собирање потписи за независен пратеник, па дури и да ги собере, постои т.н. неофицијален затскриен притисок од партиите и институциите, со што дополнително се отежнуваат собирањето 1.000 потписи и пополнувањето на законските барања за да може да се кандидира кандидатот. Натаму, во практиката во земјава без партиска логистика и без големи финансии, тешко кој би можел воопшто да се нафати за овој предизвик – вели Пекевски.

Тој додава дека доколку во иднина се промени актуелната законска регулатива, сосема е можно да очекуваме бројот на независните пратеници да се зголеми или барем да личи на бројот на независните во Собранието во првите два мандата.
– Јас верувам дека само со промена на регулативата би можеле во парламентот да добиеме една подемократска и поразновидна парламентарна слика во која нема до овој степен да доминираат главните две најголеми партии. На крајот на краиштата, од денешна перспектива, слободно може да се каже, по ова прашање, дека во првите години на плурализмот парламентарниот состав беше подемократски и поразновиден – вели тој.

Натаму, според Пекевски, независните пратеници ако добијат шанса, исто така, би можеле да ги мотивираат и неопределените гласачи, кои се во голем број, да гласаат за нив, иако во овие анкети треба да се знае дека во практика оние што се изјасниле за неопределени во суштина само одбиле да одговорат на прашањето поради страв од политичка одмазда.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски на темава, пак, вели дека независните пратеници се практично исчезнати од парламентот, бидејќи сѐ се должи на функционирањето во политиката на затворените партиски листи, кое како принцип на работа го форсираат големите партии и на таков начин тие доминираат во политичкиот амбиент во земјата.

– Од друга страна, голем број истражувања на терен што се однесуваат на неопределените гласачи велат дека тие иако на анкетите се изјаснуваат како незаинтересирани за партиите сепак на крајот на денот на изборите го даваат својот глас. Но не секогаш за истата партија и, гледано низ бројки, станува збор за гласови од 10 до 12 пратеници, кои дури и да се дадени за нов политички субјект не би било доволно да се отслика функционирањето на една сериозна нова партија – резимира Арсовски.

[email protected]